Неуспех на левиот популизам

12.03.2019 02:07
Неуспех на левиот популизам

Додека во Венецуела се продлабочува кризата, конзервативците во САД и ширум светот самозадоволно ликуваат над катастрофата на чавезизмот и предупредуваат на опсаноста од „социјализам“. И навистина, во моментот на поделби во шпанскиот Подемос и падот на популарноста на грчката Сириза, дури и непристрасните набљудувачи можат да заклучат дека „розовата плима“ на левиот популизам е во опаѓање.

Но ваквите проценки ги поистоветуваат меѓусебно многу различните политички феномени. Единствена програма која тврдеше дека ексклузивно го претставува „народот“, истовремено прогласувајќи ги нелигитимни сите противници на „социјализмот за 21 век“, без разлика дали е тоа чавеизам, кој навистина претставува јасна закана за демократијата. Но чавеизмот е специфична левичарска идеологија ставена во калапот типичен за сите популисти.

На крајот на караиштата, популистите од лево и од десно настапуваат како ексклузивни претставници на добриот и вреден народ. Сите останати конкуренти во борбата за моќ, тие ги отпишуваат како корумпирани, а сите граѓани кои не ги поддржуваат ги прогласуваат за предавници. Нивната политика не е само антиелитистичка, туку и антиплуралистичка.

Наспроти тоа, другите облици на таканаречениот лев популизам треба да се гледаат како обиди да се креира нова верзија на социјалдемократијата. Овие напори се одвиваат во рамки на демократскиот плурализам (иако понекогаш се спротивставуваат на овие рамки: Сириза се обиде да ги ја поткопа независноста на судството и слободата на медиумите). Во случаите во кои успеале да ја освојат власта со почитување на правилата на демократската игра, на граѓаните им понудиле нови опции и на тој начин го вратиле претходно изгубеното чувство на политичка застапеност.

Инстиктивната реакција на овие партии била тие да се етикетираат како „антисистемски“ и затоа се дел од проблемот. Но ова гледиште претставува израз на интелектуална мрзливост и ја превртува состојбата на работите наопаку. Истото важи и за гледиштето според кое „народот“ сака поларизирачка и поемоционална политика. Овие партии и движења ги оствариле политичките и изборните успеси не затоа што се „популистички“, ниту затоа што сакаат да ја поткопуваат демократијата, туку затоа што нудат препознатливо левичарска политика.

Водечките современи мислители на популистичката левица изнесуваат две тврдења за својата политичка стратегија. Првата е дека популизмот ја пополнува празнината што настанала кога традиционалната левица се споила со десницата, создавајќи го она што Шантал Муф, советничката на Подемос и движењето „La France Insoumise“, го нарекла „постдемократска политика“. Штом социјалдемократите на запад ја усвоија центристичката политика на „третиот пат“ – или „тачеризмот со човечко лице“, граѓаните веќе немале вистински избор. Разликата помеѓу мејнстрим партиите, како што забележала Муф, се свела на избор меѓу Пепси и Кока-кола.

Според Муф, десниот популизам на Жан Мари ле Пен во Франција и Јерг Хајдер во Австрија претставувал очајнички „крик на народот“ против овој недостиг на избор. Францускиот социолог Дидије Ерибон во своите длабоко трогателни мемоари од 2009 година, „Враќање во Римс“, совршено ја илустрилал динамиката за која зборува Муф. Мајката на Ерибон која некогаш гласала за комунистите, денес гласа за екстремното десничарско Национално собрание (некогашниот Национален фронт) на Марин ле Пен – заради протест против денешните социјалисти кои се претвориле во неолиберали.

Меѓутоа, иако можеме да се согласиме со дијагнозата што ја даваат застапниците на левиот популизам, не мора да ја прифатиме нивната клучна теза: дека најдобар одговор на денешната криза на застапување е слика на политиката како судир меѓу граѓаните од сите идеолошки убедување, од една страна и малубројните групи на олигарси ((„la casta“), од друга страна. Идејата што се подразбира во оваа слика е дека граѓаните, како мајката на Ерибон, се уморни од традиционалната левица и дека трагаат по свеж пристап. Или како што кажува Подемос: „Ако сакате да ја направите вистинската работа, го го правете тоа што би го направила левицата“.

