Стрипот „Круг“ од Никола Панов ја освои првата награда „Лифт“

02.02.2019 15:00
Стрипот „Круг“ од Никола Панов ја освои првата награда „Лифт“

 Со доделување на наградите и изложба во МКЦ во Скопје вечерва завршува првиот конкурс за наградата „Лифт“. Трите најдобро оценети стрипови се:

Круг (14 страници) од Никола Панов; The Letter (10 стр.) од Стефан Николовски; Мафијашот, глувонемиот книговодител и отец Рафаело (6 стр.) од Оливер Цветковски.

Никола Панов ја освои првата награда „Лифт“ со стрипот „Круг“

Стефан Николовски го освои второто место со стрипот  „The Letter“ 



 Оливер Цветковски го освои третото место со стрипот „Мафијашот, глувонемиот книговодител и отецот Рафаело“ 

„Круг“ доби најдобри оцени бидејќи ни се виде најкомплетен: функционален и креативен цртеж (и особен и неконвенционален), паметна приказна со солиден ритам и со изненадување на крај (логични дијалози, добро исцртани карактери, и во ликовна и во сценаристичка смисла), два впечатливи главни лика, но и одлични пејзажи, како графики за себе - цртачки можеби највозбудливиот дел од стрипот. Вреди да се истакне и соодветната и прегледна типографија - за секој стрип е важна читливоста. Интересна е и насловната страница на стрипот, симболички снажна и двосмислена; наизглед едноставниот круг всушност потсетува на воденица-стапица во која е заробен глушец кој бесцелно и сизифовски го врти тркалото. Но, излез има! Тоа го сугерира последниот кадар на стрипот „Круг“.

Кадар на стрипот „Круг“

„The Letter“ пред сè е одлично нацртан и оддава навистина висока графичка култура. Софистицираниот цртеж има фина готска жица, мистична, нежна и мрачна - со што се постигнува сугестивна и густа атмосфера која лесно го обзема читателот. Можеби е мала слабост на стрипот обемниот и не баш лесно читлив текст, згора на англиски. Но, можеби тоа и не е слабост, туку храбар избор на авторот: „ќе треба малку да се помачите за да го прочитате мојот стрип“. Тоа е легитимна авторска постапка.


Кадар на стрипот „The Letter“

„Мафијашот, глувонемиот книговодител и отец Рафаело“ - долгиот наслов е во функција на хуморот и на прецизното набројување на главните актери. Едноставен, прегледен стрип со интересна („филмска“) приказна која има атрактивен крај. Авторот солидно го совладал јазикот на стрипот: карактерите се јасни, портретирањето е функционално, ситуациите се логично водени и монтирани... Можеби се слабост на стрипот недоволно софистицираниот цртеж и нишката на конвенционалност или, дури, тривијалност... Која, пак, можеби придонесува за хуморот во стрипот.
Кадар од стрипот „Мафијашот, глувонемиот книговодител и отец Рафаело“

Овие три стрипа малку се издвоија од другите шест, застапени во публикацијата и на изложбата. Нијанси решаваа за наградите, а членовите на жирито понекогаш имаа и спротиставени мислења. Така што, решенијата за наградите секогаш во себе имаат и доза на компромис. Така беше и овој пат, при одлучувањето.

Општиот впечаток за пристигнатите трудови: солидно. Приближно половина од стриповите заслужуваат објавување. Жал ни е што не влегоа во конкуренција два одлични и нови стрипа, бидејќи неодамна беа објавени (конкурсен услов е да се испраќаат необјавени стрипови).

Добрата страна на конкурсот е што свои дела испратија претежно млади луѓе. Дотолку, авторот на најдобро оценетиот стрип е средношколец! А меѓу деветте најдобри влезе и шармантниот стрип на Марија Николаевска, која има само 14 години!

Добро е, исто така, што голем дел од автор(к)ите доаѓаат од внатрешноста на земјава. Тоа значи дека духот, креативноста и живоста сеуште престојуваат и надвор од Скопје (иако понекогаш изгледа поинаку, со оглед на запуштеноста на македонската провинција).

Како за почеток, значи, првото издание на конкурсот за стрип наградата „Лифт“ во целина помина многу повеќе од солидно - одлично! Бидејќи сега го трасираме патот за оваа награда, која следниве години значајно треба да придонесе за подобрувањето на стрип сцената во нашата земја.

Зад наградата, освен книгоиздателството Темплум и графичкото студио КОМА, застанува и ОХО, здружението за едукација, комуникација и консалтинг (продуценти на ТВ серијата „Преспав“, меѓу другото). Тоа, исто така, ни влева надеж во одржливоста и добрата иднина на наградата „Лифт“.

Со благодарност кон нив, и кон сите учесници на конкурсот, и со честитки за наградените, го најавуваме следното доделување на наградата за тековнава ни 2019 година. Затоа, драги автор(к)и, седнете уште сега, пишувајте и цртајте! Стрипот бара многу посветена работа, а времето лета!

Во име на организаторите (Темплум, Кома, Охо) и жирито (Јана Јакимовска, Ласко Џуровски, Владимир Битољану):

Никола Гелевски

Од доделување на наградите и изложба во МКЦ



Фотографија: Небојша Гелевски