1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Во пандемскиот период ширум светот како еден од поефикасните облици на помош за граѓаните се наметна директниот трансфер на пари на нивните сметки. Во контекст на локдаунот и крајно редуцираните економски активности, таквиот облик на државна политика се чинеше неопходен. Иако се работеше за вонредна ситуација, таквите политики одамна се предмет на дебати, а заговорниците на директните трансфери на пари на сметките на граѓаните се застапени речиси на целиот политички спектар. Мотивите и причините варираат, но она што ги поврзува повеќе или помалку е експлицитната претпоставка за неефикасноста на социјалната држава. Некои ѝ замеруваат за тромавоста и патернализмот, некои за привилегијата при одлучувањето кому што му е потребно, а некои за декомодификацијата на одредени економски гранки и услуги.
Значи, одлуките треба да им се препуштат на поединци кои најдобро знаат на што сакаат да ги потрошат сопствените пари, без разлика дали тоа се нарекува „негативен потег“ како што го нарекуваат либералите или минимален загарантиран приход како што го нарекуваат некои левичари. Вториве во тоа гледаат своевидна демократизација на планирањето - државата нема да одлучува какви се човечките потреби - а неолибералите гледаат општа превласт на пазарните односи кои би требало да резултираат со оптимална алокација на ресурсите. Треба да се додаде и дека левичарите во минималниот загарантиран приход гледаат и заштита од пазарните неизвесности во форма на невработеност или стекнување одредено ниво на автономија при избирањето работни места. Постојат и групации кои се залагаат и за комбинација на социјална држава и директни трансфери. Генерално, традицијата на дискусиите и предлозите е богата, а најдобар вовед претставува овогодинешната студија на Антон Јегер и Даниел Замора Варгас „Welfare for Markets: A Global History of Basic Income“.
И покрај тоа што бројни конзервативни економисти побрзаа инфлацијата да им ја припишат токму на дарежливите парични трансфери на сметките на граѓаните за време на локдаунот, таквиот облик на „социјална помош“ ужива сè поизразена поддршка или барем се смета за предлог за кој вреди да се дискутира. Што и не зачудува со оглед на распространетата идеолошка клима која пазарот го смета за единствена објективна и рационална општествена институција. Без оглед од каде доаѓаат парите, граѓаните со нив ќе манипулираат на пазарот и нема да „зависат“ од услугите кои за нив, наводно без никакви консултации, по бирократска инерција, ги подготвила државата. Покрај усвојувањето на пазарната рационалност, во позадина на паричните трансфери е и претпоставката дека со нив граѓаните ќе зајакнат и демократски, дека ќе станат поразвиени индивидуи за кои веќе никој не се грижи освен тие самите. И дека едноставно ќе имаат повеќе време и волја за политички ангажман.
Токму ваквата претпоставка би можела да биде кобна за развојот на демократијата. Зашто се темели на идејата дека демократијата се мери исклучиво според степенот на индивидуалната автономија, а не според свеста за комуналната меѓузависност и општествената поделба на трудот. Во неодамна објавеното исцрпно интервју еден од поистакнатите членови на третата генерација на франкфуртската школа, Аксел Хонет, критички се осврна на оваа претпоставка и идејата која е во позадина. Хонет смета дека директните парични трансфери граѓаните ги претвораат исклучиво во потрошувачи кои општествениот свет главно го согледуваат од индивидуална перспектива. Така се уништуваат општествените врски и ослабува нагонот за препознавање на меѓузависноста. Во ситуација во која идентитетот во значителна мера е одреден од работата, а не од потрошувачката, постои и свест за општествената поделба на трудот и со самото тоа и повисок степен на политичка писменост и препознавање на сопствената позиција во општеството. Превласта на потрошувачкиот идентитет, смета Хонет, придонесува и за понизок степен на свест за потребите на другите и јавниот интерес како таков. А се работи за клучни елементи за формирање на демократската колективна волја. Паричните трансфери дефинитивно можат да им помогнат на многу загрозени, но се закануваат со системско деградирање на демократската логистика и политичката писменост. Насоченоста на свеста кон деконтекстуализираната врска помеѓу сопствениот паричник и производите на полиците нè прави идиоти, неспособни да функционираат во јавните работи.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Rafael Silveira
Извор: https://www.bilten.org/