Писма

05.10.2012 10:42
Писма

ПИСМО ДВАНАЕСЕТТО

Најмил Блаже,

не е само Дојчин, не е само тој
расфрлен на тврда ледина
раскостен коска од коска
не му требаат само нему
триста лакти платно

Сега е поинаку, најмил Блаже
сами се повиваме со триста лакти платно
сами се составуваме секое утро
и одново учиме да одиме секој ден

После пак,
расфрлени на тврда ледина
раскостени коска од коска
се повиваме
се составуваме
се склопуваме
се разболуваме и оздравуваме
се цртаме, навечер ја вадиме шминката со влажно марамче
се облекуваме и соблекуваме
градиме тврдини околу себе и сами ги уриваме

Ангелина,
најмил Блаже,
сè уште ја повикуваме,
Дојчин не знаеше,
ние знаеме

дека нема да дојде.

 

ПИСМО ОСУМНАЕСЕТТО

Најмил Јукио,
што е побезболно

да изгори сè
пред да згаснеме ние
да гламноса
пред ние
да пеплосаме

или

да згаснеме
пред да изгори сè
да пеплосаме
да не гледаме, да не видиме
како сè гламносува

што е побезболно,
кажи ми,
Мишима.

 

ПИСМО ДВАЕСЕТ И ТРЕТО

Најмил Михаил,

кажи ми едно,
ќе ја заслужиме ли навистина вечноста
штом ќе ги угостиме мрачните жители
со крв и месо,
зеници и јајници

другото го знам:
ракописите не горат

ракописите не горат.

 

ПАТ

Премногу чанти и торби
во некоја стар билет
во некоја пердув од гулабица
Во која ли од нив да ја спакувам
мапата за полесна ориентација
со упатства за скротување на поетската перцепција
на граничните премини
каде што мора да се биде буден,
кога ставаат печати во пасошот
Во која ли од нив да ја спакувам
геополитичката теорија на срцето
да се упатам
југо-северно
со уште еден печат во пасошот и со жиг на вратот
каков што имаат животните што ги колат за Курбан.

 

МЕДЕЈА

Ги абортирам замислените деца
во мојот стомак
повраќајќи ги
тие деца што
во мене ги зачна со копнежлив поглед
мене не ме чека огнена кочија
над злосторството да лебдам
во вц шолјата пуштам вода
и се качувам на велосипед
да свртам еден круг
околу себеси.

 

Славица Гаџова е родена во Битола, магистер на филолошки науки, докторантка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје и визитинг истражувач на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Република Словачка. Се занимава со истражување на односите меѓу книжевноста и дискурсите на моќта, репрезентациите на политичкото насилство во книжевноста, односите моќ-знаење-вистина во рамки на прозата, како и на интермедијалните релации меѓу романот и филмот. Објавила над триесет книжевни студии, есеи, критики и осврти во периодиката во земјава и странство. Пишува поезија и кратки раскази и добитничка е на неколку домашни награди. Учествувала на Струшките вечери на поезијата, фестивалот за алтернативна уметност Фрик и Светското поетско движење. Славица Гаџова зборува осум јазици и соработува со повеќе издавачки куќи како преведувач.

Песните се преземени од книгата „Писма“, која е прва поетска книга на Славица Гаџова, во издание на ПНВ.

Слика: Ване Костуранов

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото