Боли глава

Останавме и без пари и без театар, и без музеј, без Универзална сала, без пат кон Охрид, без железница, без пошта...

А каков квалитет за големи пари даваат вмровските фирми се гледа во центарот на Скопје. Се распаѓа Театарот. Се распаѓа Уставниот суд со Археолошкиот музеј. Се распаѓа Плоштадот. Се распаѓаат фонтаните. Се распаѓа МЕПСО. Се распаѓа фасадата на Владата… Крадено е. Без усул е крадено. Во други земји ќе ги фатат политичарите за корупција, ама ќе им останат патиштата, железниците, аеродромите, пристаништата, државните објекти. Ние останавме и без пари и без театар, и без музеј, без Универзална сала, без пат кон Охрид, без железница, без пошта, без плоштад, без јавен превоз… И без главниот крадец останавме. На СДСМ и тоа му успеа – и тој да им избега. Па сега нека им се нуди од Будимпешта да им кречи.

Горан Михајловски, СДК, 25.11.22.

нема
27.11 2022
Нерешениот проблем стравично удира

Со сензационалистичко пласирање на лаги и невистини, купуваш ден, недела, месец, но не решаваш проблем. А нерешениот проблем ? Еееее, нерешениот проблем по истекот на денот, неделата, месецот се враќа и стравично удира. Право во глава …. Оди си. Не се мачи, не нè мачи сите…

Петре Шилегов, Фејсбук, 24.11.22.

нема
25.11 2022
„Универзална сала“ треба да ги надмине сите лични и политички проблеми

Градоначалничката на Град Скопје не покажува никаков интерес да се продолжи со реконструкцијата на Универзалната сала, а навистина се чувствува нефункционалноста на салата во културниот живот. Во 2019 година пари од буџетот, преку Министерството за култура биле префрлени, заедно со писмо за соработка со Град Скопје, за целосна реконструкција на салата, но тоа не се случува.

Ние со министерот за локална самоуправа зборувавме со градоначалничката за да можеме да и излеземе во пресрет за реконструкцијата на Универзалната сала, бидејќи парите стојат на сметка, проектот е таму. Наспроти она што го тврдеше Арсовска на почетокот на годината, проектот е безбеден и потврден од сите релевантни институции.
Градоначалничката сега треба да ни прати фактичка состојба и потврда дека парите се на сметката на Град Скопје. Овој проект треба да ги надмине сите лични и политички проблеми, бидејќи е од витално значење.

Бисера Костадиновска Стојчевска, во „Студио 10“ на ТВ24, 23.11.22.

нема
24.11 2022
Белград и Приштина свесно одат кон судир

Српските полицајци ги вратија оружјето и униформите, никој формално не го обезбедува редот на тој простор. Таму веќе нема судии, општинска администрација. Создадена е идеална сцена за беззаконие и насилство.

Според кумановскиот договор, војската и полицијата на Србија без дозвола дури не можат ни да ја преминат границата со Косово. Така што се бајки Вучиќевите приказни дека ќе ги „заштити Србите на Косово“. Исто онака како што беа заштитувани 1995-та во Хрватска, со една катастрофална политика која ги туркаше во војна со хрватската држава. На Вучиќ мора да му се честита на континуитетот, тоа е секогаш политика која ја игнорира политичката реалност но ја чува власта.

Жарко Кораќ, психолог и поранешен српски политичар; Данас, 21.11.22.

нема
23.11 2022
Партијата „Левица“ денеска во Македонија е екстремна десница

Партијата „Левица“, денеска во Македонија е десница, и екстремна десница. Партијата „Левица“ денеска во Македонија е она што е Ле Пен во Франција и она што е „Самоопределување“ во Косово. Тоа е „Левица“.

Бранимир Јовановиќ, Во центар (тв емисија), 20.11.22.

нема
21.11 2022
Една норвешка медиумска „бајка“

Би сакал да ви раскажам една норвешка „бајка“, која ја слушнав минатата недела во Тирана на „ЕУ-Западен Балкан медиумска конференција“, на која една од главните теми беше справувањето со дезинформациите.

Меѓу највпечатливите излагања на Конференцијата, на која учествуваа истакнати новинари од регионот и цела Европа споделувајќи искуства во справувањето со овој предизвик, беше она на Кристофер Егеберг, главен уредник на „Фактиск“.

Зборувајќи за работата на неговата организација која фигуративно ја нарече како „бајка“ во борбата против дезинформациите, Егеберг посочи дека неговата организација за проверка на факти е формирана од водечките норвешки медиумски компании!

Замислете, без оглед на тоа што се жестоки конкуренти на медиумскиот пазар, шест од највлијателните медиумски организации во Норвешка (VG, Dagbladet, NRK, TV 2, Polaris Media, Amedia) решиле да се здружат и да формираат организација која ја проверува точноста на информациите објавени не само од нивните медиуми, од политичарите, туку и од нивните медиумски сопственици!

Петрит Сарачини, ИМА.мк, 17.11.22.

нема
17.11 2022
Македонско државно здравство: те гледа ко да си му дошол од курќејф

Македонско државно здравство: те гледа ко да си му дошол од курќејф, да фрлаш упути ко конфети, да чекаш редови место да идеш у парк да прошеташ, да им јадеш од апоите чисто онака од мерак. Никако не му текнуе дека си дошол со проблем, мака и болка.

Јана Јакимовска, Фејсбук, 12.11.22.

