Музички климатски пакт

23.11.2023 14:38
Музички климатски пакт

Поддршката на некој од вашите омилени изведувачи наскоро би можела да значи поддршка за зачувување на планетата Земја, а не придонесување за емисиите на јаглерод диоксид.

Музичарите, меѓу кои и Брајан Ино и Ана Калви, ќе ја наведат Земјата како коавтор на својата музика со цел да одвојат дел од хонорарите за спас на нашата планета.
Некои од уметниците кои ја поддржаа оваа идеја се Фрејзер Т. Смит, продуцентот на раперите Дејв и Стормзи и Џејкоб Колиер, добитник на неколку Греми награди и музичар кој многумина го сметаат за вонсериски талент.

Тие, заедно со други колеги, заслугите за своите идни композиции или песни делумно ќе ѝ ги припишат на планетата Земја. Така, одреден процент од нивната заработка ќе биде пренасочен на еколошката добротворна организација EarthPercent, која собира средства од музичката индустрија за да ја спаси нашата планета од климатските промени.

Брајан Ино најавената иницијатива ја опиша како поетска конструкција и преубава идеја. Токму овој британски музичар, продуцент, ликовен и визуелен уметник е основач и повереник на EarthPercent.

Ростам Батманглиј, поранешен член на бендот Vampire Weekend, а сега славен соло музичар, ја пофали иницијативата како „паметна употреба на приходот кој генерира интелектуална сопственост“.

На листата на музичари кои решиле да ја поддржат иницијативата се и електронското дуо Mount Kimbie, композиторот, продуцент и мултиинструменталист Ерланд Купер и пејачката Аурора, која во моментов подготвува нов албум.
„Не постои подобро место од Земјата”, изјави Аурора. „Тоа е причината поради која целиот албум сакам да го направам во соработка со Мајката Земја како коавторка, бидејќи без неа не би постоела ни музиката”.

Според EarthPercent, „во моментов, само 3% од целокупното филантропско донирање на глобално ниво оди за заштита на иднината на нашата планета, што е непропорционално со големината и итноста на проблемот. Една од највлијателните работи што музиката може да ги направи е да обезбеди повеќе средства, што е можно побрзо, за оние кои се најпогодени од климатските промени”, стои на веб страницата на организацијата.

Оваа еколошка добротворна организација се надева дека ќе собере сто милиони долари до крајот на деценијата, а финансиските средства ќе бидат вложени во намалување на влијанието на музичката индустрија на нашето опкружување, како и во обновување на природата, подобрување на политиките и обезбедување на климатска правда и чесно управување со животната средина.

Бендовите како што е Big Thief ветија дека ќе донираат 1% од приходите од нивната турнеја на EarthPercent со цел да ги ублажат негативните ефекти од своите концерти на Земјата.

Турнеите, особено меѓународните во склоп на кои свирките се одржуваат во големи арени и стадиони, се особено проблематични во контекст на борбата против климатските промени, поради транспортот на екипите и тешката опрема.

На пример, едно истражување покажа дека музиката во живо само во Обединетото Кралство произведува 405 илјади тони стакленички гасови годишно. Покрај тоа, јаглеродниот отпечаток на популарен диџеј изнесува 35 тони јаглерод диоксид годишно, што е 17 пати повеќе од препорачаниот јаглероден буџет на поединец. Овде секако влегува и производството на плочи и рекламни материјали.

Сепак, придонесот на музичката индустрија за климатските промени не застанува тука. Активистите ги критикуваат честите патувања со приватни авиони на уметниците како што се Дрејк и Тревис Скот. И додека овие двајца рапери се чини дека остануваат слепи за сериозноста на ситуацијата, иницијативата на EarthPercent е само еден од потфатите за „раззеленување” на музиката.

Во декември 2021 година, покренат е Музичкиот климатски пакт, чии потписници ветија дека ќе достигнат нето нула емисии до средината на векот. Меѓу потписниците на пактот беа и големите музички корпорации Sony и Universal.

Слика: Anthropocene Magazine

Извор: https://klima101.rs/