Какви луѓе се Босанците

28.04.2012 12:05
Меша Селимовиќ

На 26 април, пред точно 102 години, во Тузла се роди еден од најголемите книжевници од овие простори. Оние кои ги читаа школските лектири го знаат по романите „Дервишот и смртта“ и „Тврдина“. Станува збор за Меша Селимовиќ, уште еден во низата книжевници околу кој ќе се кршат копја за да биде присвоен. Годишнината од неговото раѓање интернет страницата Lupigа ја одбележа со неговиот монолог, кој и денес е болно актуелен.

Паметни луѓе се ова. Од Истокот го примаат неработењето, угодниот живот од Западот; никаде не се брзаат, бидејќи самиот живот брза, не ги интересира да видат што има зад утрешниот ден, ќе дојде тоа што е пишано, а од нив малку нешта зависат; заедно се само во неволјите, затоа и не сакаат често да бидат заедно; на ретко кој му веруваат, а најлесно можете да ги измамите со убави зборови; не наликуваат на јунаци, а најтешко можете да ги исплашите со закани, долго не се обѕираат на ништо, сеедно им е што се случува околу нив, а потоа наеднаш сè почнува да ги засега, сè ќе испревртат и ќе свртат наопаку, па потоа стануваат спијачи, и не сакаат да се сеќаваат на ништо што се случило; се плашат од промени бидејќи тие често им донеле зло, а лесно им здосадува еден човек, макар тој им правел и добро.

Чуден свет: те озборува, а те сака, те бакнува во образ, а те мрази, ги исмејува благородните дела, а ги памети низ многу преданија, живее со надеж и помош, и не знаеш што преовладува и кога. Злобни, добри, благи, сурови, неподвижни, бурни, отворени, скриени, тие се сето тоа и сè што е помеѓу тоа. А над сè, мои се и јас сум нивен, како река и капка, и сето ова што го зборувам како да го велам за себеси.

А ние не сме ничии, секогаш сме на некоја меѓа, секогаш нечиј мираз. Тогаш, зарем е чудно што сме сиромашни. Со векови се бараме и се препознаваме, наскоро нема да знаеме ни кои сме, забораваме веќе дека нешто сакаме, други ни прават чест да одиме под нивно знаме бидејќи свое немаме, нè лажат кога сме им потребни и нè отфрлаат кога ќе им отслужиме, најтажен вилает на светот, најнесреќни луѓе на светот, го губиме своето лице, а туѓо не можеме да примиме, откинати, а не прифатени, туѓи секому и на оние чиј род сме, и на оние кои не нè примаат во род. Живееме на размеѓето од световите, на границата од народите, на сечиј удар, секогаш некому виновни. На нас се кршат брановите на историјата, како на гребен. Силата ни здодеа, и од неволјите создадовме доблест: станавме умни поради пркос.

Тогаш, што сме ние? Луди? Несреќници? Најзаплеткани луѓе на светот. Со никој историјата не направила толкава шега како со нас. До вчера бевме она што денес сакаме да го заборавиме. Ама не станавме ни нешто друго. Застанавме на половина пат, запрепастени. Не можеме повеќе никаде. Оттргнати сме, а не сме прифатени. Како водена површина која надојдената струја го одвоила од мајката река, и повеќе нема ни ток ни устие, премала да биде езеро, преголема да биде впиена од земјата. Со нејасно чувство на срам поради потеклото, и вина поради отпадништвото, не сакаме да гледаме наназад, а немаме каде да гледаме нанапред, затоа го задржуваме времето, во страв од секакво решение.

Нè презираат и браќата и дојденците, а ние се браниме со гордост и омраза. Сакавме да се зачуваме, а на тој начин се изгубивме што повеќе не знаеме ни што сме. Несреќата е во тоа што го засакавме ова мртвило и не сакаме да го напуштиме. А сè се плаќа, па и оваа љубов.

Зарем случајно сме вака претерано меки и претерано сурови, разнежени и тврди, весели и тажни, секогаш подготвени да изненадиме секого, па и себе? Зарем случајно се колнеме за љубов, единствената извесност во оваа неодреденост? Зарем без причина дозволуваме животот да премине преку нас, зарем без причина се уништуваме, поинаку одошто Џемаил, но исто така сигурно. А зошто го правиме тоа? Зашто ни е сеедно. А кога не ни е сеедно, значи дека сме чесни. А кога сме чесни, секоја чест на нашата лудост!

Извор: Lupiga