„Massive Attack” организира фестивал кој ќе се напојува со 100% обновлива енергија

19.12.2023 11:19
„Massive Attack” организира фестивал кој ќе се напојува со 100% обновлива енергија

Популарниот електронски бенд од Велика Британија, Massive Attack, за 25-ти август следната година најави еден посебен настан: во нивниот роден град Бристол организираат еднодневен фестивал кој целосно ќе се напојува со енергија од обновливи извори. Тие се надеваат дека ова ќе послужи како инспирација за музичката индустрија, за која сметаат дека сериозно заостанува во однос на одржливоста.

„Шоуто Bristol Downs следниот август ќе биде настан со најниски емисии на јаглерод што некогаш се одржал во овие размери, а обожавателите на Massive Attack ќе имаат клучна улога во ова достигнување”, напишаа членовите на бендот на нивниот профил на Инстаграм. „Уметноста и музиката можат да предводат климатска акција и климатска правда, но сите мора да почнеме од дома”.

Како што е најавено, фестивалот ќе троши 100% енергија од обновливи извори, без разлика дали е складирана во батерии или произведена со помош на соларни панели на самата локација. Продавачите на храна ќе бидат подложени на проверки за да се потврди дека користат локално произведени намирници, а по настанот, во југозападниот регион ќе биде засадена шума отпорна на климатските промени.

Во оваа прилика Massive Attack ќе се обиде да го намали најголемиот извор на гас кој ја загрева атмосферата кога се во прашање концертите: превозот на самите посетители.

Како што пишува во „Гардијан”, режисерот и климатски активист, Марк Дон, кој соработувал со музичкиот состав на неколку проекти, изјавил дека меѓу 65 и 85 отсто од штетните емисии за време на големите настани се случуваат за време на патувањата на публиката.

„Ова ќе биде прв концерт кој на значаен начин ќе се занимава со оваа проблематика”, рече тој.

При купувањето билети, приоритет ќе имаат локалните жители, а Massive Attack ќе ги поттикне оние кои пристигнуваат од подалеку да дојдат со воз. Организаторите ќе обезбедат и електрични автобуси кои ќе ги носат луѓето до тамошната железничка станица.
Фестивалот во Бристол не претставува пионерскиот напор на електронската група на полето на поголема одржливост.

Пред три години во Ливерпул требаше да се одржи пробна свирка под слоганот „супер ниско ниво на јаглерод”, но беше откажана во знак на протест кога беше откриено дека на истото место се одржува и саем за оружје.

Покрај тоа, во 2019 година, Massive Attack, во соработка со центарот „Тиндал” при Универзитетот во Манчестер, создадоа мапа со патокази за музичката индустрија во Велика Британија, охрабрувајќи ги уметниците да носат помалку опрема и да престанат да патуваат со приватни авиони.

Извор: https://klima101.rs

ОкоБоли главаВицФото