нема
14.11 2022
Тоа е континуитет којшто ВМРО-ДПМНЕ го има преземено

Не мора да се сложуваме со тоа што го правеле претходниците, во историска смисла на зборот, кога раководеле со претходниците, па и денеска со современото ВМРО-ДПМНЕ. Ќе поминат децении од денеска, па можеби некој и од нас ќе се оградува. Не значи дека ние се сложуваме со тие (на Ванчо Михајлов) политики. Но, тоа е еден континуитет којшто ВМРО-ДПМНЕ го има преземено и тој континуитет треба да се почитува.

Христијан Мицкоски одговара на новинарското прашање зошто се залага за затворање на клубот „Цар Борис“, а не го прави истото за клубот „Ванчо Михајлов“; Канал 5, 10.11.22.

нема
11.11 2022
Ислам Абази е близок до Али Ахмети?

Главниот лик кој сега треба да ја предводи борбата со корупцијата и организираниот криминал во оваа земја што галопира кон Брисел се сомничи дека е близок со ДУИ и со својот соселанец Ахмети.

Обвинувања за блиски политички релации на еден ваков профил на функционер се нешто на кое ниеден професионалец не би останал нем. Но, како што пишува „А1он“, Ислам Абази одбил да одговори на овие прашања, одбил да се соочи со своите противкандидати, избегнал дебата, а не кревал телефон и не одговарал на пораки и на другите медиуми.

Нема никаков имот во неговиот анкетен лист. Нема достапна биографија. И нема програма.

Боже, боже! А едно време мислевме дека не може полош старт од несоодветна чипка.

Македонија испадна земја на големи можности - нема што не може.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 09.11.22.

нема
09.11 2022
Ме изненадува ако е ова редовна пракса и вообичаен начин на објавување вести во медиумите во Македонија!

Мојата вчерашна ФБ објава со информацијата дека Македонија е 36-та најбезбедна држава во светот ја (пре)објавиле 14 медиуми. Барем толку јас најдов. И сите ја објавиле точно онака како што ја имав напишано (copy-paste). Освен што го исфрлиле првиот параграф, од разбирливи причини.

Ми падна во очи дека единствено Frontline напишале дека текстот е мој. И, освен Frontline, уште само CivilMedia и Нова ТВ побараа дозвола од мене пред да го објават текстот. Ниту еден друг медиум.

Не патам од суети и лично немам проблем да се споделуваат мои ФБ објави, твитови и ставови, но сепак ме изненадува ако е ова редовна пракса и вообичаен начин на објавување вести во медиумите во Македонија!

Ацо Лукарски, Фејсбук, 07.11.22.

нема
07.11 2022
Точак

Епа не може бе другари и другарки точакот да го викате „велосипед“, а коа ќе ви се расипе (искриви бандашот) да викате ќе идам на „точкар“. Или, „кај има точкар у близина?“

Значи, коа сте у мука го викате по правото име, а коа сè ви е у реду глумите литературен јазик.

Ако веќе го викате „велосипед“ да си измислите и име за „точкар“.

Александар Цезар Коневски, Фејсбук, 05.11.22.

нема
05.11 2022
Кога ќе видам кого сѐ канат по медиуми

Кога ќе видам кого сѐ канат по медиуми, од сегашноста, а богами и од минатото, кој сѐ се дрзнува да анализира и кажува како било, како е и - пострашно - како треба, чија активност по социјални мрежи и секој можен статус од дијаспора ревносно се следи, кого сѐ амнестирала оваа пуста држава што апла, што на подзамижано, да ви кажам, ич не ме чуди кај сме.

Кога оние кои во една демократија и во една макар пристојна правна држава припаѓаат на маргините вие ги топорите на врвот на општеството - што ви останува тогаш и од врвот и од општеството?

Катарина Синадоновска, Фејсбук, 04.11.22.

нема
04.11 2022
Тие се „бореха“

Иако изгледа како претерување, но од сѐ што говорат изминативе пострежимски години, произлегува дека единствено би биле задоволни ако за учеството во Шарената им се обезбеди обилна боречка пензија, медали, почести и привилегии. Па и некаква власт и моќ. Се разбира, без учество во политиката и во демократските процеси. Нели, тие се „бореха“. Сега треба само да седнат во првата кафеана, а државата треба да дојде и да ги замоли да им даде привилегии за нивната „славна борба“. Не мора ни самите да знаат точно што треба да направи државата за нив. Тоа е обврска на државата!

Џабир Дерала, Слободен печат, 02.11.22.

нема
02.11 2022
Владата воопшто не доставува информации за избрани и именувани лица

Претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, вели дека Владата воопшто не доставува
информации за избрани и именувани лица за да може да се полни Регистарот преку кој ДКСК треба да ги следи имотните состојби на функционерите:

„Владата воопшто не доставува. Зошто? Не знам, можеби има свои причини. Не знам. Неколку пати е покренато прашањето пред сите генерални секретари што сме ги затекнале, пред вицепремиерката сега што е, пред премиерот поранешен и сегашен...", вели Ивановска.

И самата не знам какви можат да бидат „своите причини“ на Владата, ама ова „воопшто не доставува“ е таков крупен скандал што во нормална држава уште ноќва би летале оставки.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 29.10.22.

нема
29.10 2022

Препорачуваме

Дали крајот вака мириса?

Колумнава е објавена пред 13 месеци.

Нова стратегија

Пет песни: Нова стратегија, Премијера, Царство, Елегија и Прашање на влијание. Графики: Frans Masereel.

Каде е вистинската кампања?

Зошто новинарите ги нема речиси на ниеден митинг да известуваат што навистина се случува?

На оние кои легнале на брашно (пет песни)

Фашизмот е тема на петте книжулиња во третиот том на едицијата ОК.NO.

ОкоБоли главаВицФото