Четворица наградени автори на Лифт #4

30.12.2021 19:08
Четворица наградени автори на Лифт #4

На 29 декември во КСП Центар-Јадро во организација на издавачката куќа „Темплум“, беше доделена Стрип наградата Лифт #4 за 2021 најдобри необјавени стрипови за 2021 година. Притоа беше промовирана и истоимената публикација со избор од најдобрите пристигнати стрипови.

На четвртиот конкурс за стрип наградата Лифт пристигнаа 17 стрипови од 13 автор(к)и.

Според воедначеноста на квалитетот ова е најдобриот конкурс досега. Поголемиот дел од седумнаесетте стрипови лесно можеа да ги добијат наградите, нијанси ги раздвојуваа во оценките. За жал, имаме само три награди.

То ест, четири, зашто годинава третото место го делат два стрипа. Еве ги најдобро оценетите стрипови за 2021 година:

1. Solar System Recipe од Гоце Илиевски

2. Dear Father од Гаја Смилевска

3. Осамената зима од Јована Велинова Трајанова и
Прошетка од Владимир Илиевски.

Во тричленото жири за наградите решаваа: Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски.

Вкупниот награден фонд изнесува 500 евра (250 + 150 + 100), во книги и стрипови на книгоиздателството Темплум и стрипарницата Бункер.

Во продолжение пренесуваме по неколку зборови за тринаесетте стрипови што влегоа во книгава.

Илустрациите се од наградените стрипови.

Победничкиот стрип во целост погледнете го овде


фрагмент од Solar System Recipe од Гоце Илиевски

Solar System, Recipe од Гоце Илиевски

Професионален труд, одлично замислен и изведен и во детали и во целина, и како приказна и како цртеж и композиција. Приказната е без зборови, раскажана на девет табли кои изгледаат многу складно, со прецизно и поетично вклопени детали, светло, сенки, колорит, ефекти... Стрипот на моменти изгледа и како одлична геометриска уметност, со што убаво ни ја приближува темата: нашиот космос, поточно настанувањето на сончевиот систем. Еден од подобрите кратки македонски стрипови воопшто, не годинава, и не само во рамките на конкурсот за наградата Лифт.

Dear Father од Гаја Смилевска

Паднат ангел ни ја раскажува својата приказна. Одлична синхронизираност меѓу текстот и црно-белиот цртеж, суптилно (а на места и драматично) проникнат со црвена боја. Нарацијата е прецизна, со фино избрани („стрипски“) фрази и зборови, кои зборуваат и за книжевната култура на авторката. Композицијата е исто така креативна и функционалнa.

Осамената зима на Јована Велинова Трајанова

Велинова (отскоро и Трајанова) веќе трет пат учествува на Лифт конкурсот. Овојпат добивме неочекувано издание на младата авторка: шарено дело меѓу стрип и сликовница, за деца и возрасни, со многу суптилни колористички градации и паметно водена приказна, пред сè композициски, но и преку текстот.

Прошетка од Владимир Илиевски

Духовита, ефектна приказна без зборови, на само две табли. Одличен цртеж, динамична композиција со јасна нарација базирана на колористички контраст - првата табла е со посветли нијанси, втората потемна. Стилот е делумно карикатурален, а цртежот прецизен и минималистички.


фрагмент од Dear Father од Гаја Смилевска

Биди моето тело од Иван Коцев

Мрачен (ноар) „андерграунд“ стрип, но со извртен хумор и поетичност кои се кријат зад „фасадата“ на бруталноста и радикалноста. Цртежот и графиката се исклучителни, некаков микс меѓу андерграунд и германски експресионизам. Мотивот за приказната е новинска статија која известува за син кој претепал родители зашто не добил роденденски подарок. Одлично се исцртани и буквите, одлично се доловени, со доза на хумор, мрачните карактери, и на само четири непретенциозни страници е раскажана комплексната и повеќезначна „приказна од животот, направена според вистинити настани“.

Празнината на Тео Марковиќ

Мошне амбициозен и солидно реализиран труд, на 16 страници. Интересната и примамлива приказна зборува за вселенската програма на СФР Југославија. Во стрипот се појавува и Тито, како нарачател на вселенската програма. Во ликовна и стриповска смисла приказната е раскажана логично и прецизно, но можеби фали одредена фина доработка. Квалитетот на кадрите исто така благо варира, што можеби укажува дека стрипот сè уште е во работа.

Танцувај на дождот од Славица Купенкова

Динамична, атрактивна, секси приказна, под влијание на манга стрипот. Главната хероина низ монолог ја рекапитулира својата штотуку завршена љубовна приказна, ефектно поентирајќи: добро е кога знаеме кога бурата треба да се напушти, а кога треба да танцуваме на дождот. Одлично е искористен duo-tone ефектот. Позадините се интересни, апстрактни, динамични, но некои кадри сепак изгледаат недоработено.

Socer Mak од Златко Крстевски

Крстевски е познат автор на алтернативниот стрип. Цртежот е добар, како и визуелната нарација. Доминантни се верските елементи, објекти, светци, сакралното, но приказната неочекувано добива друг тек. Искористени се исечоци од весници како текст, добро вклопени во цртежот (или обратно, цртежот е добро вклопен во колажот:).

фрагмент од Осамената зима од Јована Велинова Трајанова


If it's real, it will hurt like hell од Мона Новак

Интересен стил, повеќе како колаж, страници направени од еден кадар, најчесто портрет. Текстот е функционален, добро го води и надополнува визуелното. Приказната, низ формата на меланхолична исповед, зборува за уште едно љубовно разочарување.

Палавкото Боше од Владо Јаневски

Мини стрип каишите на Јаневски се мошне духовити. Кај него нема класична стрип нарација, туку работите ги решава со еден кадар и со текстуално дообјаснување во горниот дел. Приказната е можеби послабиот дел на стрипот.

Градина од Тамара Марчевска

Градина е солиден ликовен експеримент изведен со комбинација од техники. Стрипот е добро кадриран, но му треба малку поголема техничка и наративна педантност. Забележливо е влијанието од Wall-E, каде луѓето се дебели и инертни, додека роботите се похумани.

The return of the creators од Петар Миљковиќ

Апстрактен цртеж не премногу недефиниран, изведен со тенки линии. Приказната (за НЛО и за влијанието на вонземските раси врз нашата) убаво почнува, иако е прекратко дејството. Кому му следи продолжение, како што навестува крајот на епизодата.

Чудни од Ева Дејановска

Четрнаесетгодишната Ева втор пат учествува на нашиот конкурс. Симпатичен е нејзиниот стил, особено цртањето на женските ликови. Таблите наликуваат на сложувалки, па читањето бара дополнителен напор. Приказната е малку чудна, како што најавува насловот, за чудовишта кои на крајот испаднале смешни. Со поинаков распоред на кадрите, можеби стрипот ќе добиеше појасна и попривлечна наративна структура.

Ева заслужува посебна пофалница, не само поради младоста и талентираноста, туку и поради посветеноста, да црта стрипови. Посакуваме да истрае.

фрагмент од Прошетка од Владимир Илиевски