За време на кризата во еврозоната, популистичката левица разви „трансверзална стратегија“, која ги пресекуваше традиционалните идеолошки поделби, под претпоставката дека граѓаните ќе се согласат за своите маки да ја обвинат финансиската олигархија. Замислата била на овој начин да се привлечат не само левичари, туку и поддржувачи на десничарски настроените популистички партии, заземајќи позиција која во праксата, но не според името – ќе биде левичарска. Надежта се вложувала во идејата дека гласачите ќе престанат да ги обвинуваат имигрантите за своите проблеми ако има се покаже вистинскиот виновник – финансискиот капитализам.

Меѓутоа, колку и да е оправдана критиката на финансискиот капитализам, прашање е дали застапниците на левиот популизам се во право кога тврдат дека повикувањето на „народот“ може да ги мобилизира граѓаните, особено работниците, а дека оживеаниот јазик на левицата не може да го стори тоа. Иако за емпириски одговор на ова прашање потребни се повеќе циклуси на избори, досегашните податоци не го поддржуваат популистичко/националистичкиот пристап.

На пример, на француските претседателски избори во 2017 година, Жан-Лик Меланшон од движењето „La France Insoumise“ ја напушти својата типично универзалистичка, класна реторика и го воведе дискурсот на „народ“. На неговите митинзи, наместо црвени знамиња почнале да се виорат француските тробојки, а Интернационалата е заменета со Марсељезата. Меѓутоа, иако Меланшон добро помина на изборите и за малку не влезе во вториот круг, францускиот социолог Ерик Фасан констатира дека „La France Insoumise“ успеало да придобие само 3 отсто гласачи на Националниот фронт.

Меланшон не е единствениот европски левичар кој заклучил дека „трансверзалната стратегија“ бара приклонување кон национализмот. Сара Вагенкнехт од германската партија „Die Linke“ (Левица), направила движење кое требало да ги соедини различните левичарски партии, истовремено привлекувајќи ги и гласачите на десничарската Алтернатива за Германија (AfD). Но, досега единствена препознатлива карактеристика на нејзината кампања „Стани!“ е противењето на „отворените граници“.

Оваа стратегија би можела да се покаже како контрапродуктивна. Ако ништо друго, се чини дека ќе ја зајакне позицијата на десните популисти со прифаќање на премисата на нивната имиграциска политика, истовремено отуѓувајќи ја интернационалистичката левица. Се чини дека токму тоа се случи во Италија, каде владата идеолошки ја насочува екстремно десничарската Лига, а не движењето Пет ѕвездички, кое формално е посилниот партнер во коалицијата.

Како што истакнува Фасен, наместо да ги таргетираат работниците чијашто склоност кон десничарскиот популизам можеби е мотивиран од побуна против незаузданиот капитализам , а можеби и не, левичарите би требало да се концентрираат на апстинентите кои би можеле да се вратат на гласачките места. Овие последните можеби трагаат по политики инспирирани од идеалите на општествена солидарност, а не на оживеаниот национализам.

Левицата успевала кога нудела јасни алтернативи на прашањата како што се станбената политика и финансиската регулација, а не кога го повикувала „народот“ (уште помалку „нацијата“). Како примери можат да послужат Џереми Корбин, лидер на Лабуристичката партија и Берни Сандерс, независен сенатор кој ѝ беше противкандидат на Хилари Клинтон на минатите предизбори во Демократската партија во САД и кој штотуку ја најави својата кандидатура за претседателските избори во 2020 година. Она што овие кандидати го нудат не е „социјализам“, туку освежувачка мешавина на социјалдемократски политики што може да ги привлече сите оние на кои им е смачено од Пепси, Кока-кола и останатите неолиберални бучкуруши од моменталната понуда.

Слики: Nate Kitch

Извор: Project Syndicate

 

ОкоБоли главаВицФото