Секојдневно зависиме од 50 илјади видови од дивината

27.07.2022 03:59
Секојдневно зависиме од 50 илјади видови животни, растенија, алги и печурки од дивината

Заштитата на биодиверзитетот не е потфат кој донесува бенефити исклучиво за самата природа, туку е од суштинска важност и за благосостојбата на луѓето. Милијарди жители ширум светот секојдневно ги користат дивите видови за исхрана, заработка, енергија или нешто четврто, открива најновиот извештај на Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и услуги за екосистемот (ИПБЕС).

„Седумдесет проценти од сиромашните во светот директно зависат од дивите видови. Еден од пет луѓе се потпира на растенија, алги и печурки за исхрана и стекнување приходи; 2,4 милијарди употребуваат огревно дрво за готвење и околу 90 проценти од вкупно 120 милиони риболовци се поддржани со мал риболов“, наведе д-р Марла Р. Емери од ИПБЕС. „Но редовната употреба на дивите видови не е многу важна само на глобалниот југ. Од рибите што ги јадеме до лековите, козметиката, декорациите и рекреацијата, дивите видови ги употребуваме многу повеќе отколку што тоа го сфаќаат повеќето луѓе.“

Студијата на ИПБЕС, која беше објавена неодамна, донесува увиди, анализи и алати кои се неопходни за воспоставување поодржлив систем за користење на животните, растенијата, алгите и печурките. На студијата четири години работеа 85 водечки експерти од природните и општествените науки, како и познавачи на староседелското и локалното знаење. Во пишувањето на студијата им се придружија уште 200 автори, а заклучоците се темелат на повеќе од 6 200 извори.

Употребата на дивите видови носи значајна заработка за милиони жители во светот. Две третини од индустриската обловина потекнува од диви видови дрвја, трговијата со диви растенија, алги и печурки донесува милијарди американски долари. Дури и користењето на дивите видови, кое не бара нивна екстракција, претставува профитабилен бизнис. На пример, туризмот заснован на посматрање диви видови е еден од клучните причини што пред пандемијата со коронавирусот, заштитените подрачја на глобално ниво беа домаќини на 8 милијарди посетители и генерираа 600 милијарди американски долари годишно.

Меѓу негативните влијанија за дистрибуцијата и изобилството на видовите во дивината се истакнуваат промените на копнените и морските предели, климатските промени, различните видови загадување и инвазивните видови. Актуелната криза на биодоверзитетот, која доведе во ризик од изумирање милион видови, се заканува дека ќе го зголеми стресот и со себе ќе однесе многу благодети од природата кои се однесуваат на човечката заедница.

„Прекумерната експлоатација е една од главните опасности за опстанокот на многу копнени и морски видови во дивината“, предупреди професорот Џон Доналдсон од Јужна Африка. „Решавањето на причините за неодржливо користење и правење пресврт во овие трендови секаде каде што е можно, ќе резултира со подобри исходи за дивите видови и луѓето кои зависат од нив“, порача тој.

Во извештајот се идентификувани пет широки категории активности на човекот кои се потпираат на дивите видови - риболов, берба, сечење дрвја, собирање копнени животни (вклучително и ловот) и неекстрактивни практики. За секоја од активностите авторите понатаму разгледувале различни цели како исхраната на луѓето и животните, производство на материјали, правење лекови, церемонијални обреди и слично.

Изминативе 20 години користењето на дивите видови претежно е зголемено, а одржливоста се разликува од случај до случај. Се проценува дека 12 проценти од видовите диви дрвја се загрозени од неодржлива сеча, неодржливата берба е една од основните закани за неколку групи растенија особено кактусите, цикадите и орхидеите, додека неодржливиот лов врши притисок на 1 341 вид цицачи од дивината. Опаѓањето на бројот големи видови кои имаат ниски природни стапки исто така се поврзува со ловот.

Уште едно загрижувачко сознание на ИПБЕС е дека обемот, вредноста и мрежата на трговијата со диви видови значително се зголемени во последниве четири децении. Истражувачите истакнаа дека нелегалната трговија со дивите видови е третиот најголем вид илегална трговија со проценета годишна вредност од речиси 200 милијарди американски долари. Најголем обем и вредност им се припишуваат на дрвјата и рибите.

Во иднина дивите видови ќе се најдат на уште посилен удар - и тоа пред сè заради глобалното затоплување, зголемената побарувачка и технолошкиот напредок. Тоа дополнително ќе го отежне нивното одржливо користење. Но со соодветни политики, трансформативни промени и прилагодување, соживотот на луѓето и дивите животни е можен без страдање.

„Одржливата употреба на дивите видови е важна за сите луѓе во сите заедници - и овој извештај ќе им помогне на донесувачите на одлуки ширум светот да изберат прописи и акции кои ќе ги поддржат општеството и природата“, заклучи извршната секретарка на ИПБЕС, Ен Ларигодри.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jo Nakashima

Извор: https://klima101.rs/