1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Првиот број на списанието за стрип ЛИФТ („врзувач на светови“) излезе во јануари 1995 година, на 80 страници А5 формат. Во издание на Темплум, уредник беше Пандалф Вулкански (псевдоним на Никола Гелевски). Првата година излегоа пет свески од списанието. Следните години, од 1996 до 2001 излегоа уште седум свески. Еве го импресумот на првиот број:
Главен и одговорен уредник: Пандалф Вулкански
Графички уредник: Небојша Гелевски
Компјутерска обработка: КОМА
Насловна страница: Александар Станковски
Превод: Венка Симовска, Дијана Арсовска, Жарко Трајаноски
Издавач: Темплум
Овде имате ПДФ од ЛИФТ #1
Во продолжение го пренесуваме уводниот уреднички текст na Пандалф Вулкански.
ЛИФТ - ВРЗУВАЧ НА СВЕТОВИ
Како прво, Лифт е нешто што ги поврзува световите, долни и горни. „Андерграундот" со „естаблишментот". Маргиналците со историските икони. Лифтот е оној што ја испресекува геолошката, социјалната, било која стратификација. Водич низ деветте кругови. Овој пак е уште попосебен: има прозорчиња. И низ него ќе гледате сешто, од дождовни глисти до Дина-црви, од Мики Маус (на Ворхол?) до Наци Коминтерна, цел еден комплексен, диверсифициран, без централни точки, но со многу јазли, точки на сечења - простор.
Всушност, често (во овој Лифт) ќе се случува пејсажот (просторот) со прост блесок, миговно, да го распостеле @лифтот" во еден маниристички пејсаж, па она што било горе не само што ќе биде долу, туку и лево и десно и озгора трансупстанцијализирано, како што велат умните алхемичари.
Токму тука некаде, меѓу Жил Верн и Дерида, меѓу Данте Алигаторот и ROW (најдобриот стрип-часопис на сите времиња), меѓу чата и пата, меѓу нас и вас, меѓу нас и нив, меѓу мене и вас, меѓу одблеснатите мене во куќата за смеење - ќе се шетка овој Лифт, ќе качува и симнува, ту во улога на доупизирана игла што продира, ту ко некаква старовремска тенекија што одвај се влече.
Како второ, самиот Лифт е сегментиран, речиси ко филм, само што овде го имате она фамозно „чкрип" кога се менуваат сликичките, кога се застанува, кога се отвораат вратите (во филмот се синхронизира; и нема шевови, за разлика од овде, од овој многу понаивен илузионизам; но и опасен, кога еднаш ќе се залепите за „наивноста"). Да речеме: зоетрап со четири сликички; или една печатена верзија на laterna magica... Како и да е, инсистирам на поврзаноста со филмот (дури и звуковно: лифт-филм); како некакво иронично враќање назад, деконструкција, дури. Не само на сликички, туку и на зборови (и тоа како!) и на звуци... Лифт ко примордијална супа, згодно за Флен О Брајан или таква некоја ексцентричност. Трака, каиш, траса, трага... - ете уште неколку структури што гравитираат кон моите делумно одлепени (тоа е сосема особена колажна техника!) зборчиња, лифт, филм...
Како трето, Лифт е вештачки, со себе носи како една веќе патинирана технологија така и некои футуристички навестувања за еден свет во кој и лифтовите ќе бидат нелинеарни, дисконтинуирани, а ние само ќе дремеме и со рибини очи ќе си се гледаме низ аквариумите. Фина слика но, за жал, асоцира на еден друг, до мачнина малограѓански и измиксуван со гоблени и лажен стилски мебел и забарски насмевки и спикерска луцидност - Аквариум, на нашата македонска култура, што (телевизијата) нè води во четвртата причина...
Во недостаток на било какви поавтентични културни медии, богами ни останува да ги создадеме.
И пар зборови за домашниот стрип: ќе се обидеме да го држиме тука некаде кај 20-25% од вкупната содржина, иако, знаете, ситуацијата овде е очајна и со многу потрадиционални авторски форми, а занимавањето со стрип (плус онанија, плус дрога, плус останување по 11 часот) е кралски пат кон домот за деликвенти. Како и да е, од мрачните канџи на лектирството, ќе се обидеме да грабнеме по некое душиче, па како биде...
