На она место

06.05.2014 11:47
На она место

1.

На тоа тло сега градат индустриска зона не знам од каде ми текна на него некогаш беше посеано со пченица

и во мај замисли го тоа рабранувано море со звук на борова шума

Имав дванаесет или тринаесет години тогаш наместо во евра сѐ грубо се сметаше во марки

Имавме големи надежи ги имав сите петки и во моето одделение најголема висина и килажа

што и не е за пофалба

2.

Сакав да имам мотор и една само моја соба се плашев од темно ако сум сам

а ја сакав ноќната програма на кое и да е радио

само да има пријатна бучава

Сега ги ценам тишината и музиката без зборови и се надевам зимава снегот ќе нѐ изненади

Ми останаа толку снешковци за правење и најголем дел од местата што тогаш сакав да ги видам

3.

Очите добро ме служат после она затемнување во август

Како оттогаш да поминале векови како да кажувам нешто некој друг што ми го рекол

Сѐ беше тивко и усвитено тоа поладне како пред порој Сонцето беше наштрбено за една третина

се зборуваше како не било безбедно да се гледа директно заради зрачењето и озонската обвивка

А јас со сиот памет додека сите паничеа излегов да ѕирнам бидејќи беше речено исто така дека следно затемнување на овие ростори ќе има некаде во две илјади и стотата

4.

Кога почнаа да ја градат црквата почнав да покажувам интерес за архитектура

Чкртав некакви планови од кои никој не стана градба

Правоаголници и квадрати

Круговите беа куполи од кои во нас требаше Седржителот да гледа

Правев светови со линијар и шестар гледав да воведам симетрија и ред

тогаш тоа ми изгледаше убаво и ме правеше среќен

5.

Многупати ми го грешеа презимето што не ми беше сеедно тогаш

Сега се смеам кога ги поправам оние што го чуле или прочитале лошо

Насмевката делува моќно а гледам сѐ помалку луѓе што се смеат

оние насмевки од рекламите ми се некако вештачки зашто очите кажуваат друго

Еднаш од никаде и од ништо едно смеење ме тресна од подот

Од толку смеење ќе се задушев за малку

Не се повтори ниеднаш а така убаво ми беше

6.

Кога и да заминам натаму најсериозните нешта што ми одземаат внимание долж главната улица се жалните вести и помените залепени на бандерите

Повеќе од луѓето сум ги знаел барем од разминување животот им е сумиран на возраста и дали боледувале долго

За друго како времето да стои новостите одамна не се новости хероите од детството изгледа дека се предале

Кога ги гледам така остарени како пијат пред продавниците помислувам дека можеби нѐ лажеле за сите направени глупости и ќотекот што го добивале од наставниците

Дали духовите имаат граница на умор или стравот може да промени до толку

може само времето да каже и некој што ќе сведочи дека под сонцето конечно има нешто ново

7.

Се сеќавам како го очекувавме Коледе и рано-рано одевме од куќа на куќа пред да излезат огновите и неработните денови на мода

Паметевме каде се дава повеќе и помалку и некои домаќини ги одминувавме за да не пееме за џабе

Кој спие нека стане

Тогаш песните не ни завршуваа со закана ако нема денарчиња џамо на парчиња

Луѓето адетите како им ујдисува така си ги прават и за жал причината не ја доловува суштината Генерациите ќе се менуваат побрзо од навиките какви тие и да биле

8.

Се плашев од мракот заради филмовите со Дракула

заради заканите со инјекции од лекари душа немав

Имаше толку закани забрани и суеверија што ме чуди колку луѓето можат глупави и злобни да бидат

додека те убедуваат дека само доброто ти го мислат

9.

Секоја недела после 11 октомври татко ми со весело друштво одеше на лов

Ако уловеа зајаци се растураа од фалење во спротивно го бараа виновникот што нишанел лошо

Прашуваа дали сакам да сум ловџија и како што растев сѐ повеќе ја губев таа желба не само затоа што не јадам зајачко

едвај и да јадев месо како мал

Сметав дека ловот е глупачко хоби и дека ловџиите во главите си имаат некоја грешка

Слично мислев и мислам и за рибарите и гулабарите

Ако некогаш одгледувам нешто тоа би биле пчели

10.

Тоа што ми бранеа да пушам го сметам за добро дело

тоа што ми забрануваше пушач беше да се смееш

Имаше тогаш ред кога те праќаат по цигари со броени пари во единствената продавница

никој не правеше проблеми што си мал

Пред да излезе Партнер од цигари имаше само МТ Филтер и Драва

ако недостига некоја марка нека ме дополни некој

Во тоа време непушачите беа гледани чудно а сега пушачите се божем сардисани од сите страни

порано беа безобразни и палеа без прашање

а сега не знаеш кога дремат како казнети пред некоја врата

дали да им се ситиш или да ги жалиш

Слики: Kim Myeongbeom

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото