„Траги” – самостојна изложба на Горан Ристовски

27.10.2023 10:37
„Траги” – самостојна изложба на Горан Ристовски

На 28-ми октомври во 20 часот, во КСП Центар –Јадро ќе биде отворена самостојна изложба со наслов „Траги”, на визуелниот уметник Горан Ристовски.

„Во овој негов циклус дела, заинтригиран од модификацијата на природниот пејзаж, и одново „привлечен“ од сензацијата која цртачките елементи на изразот и класичниот графички отисок се способни да ја дадат, Ристовски, инаку графичар по вокација, одново се навраќа на чистиот графички израз, претставувајќи ни цртежи и графики, овојпат работени исклучиво во техника линорез, со димензии кои варираат главно помеѓу 100х60см, 80х50 и 50х70см“ – стои во текстот за изложбата на историчарката на уметност, Ангела Витановска.

„Горан Ристовски ја критикува човечката сурова интервенција врз природната средина низ финиот апстрактен цртеж и експресивно педантно изработената графика. Погледот ни го заматуваат меката линија и потезите на бришење, создавајќи експресивно линеарен третман кој ги спојува цртежите и графиките (линорези) во нови „Избришани пејзажи”. Тој ни нуди некои природни простори што некогаш постоеле. Уметникот својот активизам го практикува забележувајќи сцени од девастација на природата, повикувајќи на свесност, а не бегство во индиферентност“- пишува за творештвото на Горан Ристовски кураторката Дијана Томиќ Радевска.

Горан Ристовски е визуелен уметник кој живее и работи во Струга. Во 2009 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот за графика, насока графички дизајн. Во 2013 година заедно со други локални уметници го формираат уметничкото здружение ИНКА, преку кое следните 7 години ќе организираат различни културно-уметнички настани најчесто лоцирани во Струга. Еден од таквите настани е Фестивалот за процесирање култура – ДРИМОН кој станува препознаен на локално и меѓународно ниво. Наредните години реализира изложба во Музеј Робевци во Охрид со делата „Ликвидирани вредности“, потоа изложба на фотографски циклус во Прима Центар во Берлин и потоа во Скопје и Струга.

Неговата уметничка практика се состои од истражување на различни техники и материјали, се изразува преку цртеж, слика, фотографија, графика, инсталација, вклучувајќи и готови предмети како и муралот како улична уметност. Во неговата творечка практика инспирацијата потекнува од посматрање и реакција на локалните случувања, како тие влијаат врз индивидуата и општеството, промените предизвикани од човечкиот фактор врз природата како и традиционалните трансформации и мемории рефлектирани во современиот свет. Активно учествува на локални проекти од областа на културата.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на РС Македонија.