За бомбардирањето болници

29.11.2023 01:46
За бомбардирањето болници

Летото 2019 година учествував во истражувањето на Сирискиот архив за нападите на медицинските установи во Сирија, која Лансет ја опиша како „најопасно место на светот за здравствените работници“. Сирискиот архив верификуваше 410 случаи на бомбардирање болници и веродостојно ги идентификуваше сторителите на 252 напади. Деведесет проценти биле бомбардирања од воздух кои ги извршиле силите на Асад и нивните сојузници, особено руското воздухопловство. Систематското таргетирање на болниците беше една од нивните најсурови тактики, средство за депопулација на опозициските подрачја.

Не постои поголема асиметрија на моќта од ситуација кога воздушното бомбардирање цивилни области го вршат државните сили. Сирискиот архив одлучи дека најефикасен пат до кривично гонење би била истрага за бомбардирањето болници. (Јеменскиот архив, придружен проект, документирал 133 напади на болници и медицински установи во Јемен помеѓу 2014 и 2019 година, од кои 72 ги извршила коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која ја вооружуваа и помагаа САД и Обединетото Кралство.) Според меѓународното право, болниците и медицинскиот персонал се „заштитени објекти“. Бидејќи Сирија и за новинарите беше најопасното место на светот - прво зашто државата ги протера странските дописници од земјата; второ, зашто новинарите ги киднапираа и убиваа милитантни групи - истрагата во голема мера се потпираше на снимки кои, со значителен ризик, ги направија медиумски активисти и припадници на итните служби.

За истражителите тоа беше и шанса и ограничување. Содржината што ја генерираат корисниците - како што се видео снимките снимени со паметни телефони и поставени на Јутјуб - би можела да стане нова форма на доказ за одговорноста на државите според меѓународното право, што би било чекор сличен на воведувањето државни документи како докази во Нирнберг. Истражителите се надеваа дека овој нов вид докази - кои ги направиле обичните граѓани користејќи евтина и пристапна технологија - ќе го демократизираат меѓународното право: „Повеќе снимки може да значат повеќе правда“, тврдеше еден адвокат.

Истрагата имаше политички, технички и правни пречки. Патот кон меѓународниот кривичен суд во Хаг може да биде блокиран со вето во Советот за безбедност; во случајот со Сирија, тоа го направија Русија и Кина. Но постојат заобиколни решенија, како што е кривичното гонење во трета земја која има закон за универзална јурисдикција. На двајцата службеници на режимот на Асад кои пребегнаа во Германија им се судеше во Кобленц и беа прогласени за виновни за тортура.

Сомнежите во веродостојноста на содржините кои ги креираат корисниците на социјалните мрежи, таквите материјали ги направија неприфатливи докази за на суд, доколку сè уште биле достапни: имено, по нападите на парискиот клуб Батаклан и џамијата во Крајстчрч, западните влади извршија притисок на платформите на социјалните медиуми да ги отстрануваат содржините кои можат да ги радикализираат гледачите. Меѓутоа, активистите и истражителите настојуваа да ги повратат и верификуваат податоците. Истражителите во Сирискиот архив се поврзаа со платформите за враќање на избришаните снимки. Итните служби во бомбардираните подрачја под контрола на опозицијата беа опремени со GoPro камери кои автоматски ја означуваат снимката со метаподатоци за да ги одредат локацијата, датумот и времето. Благодарение на работата на другите организации како што е Меѓународниот, непристрасен и независен механизам на ОН во Женева, податоците се архивираат за да се сочува ланецот со доказите.

Дури и кога беше можно да се докаже дека некој напад не само што се случил туку и кој е веројатниот извршител, во случаите со бомбардирање од воздух беше невозможно да се докаже mens rea - дека делото е извршено со намера. Ако некој случај некогаш дојде до суд, одбраната секогаш би можела да тврди дека проектилот по грешка ја погодил болницата, дека таа е колатерална штета во нападот на блиската зграда во која биле сместени милитанти и затоа била легитимна мета. Тогаш обвинителите би морале надвор од секаков сомнеж да докажуваат дека не секоја околна зграда не криеала легитимна воена цел. Тоа е практично невозможна задача.

И покрај тоа, според меѓународното право медицинската установа е заштитен објект само ако во неа не се сместени борци или оружје. Одбраната секогаш може да тврди дека болницата во своите простории има воена инсталација - што е тврдење на кое како одговор на осудите од медиумите или ОН секогаш се враќаат руските портпароли.

Истрагата на Сирискиот архив собра маса пдоатоци кои покажуваат дека државните воздушни сили бомбардирале медицински установи, често, повеќепати. Но образецот не ја докажува нужно намерата според меѓународното право. Либи Мекавој, правна советничка на Сирискиот архив, состави предлог за можен правен доказ за намерно стрелање доколку медицинската установа е погодена двапати едно по друго. Би можело да има и случаи во кои воздухопловството не го гаѓало само објектот, туку и итните служби и лекарите кои се собрале на местото на првото бомбардирање и биле погодени во следното. Правните концепти на кои работеше Мекавој преку овие просторно-временски критериуми - повеќекратни целни напади и повторни удари - би можеле да ги докажат нијансите на намерите. Но истрагата не успеа да изнесе недвосмислен случај, а веродостоноста на ваквиот вид докази можеме да ја провериме само на суд.

Досега ниеден од истражените инциденти не стигна до суд. Истрагата е објавена како извештај на веб страницата на Сирискиот архив. Имаме многу снимки, а правда нема. Можеби во иднина ќе се откријат уште докази: на пример, документи кои покажуваат дека пилотите слушале наредби за да ја гаѓаат медицинската инфраструктура, или аудио снимки кои ја докажуваат намерата.

Мрачна е поуката од неселективното бомбардирање на Газа и таргетирањето на нејзините болници. Се тврди дека видео снимките кои ги објавија израелската војска и западните новинари по копнената инвазија прикажуваат складиште со оружје во болницата Шифа. Тешко дека тоа може да биде доказ дека под болницата се наоѓа штаб со милитанти. Дури и САД го ублажија својот речник и подоцна болницата ја нарекоа „команден и контролен јазол“. Но таквите слики исто така можат да ги оневозможат адвокатите без сомнеж да докажат дека болницата требало да го задржи својот заштитен статус и дека заради тоа нејзиното таргетирање било незаконско.

Помеѓу ограничувањата на меѓународното право и институциите, практично е невозможно кривично да се гонат државите за бомбардирањето болници - дури и покрај изобилството проверени податоци кои утврдуваат кој го извршил делото. Истовремено, режимот на меѓународното право дозволува воздушното бомбардирање да се класифицира како „пропорционално“, „легитимно“, „сочувствтително“, дури и „хуманитарно“, без оглед дали го спроведува Русија, Сирија, Саудиска Арабија, Израел или кој било друг. Покрај историските и тековните неуспеси во повикувањето на државите на одговорност, државите ќе продолжат да бомбардираат болници практично неказнето за да предизвикаат раселување на цивилното население.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.lrb.co.uk

ОкоБоли главаВицФото