1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Деновиве, во стрип-едицијата ЛИФТ на книгоиздателството Темплум излезе графичкиот роман „Забранетиот плод“ од Лив Стромквист. Преводот од шведски е на Родна Русковска.
Овде, почитувани читател(к)и, можете да ги прочитате првите 20-ина страници од книгата.
Низ историјата до денес, општеството (читај:мажите) биле опседнати со идејата да ја контролираат, политизираат и казнуваат женската сексуалност. Во графичкиот роман „Забранетиот плод“, шведската уметница Лив Стромквист нѐ води низ еволуцијата на опсесијата на патријархатот со вулвата, придружена со остар хумор и фантастична уметност. Таа се осврнува на сѐ: религија, наука, менструација, античка уметност, маркетинг на женски производи...
Стромквист ги истражува историјата и табуата од нивните најмрачни поглавја (судењата на вештерките од Салем) до најсветлите (кога менструалната крв се употребувала како љубовен напиток). Надоврзувајќи се на традицијата на Алисон Бехдел и Кејт Битон, таа го користи медиумот на стрипот да открие непријатни вистини за тоа колку не сме напреднале.
Карактеристично за Стромквист е употребата на хумористичен и педагошки пристап за да ги илустрира и коментира историските и современите форми на опресија и отпор, не само во однос на родот. Таа вешто аргументира преку досетливо контрастирање на слика и текст. Бројните фусноти кон академски извори оперираат паралелно со текстот и говорните облачиња за да ја прекинат серијата слики и да ги контекстуализираат прикажаните настани и ликови.
Мажите претерано опседнати со женскиот полов орган
На повеќето жени досега веќе им е добро познато како нашата култура низ времето функционирала да ја задуши прифатливоста на нивните желби и да го поттикне срамот околу женското тело. Но, Стромквист има за цел да наведе конкретни имиња. Во хумористични, анегдотални излагања таа раскажува за мажите низ историјата кои биле „претерано опседнати со женскиот полов орган“ и кои во голема мера придонеле за втемелување на токсичните наративи за жените во денешното општество - од Свети Августин до Барон Кувиер и Џон Мани.
Еден од таквите ликови е, на пример, Џон Харви Келог, изумителот на пченкарните снегулки и автор на здравствени прирачници во кои тврдел дека женската мастурбација предизвикувала рак на матката и епилепсија. Тој препорачувал нанесување карбоксилна киселина на клиторисот како начин за олеснување на „абнормалната“ возбуденост.
Ќе ја сретнете и бизарната приказна за отворањето на древниот саркофаг на кралицата Кристина во 1962 од „банда мажиња“ кои копнееле да ги проверат своите теории за нејзината наводна интерсексуалност.
Или, апсурдното цензурирање на кусата линија за индикација на вулвата на цртежот на машко и женско тело на сондата Payoneer лансирана во 1972 од НАСА.
Преку бројни вакви историски анегдоти „Забранетиот плод“ аргументира дека не се работи само за стигматизацијата на женското тело, туку и за начинот на кој знаењето за телото се создавало и се’ уште се создава преку дискурс кој е во целост претерано заинтересиран за објектите кои се стреми да ги дефинира.
Заборавената женска историја
Насловот на книгата се однесува на „забранетиот плод“ на сексуалното спознание во две смисли: не само како резултат на векови долга студија на женската сексуалност внатре во Западната патријархална култура, туку и на алтернативната архива на женска историја и искуство делегитимизирани и потиснати во таа култура. „Забранетиот плод“ документира како категориите пол и род се појавиле како резултат на културно и историски специфична продукција на знаење а не како „природни“ објекти или факти.
Но, Стромквист нѐ потсетува и дека не било отсекогаш така!
Некогаш одамна, луѓето ниту се плашеле, ниту се гаделе од женските сексуални органи. Вулвата била во центарот на спиритуалниот живот.
