Најтоплата година во историјата на мерењата и сите нејзини екстреми

17.01.2024 03:07
Најтоплата година во историјата на мерењата и сите нејзини екстреми

Заради климатските промени 2023 година беше најтоплата година некогаш измерена. Оваа оценка доаѓа по шест последователни рекордни месеци од јуни до ноември, и со самото тоа минатото лето и есента официјално се прогласени за најтопли.

Во моментов неславното место светски победник во најтопла година ѝ припаѓа на 2016-та. Гледано на глобално ниво, периодот од јануари до ноември 2023 година е за 0,13 степени целзиусови потопол од истиот период во 2016 година, а истовремено е дури за 1,46 степени потопол од прединдустрискиот период.

Во текот на целата година бевме сведоци на нерамномерна распределба на врнежите што е опасна последица на климатските промени, зашто предизвикува суши и поплави наизменично: вкупната годишна количина врнежи не се менува значително, но рекордите на дневните врнежи само се нижат од година во година. Исто така, само зголемувањето на средната глобална температура на воздухот од 1 степен предизвикува атмосферата да може да прими околу 7 проценти повеќе влага која е гориво за посилни и разорни бури во текот на летото или појави со силен дожд во текот на останатите сезони.

Исто така, поплавите кои се случуваа ширум светот не нè заобиколија ни нас, но за среќа во помал обем. Во Италија, областа Емилија-Ромања кон средината на мај ја погодија незапаметени поплави, со штети кои се мерат во милијарди евра. Поплавите се нижеа, па така централна Грција и Либија во септември искусија исклучително силни поплави со огромни материјални загуби и смртни случаи.

Од друга страна, во текот на летото ширум светот беснееја пожари. Еден пожар, поттикнат од серија топлотни бранови во Грција, беше најголемиот откако постојат мерењата во ЕУ, зафаќајќи огромна површина со големина на Њујорк. Годинава грчката влада планира да ги зголеми туристичките такси за да ги санира климатските катастрофи кои ја погодуваат од година во година.

На Балканот летово се случија и суперќелиски бури. Рекордните температури на воздухот и морето забележани ширум светот во текот на летото, со претходниот влажен период, додадоа гориво за создавање толку силни бури. Сето тоа зборува дека климатските промени овозможуваат одлично гориво за екстремни неприлики, а локацијата на самиот настан зависи од дополнителните фактори кои се совпаѓаат (на пример, појавата на таканаречени млазни струи над Балканот).

И за крај, на светско ниво беше прогласена најтоплата есен некогаш измерена. Драстичните промени на топли и студени денови во оваа екстремно топла година предизвикаа да гледаме клима која драстично се разликува од годишните времиња на кои сме навикнати.

Заради климатските промени и потпомогната од Ел Нињо, 2024 година може да биде и потопла од 2023-та

Споредувајќи ги двете најтопли години некогаш измерени досега во светот, 2016-та и 2023-та, доаѓаме до уште поразувачки заклучоци со прашањето: А каква ли ќе биде 2024 година?

Имено, во текот на 2015/2016 година имавме појава на природен периодичен феномен Ел Нињо, кога порастот на температурата на водата во Тихиот океан достигна вредност од дури 2,6 степени целзиусови кон крајот на 2015 година. Овој ефект има помалку одложено дејство: прво се загрева Тихиот океан и својот максимум го достигнува во зимските месеци, а потоа топлиот воздух се вовлекува во атмосферската циркулација и со тоа влијае на климата ширум светот и дополнително го зголемува ефектот на климатските промени. Крајот на 2015 година беше период кога се случи најсилниот Ел Нињо од 1950 година па наваму, а потоа 2016-та беше најтоплата година некогаш измерена.

Пролетта минатата година американската Национална администрација за океани и атмосфера објави почеток на нова фаза на Ел Нињо. Меѓутоа, температурата на водата која ја одредува јачината на Ел Нињо и неговите последици достигна 1,8 степени, заклучно со анализите на температурите за ноември 2023 година.

Со други зборови, 2023-та е потопла од претходната рекордерка 2016-та, иако овогодинешниот Ел Нињо судејќи според сè е послаб од оној од 2015 година. Тоа укажува дека доминантен ефект во климатските промени е антропогениот фактор, а не Ел Нињо, како годинава, така и во годините што следат.

Својот максимум на загревање Ел Нињо го достигнува во декември и јануари, па 2024 година претендира навистина да биде најтоплата година. Проценките на метеоролозите се дека 2024-та ќе биде потопла за 1,5 степен во однос на прединдустрискиот период, што првпат ќе значи пречекорување на прагот од Парискиот договор. Секако, за навистина трајно да го преминеме тој праг не е доволно ваквите аномалии да се забележуваат само во текот на една година, туку во климатолошки среден период од 20-30 години.

Тоа би го објаснила преку метафората со човекот кој шета пес.

Движењето на човекот може да ја опише климата и нејзиното движење која е променета заради антропогените фактори и зголемувањето на емисијата на јаглеродниот диоксид, додека движењето на песот би претставувало клима која е условена од природниот варијабилитет на климата (природните циклуси во атмосферата и океанот, влијанието на Сонцето, вулканите).

Песот некогаш шета пред сопственикот, некогаш зад него и неговото движење речиси е невозможно да се прогнозира. На тој начин природната варијабилност некогаш на пократки временски интервали може да го ослабне или интензивира глобалното затоплување, но главен сигнал и водич на промените сепак е антропогениот фактор (шетачот на песот). Со помош на еден композитен климатски индекс, кој во себе ги сумира сите проценки за екстремните настани, може да се добие оценка на таканаречена „екстремна година“. Минатата година беше најтоплата откако постојат мерењата, но за жал, изгледа дека нема долго да ја задржи таа титула.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Paul Ressencourt, Simon Roche

Извор: https://klima101.rs/