Демократиите не се во „повлекување“

09.10.2023 02:12
Демократиите не се во „повлекување“

Изгледа дека 2023-та ќе биде уште една лоша година за демократијата. Се одиграа неколку државни удари во Африка. Тунис - земјата која долго ја фалеа како светол пример за успешна демократска транзиција по арапската пролет - поминува низ консолидација на авторитарниот (и ксенофобичен) режим. Се чини дека Доналд Трамп е на добар пат да обезбеди републиканска номинација за американските претседателски избори во 2024 година.

Мошне е важно како го опишуваме таквиот развој на настаните. Зашто знаеме дека изборот на зборови предизвикува последици. За жал, некои од зборовите кои се користат за да се опише глобалната рецесија на демократијата, имаат несакани ефекти. Еден од нив е „повлекување “ - збор кој сигурно придонесува за необичната пасивност на продемократските сили.

Светот не се „враќа“ на режимите што ги памтиме од минатото, денешните динамики и околностите не се истите оние што веќе добро ги познаваме и разбираме. Прифатеното конвенционално размислување нè учи дека најголемата предност на демократијата, која ни самата не е имуна на грешки, е тоа што е способна да учи и да се прилагодува од направените грешки. Токму според тоа демократиите се разликуваа од другите политички системи. Меѓутоа, новите авторитарни сили покажуваат дека и самите се способни да се прилагодуваат и да учат од грешките, сопствените или на своите претходници и сојузници.

Всушност, модерните автократи имаат готов прирачник со упатства за консолидација, спроведување и чување на власта, а ефикасноста на техниките кои ги користат во голема мера зависат од способноста да сочуваат барем некои од надворешните обележја на демократијата. Како што покажаа Сергеј Гуриев и Даниел Трејсман, режимите на новите спин диктатори нималку не наликуваат на насилните или дури геноцидни „диктатури на стравот“ од 20 век. Тие го отфрлаат отвореното користење репресија за јакнење на своите позиции. Исто така избегнуваат директно кршење на законите и правосудниот систем порадо го ставаат во служба на остварување на своите цели користејќи го она што некои автори го нарекуваат „автократски легализам“.

Новите автократи се фокусирани на манипулирање со јавното мислење, со истовремено поткопување на демократските норми и институции на кои го темелат својот легитимитет. На пример, наместо груба репресија според стариот модел, ги користат модерните технологии за надзор и шпионските софтверски пакети за да ги идентификуваат потенцијалните дисиденти. Наместо да испраќаат припадници на тајните служби среде ноќ, испраќаат финансиска инспекција за да пронајде пропусти во сметководството на невладините организации или медиумските куќи.

Спин диктаторите по потреба самите фабрикуваат нови „факти“ на терен. На пример, на екстремно десните популисти во Полска и Унгарија им појде од рака Европската унија да ја држат во заблуда доволно долго за да ја консолидираат власта со целосна реорганизација на институциите во земјата, со промена на нивниот состав. Штетата што ја направија не е непоправлива, но тоа станува сè потешко секој ден.

Тоа не значи дека денешните автократи се политички волшебници способни постојано да ги држат сите луше во заблуда. И тие прават многу грешки кои можат да им ја загрозат власта, додека како резерва секогаш го имаат насилството но и други средства за отворена репресија. На рускиот претседател Владимир Путин не му беше тешко по инвазијата на Украина да се откаже од сите привиди на законитост или толеранција спрема неистомислениците. Сепак, поентата од почетокот на текстот е валидна: ова не е едноставно враќање кон авторитарзмот што ни е познат од минатото.

Повлекувањето е погрешен избор во секој поглед. Како и фразата „ерозија на демократијата“, повлекувањето упатува на заклучок дека ова е еден вик случајност или дури квази-природен процес. Што не е точно зашто авторитарните политичари работат според план кој често го препишуваат едни од други. Кога унгарскиот премиер Виктор Орбан еднаш покажа дека ЕУ може да се држи во мрак за да се купи време за консолидација на автократијата, другите го направија истото, вклучувајќи ја и владејачката партија во Полска.

„Повлекувањето“ исто така имплицира дека тековната рецесија на демократијата е линеарен процес. Како што забележуваат Шон Хенли и Личија Сијанети, така „ризикуваме да ги прифатиме интелектуалните ограничувања на транзициската парадигма од деведесеттите години, само со обратен предзнак“. Во двата случаи доминантно е уверувањето дека веќе сите се движат во иста насока. Со таа разлика што неоснованиот оптимизам (сите напредуваат кон поробустни облици на демократија) е заменет со неоснован песимизам (сите демократии се во фаза на „ерозија“).

Реално, мислењето дека денешниот свет поминува низ сеопфатно и неизбежно поместување кон автократијата, исто така е неосновано како и мислењето дека демократијата е безбедна. Тоа го потврдува фактот дека авторитарните популисти можат да ја изгубат власта на избори - иако не секогаш.

Динамиката на овие флуктуации е видлива преку примерот со Чешка и Словачка. Во Словачка, по периодот на либералниот отпор кон авторитаризмот и корупцијата, архипопулистот Роберт Фицо, кој е наклонет кон Путин, е на пат по вонредните избори да се врати на власт. Можеби зборот повлекување треба да се замени со зборот „занесување“ кој Хенли и Сијанети го предлагаат како најдобар опис за ова често непредвидливо цик-цак движење.

Ако ја прифатиме претпоставката дека демократиите имаат праволиниско, практично неизбежно движење кон авторитаризмот со стар стил, ја пропуштаме приликата да ги испитаме можните насоки за излегување од новиот авторитаризам. Пред изборите на кои се одлучува за судбината на авторитарните политичари на власт - како во Унгарија минатата година или во Турција годинава - либералните коментатори имаат јасна визија за посакуваниот исход; но немаат козјане што да понудат на темата план за првиот ден по гласањето.

Можеби од нив зборува фатализмот; зашто всушност никој не очекува промена на власта. Но тоа може да биде и последица на интелектуалната мрзеливост на авторите кои се задоволуваат со готови лекции од претходните транзиции - занемарувајќи ги на тој начин новите елементи во денешните автократски системи. Би требало да го прифатат фактот дека во споредба со номенклатурата од комунистичката ера луѓето кои денес ги поддржуваат новите авторитарни сили се мотивирани од сосема поинакви причини. Луѓето со големи влогови во клептократската мафијашка држава и корумпираната војска немаат интерес да седат да преговарачка маса.

Генерализациите - како оние кои се темелат на искуството од минатото - водат во погрешна насока. Во тоа е поентата. За да ја сочуваме, обновиме и глобално да ја промовираме демократијата, потребни ни се детални анализи на секој поединечен случај, а не само генерализирани забелешки за „глобалните трендови“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Derek Paul Jack Boyle

Извор: https://www.project-syndicate.org/