На насловната страница на стрипот е претставена авторката со рацете индикативно поставени помеѓу раширени нозе, под насловот испишан со крваво-црвени букви. Моќната фотографија реферира на во Средниот век често среќаваните скулптури од жени со раширени нозе кои биле поставувани на ѕидовите на манастири и цркви, како чуварки на селските порти и дури и над вратите на обични куќи.
Дали сте чуле за ритуалното (и шеговито) покажување на вулвата што во античка Грција било дел од забавите во чест на божицата Деметра?
Или дека во европските приказни од 19 век се појавуваат жени кои го поразуваат ѓаволот покажувајќи му ја својата вулва?
Креативната меланхолија на менструацијата
Во 2018 Стромквист го привлече вниманието на меѓународните медиуми со јавна уметничка инсталација во која ги изложи своите стипови во метро станица во Стокхолм. Проектот насловен „Ноќната градина“ (2018-2019) се базира на илустрации изворно објавени во претходни книги на авторката (вклучително и во „Забранетиот плод“), заедно со оригинални дела за инсталацијата. Сметајќи ја за шокантна поради приказите на жени што менструираат, Шведските демократи, десничарска популистичка партија, побарале замена на јавно финансираната менструална уметност на Стромквист со шведски слики на пејзажи од 20 век.
Стрипов, значи, неизбежно се бави и со менструацијата и менструалното табу. Стромквист придонесува кон реосмислување на концептот на менструацијата потенцирајќи го менструалното тело како нешто што го попречува бинарниот полов систем. А нараторката потсетува: „менструацијата е табу – табу кое различно се одиграло во различни култури“.
Поглавјето насловено „Blood mountain“ (англиски во оригиналот) е долга секвенца од триесетина страници во кои се истражува менструалното табу, индустријата за менструални производи, интересот на Фројд за менструацијата и нејзината репрезентација во културата и уметноста. Стромквист дури ги црта и Платон и Сократ како менструираат, додека сопругите на славните филозофи се жалат: „Аман, просто НЕ МОЖАМ да се справувам со менструацијата на Платон баш сега!! Каков лигле е!!“
Во една табла со крупен фонт, со големи букви и подвлечено, пишува: „Се надевам ви е јасно дека АКО живеевме во матријархат, менструацијата ќе имаше ОСОБЕНО висок статус – како машката меланхолија во 19 век или барањето одобрување на некои мажи што водат подкасти денес.“ Следната страна илустрира што Стромквист подразбира под креативна меланхолија на менструацијата. Покрај цртежот на фигура на жена седната во поза на скулптурата „Мислителот“ на Роден, стои описот: „жена, со рака на стомакот, елегантно обременета од менструална болка, задлабочена во голема ПМС меланхолија“. Овде, не само што самата менструација е претставена како извишена состојба поврзана со креативноста, туку и едно темелно дело на машката канонска уметност е употребено во функција на репаративната феминистичка работа на Стромквист: „статуата би ја претставувала таа хиперсензитивна, интелигентна, префинета состојба!“
Шведските критичари обично ги карактеризираат стриповите на Стромквист како „родови студии во форма на стрип“. Притоа, тие несомнено мислат на нејзината способност да дестилира тешки концепти на постструктуралистичка и квир теорија во разбирлив и пристапен форма, силно релевантна за современиот феминистички активизам.
Лив Стромквист (1978) е во центарот на експлозијата на феминистички графички романи во Шведска од раните 2000-ти. Нејзините стипови имаат освоено престижни награди и таа е редовно присутна во шведските медиуми. Таа стана мошне популарна со својот прв стрип албум Hundra procent fat (Сто насто мастонија), по што следеа албумите Drif (Нагон, 2006), Ensteins fru (Ајнштајновата жена, 2008), Prins Charles kansla (Чувството на принцот Чарлс) и Ja till Luv! (Гласаме за Лив!, 2011). Стриповите ѝ се повеќекратно наградувани, а неколку од нив се поставени и во театрите во Стокхолм и Малме. Стриповите ги објавува во дневните весници Afonbladet и Galago, а има и свој популарен подкаст.
Приредила: Фросина Крушкаровска