ЗА СОДРЖИНИТЕ на ЛИФТ #1
Стрипот „Лабрис, тунел на стравот и ужасот" настануваше од 1990 до 1993. Досега има околу 800 страници-табли и сеуште не е завршен. Околу тоа прашање (крајот) постои една суптилна академска разлика меѓу неговите создавачи, А. Станковски и П. Вулкански. Додека Станковски тврди дека крајот е само една бедна класицистичка конвенција, Вулкански (непоправливо фабуларен) тврди дека иронијата е мајка на уметноста, т.е. дека историјата е иронија е уметност е нарација, па консеквентно, заслужува черечење се што не е среќен или трагичен крај...
Инаку, Лабрис наскоро би требало да излезе (завршен или не) во три книги, и нам навистина ни беше деликатно да одлучиме дали да оди во Лифт. (Аргументи против: 1. монструозно е голем; 2. триесетина страни веќе излегоа во мртовецот (нек гние таму длабоко!) Мак-стрип. Аргументи за: 1, многу високи стандарди на изведба, и во цртачка и во текстуална смисла, а притоа екстремно неконвенционални; 2. ниту овде ниту било каде имало нешто слично; 3. тоа во Мак-стрип и не беше промоција туку масакр, тотален технички дилетантизам, и „што се однесува до мене, тоа не ни постои; некој шапирограф се обидел да го имитира стилот Станковски, но јас имам многу поснажен отисок“ /изјава на Станковски/). Јасно дека одлучивме да оди, а кога фамозните книги (финансирани од фамозниот Сорос, да се надеваме) конечно ќе излезат, тогаш ќе одлучиме дали ќе го прекинеме излегувањето на Лабрис овде.
Вториот стрип во Лифт #1 е дело на Ричард Сала, еден нестереотипен автор чие име често го гледаме во пореномираните (стрип?!) часописи: Prime Cut's, Comics Journal, ROW...
Третиот стрип, Среќниот Кловн Честер Браун исто така ќе оди во продолженија (пет или шест, сега за сега, а потоа ќе го замени супер-фамозниот Маус). Честер Браун е Канаѓанец, околу него веќе се плете фина мрежа на фанови и тој набрзо ќе стане класика.
Континуирано (во десетина броеви) ќе излегува и Историјата на американскиот стрип, која скоро да е историја на светскиот стрип зашто Америка (што и да дрдорат новиве шминкеркиња по Франција-Италија-Шпанија) е супериорно број еден кога станува збор за стрипот.
Во првиов број ја имате, почитувани читатели, и канадската авторка Џули Дусе, радикална, млада, жена, сè параметри кои апсолутно ќе имаат приоритет во овој постмодернистички фанзин. Башка што нејзиниот главен лик во стрипот е лифтаџија!
Вториот домашен стрип во овој Лифт, Капиталижам, е дело на Синиша Цветковски, бившиот член на бившата арти-герилска група Зеро (во која, патем, членуваа двајца - кои денес веројатно се меѓу најдобрите уметници во Македонија - Игор Тошевски и Александар Станковски, кои - какво фино чудо! - особено имаат заслуги за македонскиот стрип; Тошевски некогаш, Станковски сега). С. Цветковски е третиот Зеро-стрипаџија, иако тенденција на сите нив (како и на овој Лифт воопшто) е стрипот да го вклопат во некои пошироки мултимедиумски трендови и конечно (со иронија, артифициелност, колажирање...) да го извлечат од еднодневната трафикантска судбина.
Капиталижам, иако е прилично „панкерски" и можеби непоентиран до крај, примерено - црно и какофонично, од аспект на аутсајдер - го отсликува нашево бедно совремие во кое и нема кој знае што освен рудиментираност: секс, политика, храна. Стрипот оригинално е во боја, и вака црно-бел делумно губи од благата светкавост на оригиналот, па сè станува за нијанса потемно отколку што е. Или се лажам?!
Прилог | Големина |
---|---|
Преземи | 17.67 MB |