Гарфилд

07.11.2012 10:18
Гарфилд

Речиси сите деца и оние кои некогаш биле деца (и сè уште се, но успешно го прикриваат тоа) денес знаат кој е Гарфилд. Гарфилд е најмрзливиот, најдебелиот и најсаркастичниот мачор на светот. Во првите стрипови бил и подебел, а неговиот изглед, со тек на време, се трансформирал во денешниот. Секое влакно на крзното на Гарфилд зрачи со иронија и сарказам, врз што авторот на Гарфилд, Џим Дејвис, го гради хуморот во стрипот. Поради тоа, многу брзо станува омилен, а Дејвис на тоа вели дека „Гарфилд е човек во тело на мачка“.

Како започна сè

Првиот познат стрип на Дејвис бил за една тафтабита по име Гнорм Гнат и не бил најдобро прифатен. Стрипот се објавил само во еден локален весник, а многумина издавачи го одбиле, затоа што „иако сето тоа е забавно, кој би сакал да чита стрип за тафтабита?!“

Тогаш Дејвис се фрлил на проучување на ситуацијата на пазарот и забележал дека постои цела плејада на кучиња-јунаци, а мачки речиси и нема. Врз новиот обид влијаеле и спомените од детството, затоа што на фармата на која растел неговото семејство секогаш имало многу мачки. Стрипот е создаден во кујната на италијанскиот ресторан Mama Leone's, па најверојатно заради тоа Гарфилд едноставно обожава да јаде, а омилена храна му се лазањите. „Од сеќавањето ги земав сите особини на мачките кои ги имав, а моето семејство на фармата ги имаше десетина, и тие карактерни црти ги измешав со цртите на мојот дедо Џејмс Гарфилд Дејвис“, вели авторот за настанувањето на ликот Гарфилд, со што го открива и потеклото на името на славниот мачор.

Стрипот премиерно излегува во еден дневен весник на 19 јуни 1978 година. Еден од весниците во кои на излегува на почетокот е и Чикаго Сантајмс. По неколку месеци управата на овој весник прекинала со објавувањето на Гарфилд, што предизвикало револт кај голем дел од читателите, па стрипот набрзо е вратен. Тоа е првата пофалба на вредноста на Гарфилд. Денес, по планетарниот успех на стрипот, Џим Дејвис е добитник на многу награди и почести.

Од својата премиера, Гарфилд излегува како дневен стрип во весник во форма на појас, а во недела и како цела табла. Главно во црно-бело издание, а понекогаш и во боја, сè до последните пет години, кога почнува да се објавува исклучиво во боја. На почетокот е објавуван во четириесетина американски весници, а денес во околу 2.500 дневни изданија ширум светот. Одушевувачка е способноста на Дејвис секојдневно да пронаоѓа инспирација за духовитиот серијал. Но, тој вешто го извлекува хуморот директно од секојдневието.

Ликовите од светот на Гарфилд

Кои се Гарфилд и компанија? Како што веќе спомнавме, Гарфилд е најмрзливата мачка на светот, љубител на лазањи кој обожава да го турка кучето Оди од масата и да го гребе поштарот. Гарфилд мрази понеделници, пајаци, диета и неговата вага која често му се потсмева. Исто така, го мрази и малиот, кроток и размазен мачор - Нермал. Гарфилд поседува голема брзина и енергија само кога се работи за храна. Особено задоволство му е да го изеде ручекот на Џон и Оди (после својот). Мачорот, кој би требало да лови глувци, е премрзлив за нив, па не им пречи во уништувањето на куќата и крадењето храна, дури е и нивен сојузник. Особено се интересни епизодите во стрипот во кои Џон се обидува да го натера Гарфилд да ги истреби глувците од куќата, што Гарфилд го решава на комичен начин. Познати се и настапите на Гарфилд на оградата од куќата кои завршуваат неславно, но Гарфилд не се предава и секогаш се обидува да настапи повторно. Исто така, Гарфилд има своја голема љубов - мачката Арлен, на која постојано ѝ се додворува, но главно безуспешно. Арлен никогаш нема да го засака Гарфилд затоа што тој сепак најмногу се сака себеси, а таа го мрази токму тоа. Вечното прашање на Гарфилд за неа е зошто служи нејзиното растојание меѓу забите, на кое таа никогаш не му одговара. Исто така, мораме да го спомнеме и најдобриот и неразделен другар на Гарфилд - Пуки, неговото плишано мече. Пуки е стар колку и Гарфилд, а Гарфилд му се доверува единствено нему. Секогаш спие со него во креветот, а без него не може да заспие.

Оди - верното куче и придружник на Гарфилд, е најглупавиот, но и најсимпатичниот лик во стрипот. Жолтото куче со долг ги исплазен јазик (кој Гарфилд често го врзува во јазол), прв пат се појавува во стрипот на 8 октомври 1978 година. Тогаш му припаѓа на Лиман, цимерот на Џон, кој заминува од стрипот, но Оди останува. Оди никогаш не сфаќа ништо, но многу го сака Гарфилд. Тоа често го нервира мачорот, па на нивниот меѓусебен однос Дејвис често ги базира хумористичните моменти. Во текот на една година, Оди е безброј пати шутнат од кујнската маса.

Џон Арбакл е сопственикот на Гарфилд. Слабак и вечен плен, неуспешен во љубовта, тој е огледало на верноста на Гардилд, пристојноста, и сите останати добри особини кои Гарфилд ги нема. За Гарфилд, Џон е тука за да му даде храна, кревет и телевизија.

Најчесто, Џон во стрипот е несреќен губитник. Причината поради која девојките најчесто го одбиваат е затоа што е здодевен и старомоден, а како таков и Гарфилд често го исмејува. Во ретките сериозни мигови на Гарфилд дознаваме дека тој сепак му е приврзан, дека го сака Џон, иако не сака да го признае тоа.

Најголемата љубов на Џон е ветеринарката Лиз, кај која тој често го води Гарфилд, со надеж дека некогаш ќе излезе со неа. Низ стрипот се провлекуваат уште многу ликови, како родителите на Џон и брат му Дејв, чие доаѓање во градот Гарфилд секогаш го проследува со циничен коментар. Типичните селани кои во градот носат и петел за да ги буди, всушност се „нацртаните“ родители на Дејвис.

Гарфилд е еден од бројните стрип јунаци чиј успех и слава се проследени со бројни екранизации. Во 1988 е покренат анимираниот серијал „Гарфилд и пријателите“, а во деведесеттите Гарфилд станува и јунак во компјутерски игри и во два играни филма. Стрипот спаѓа меѓу најпродаваните и најобјавуваните во последната четвртина на 20 век, а објавен е на повеќе од дваесет и пет јазици во повеќе од 70 држави и неговиот лик е еден од најпрепознатливите и најкомерцијалните јунаци на денешницата.

Првата епизода од цртаниот филм за Гарфилд:

Извор: radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото