Попај морнарот

24.10.2012 15:23
Попај морнарот

Легендарниот морнар Попај прв пат се појавува во стрипот Thimble Theatre на 17 јануари 1929 година, а ликот го креирал американскиот стрип артист Елзи Крислер Сегар.

Како и сите други големи американски цртачи, Сегар работел сè и сешто додека цртањето и пишувањето сценарија за стрипови не му станало главна преокупација.

На почетокот стрипот изгледал многу поинаку од денес. Тогаш главна хероина во него била Олива, а освен неа, во стрипот се појавуваат и нејзиниот брат Кастор Оил, Брутус, Џеј Велингтон Вимпи и свршеникот на Олива Хам Грејви. Барајќи јунак кој ќе ги носи сите останати, авторот дури подоцна го воведува Попај. Треба да се напомене и дека Thimble Theatre почнал да излегува во 1919 година.

Сегар го воведува Попај како нов лик во својот, тогаш веќе една деценија стар стрип, во кој главниот јунак Кастор со другарот Хам се упатува на прекуокеанско патување до Африка. На едно пристаниште го сретнуваат смешниот лик со морнарско одело и луле во устата - Попај, четириесетгодишниот тапчо, речиси сосема ќелав, со превез преку едното око и тетовирано сидро на раката. Кастор го прашува: „Еј, дали си ти морнар?“

Попај одговара: „А ти мислиш дека сум каубоец?“, повлекувајќи чад од морнарското луле и мижејќи на едното око. Од тој момент, тој станува составен дел од стрипот.

Ликовите од светот на Попај

Интересно е именувањето на јунаците во стрипот. Олива всушност е маслиново масло, Кастор Оил е масло од рицинус, Брутус е грубијан, Хам Грејви асоцира на шунка, и секако, Попај е ќорав. Уште една важна карактеристика е тоа што сите јунаци во стрипот се направени по пример на луѓе кои навистина постоеле, а од кои се преземени изгледот и главните карактерситики.

Олива е типична конзервативна девојка. Таа е неверојатно висока, слаба, а нејзината облека е демоде дури и за 1919 година. Воочливи се нејзиниот долг нос и залижаната фризура.

Попај е морнар со истетовирано сидро на подлактицата и луле во устата, кое станува и негов заштитен знак. Основниот извор на неговата сила е спанаќот во сите облици. Кога ќе го изеде спанаќот - може без проблем да го истепа и најсилниот противник. Тој е сурово искрен, груб кон жените, јаде со раце, лошо се однесува кон семејството и пријателите, но сепак бескрајно ја сака својата Олива и за неа е спремен да направи сè.

Главниот антагонист на Попај е Брутус (т.е. Дибек) кој на сите начини се обидува да ја освои Олива. Тука е и Џеј Велингтон Вимпи (Перо плескавица), чија основна смисла во животот се плескавиците, а негова најпозната реплика е „купи ми една плескавица, ќе ти вратам во вторник“. Во стрипот Вимпи е многу интелигентен дебелко кој го спасува Попај од многу неволји, но го втурнува во уште поголеми.

По смртта на Сегар во 1938 година, многу автори се обидуваат да работат на Попај, сè додека серијалот не го преземе Бад Сагендорф во 1959 година. Попај е популарен и денес, но повеќе благодарение на филмот и телевизијата. Повеќето луѓе никогаш не го виделе оригиналниот стрип, а во цртаниот филм Попај изгубил некои од своите оригинални карактеристики.

Попај во другите медиуми

Филмската премиера Попај ја има во филмот Betty Boop Meets Popeye the Sailor (1933). Истата година студиото Fleischer го снима и долгометражниот филм I Yam What I Yam со Попај како главен лик. Сè друго е историја. Потоа Попај се појавува во бројни стрипови, анимирани филмови, компјутерски игри и сл.

Во 1980 е снимен играниот филм Попај со Робин Вилијамс во главната улога.

Првото појавување на Попај во цртан филм:

 

Попај на македонски:

 

Извор: radiosarajevo.ba

Слични содржини

Стрип
Стрип / Култура / Историја
Книжевност / Стрип / Историја
Стрип / Култура / Теорија / Историја
Стрип / Историја

ОкоБоли главаВицФото