„Ветар параклет“ – самостојна изложба на Димитрие Дурацовски

30.08.2023 10:37
„Ветар параклет“ – самостојна изложба на Димитрие Дурацовски

„Ветар параклет“ е насловот на самостојната изложба на Димитрие Дурацовски која во петок (1 септември) во 20 часот ќе биде отворена во Чифте амам во Старата скопска чаршија.

Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и имајќи го предвид времето во кое што почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), можеме недвосмислено да кажеме дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Македонија.

Димитрие Дурацовски како автор е необична појава во современата македонска уметност, тој е осамен но интелектуално љубопитен творец кој живее и работи во Струга. Во стремежот да формира целосна визија за светот тој ги користи изразните средства и можности на сликарството, цртежот и пишаниот збор.

Основната тема ја наоѓа во свртеноста и испитувањето на таинствените простори на човечкиот дух, каде неретко се допираат или бришат границите помеѓу реалното и фантастичното, можното и неможното, рациото и ирациото... Мислата е првата и внатрешно осмислувачка содржина на неговите дела, која на некој начин ги дообликува ликовните визии во нашата свест.

Реалната форма во неговите платна, решена како фигуративни композиции во класичен кулоарско-илузионистичи декор со крајно поедноставени кукловидни човечки форми и редуциран хроматизам го означува оностраното и недефинираното.

Неговите цртежи комбинирани со текстови, прибелешки, теоретски и литерарни разгледувања, упатуваат на користење на одредени елементи, методи и сознанија од надреализмот и психоанализата.

Останува впечатокот за недореченоста на македонската критика за овој автор, со чувство дека нешто се крие зад она што го гледаме и читаме во неговите дела. Тоа предчуствување и таинственост е можеби најзначајното во процесот на создавање, па така преку оваа изложба за прв пат во целост ќе биде презентирано пред македонската јавност.