Вечност

04.01.2013 11:31
Вечност

Стаса ли Новата Година? Не забележав. Во суштина, најдобро е и да не дојдеше. Замислете само колку би ни бил животот подобар, ако воопшто немаше Нова Година. Како прво, ќе немаше потреба да се донесува буџет, а со самото тоа ќе немаше потреба новинарите и пратениците од опозицијата со полициски сили да бидат бркани од Парламентот. Ќе немаше потреба ни од оние силни анти-протестни бламирања на актерите, пензионерите, земјоделците... Со еден збор, барем нервите ќе ги спасевме за извесно време.

Затоа и се чудам зошто не беа организирани анти-протести против доаѓањето на Новата година. Ако на Дедо Мраз му се случеше народ, легитимното владејачко мнозинство ќе имаше легитимно право да му забрани влегување во државата. Или што би рекол Илија Димовски, тоа ви е исто како некој странец непоканет да ви влезе во куќа. Од друга страна, и на Дедо Мраз ќе му беше полесно. Толку желби има во оваа Македонија што Дедо Мраз и да го зголеми сопствениот наталитет и наталитетот на елените што ги влечкаат неговите санки нема да успее сè да постигне. Евентуално само ќе им ги исполни желбите на луѓето од власта.

А ако се суди по оние негови јадни пратеници што висеа деновиве на централниот плоштад во главниот македонски град, очекувајќи дека уште има некој што би сакал да се слика со нив, тогаш, очигледно, ни Дедо Мраз не е во онаа солидна буџетска форма во која очекуваме да го видиме.

Затоа, можеби беше најдобро собранието да изгласа закон за забрана на доаѓање на оваа и на следните нови години, закон со кој ќе се овозможи да останеме вечно во 2012 година. Со ваков закон, на пример, нема да доаѓаат повеќе ни изборните години и бадијалџиското трошење пари на таа декадентна навика на избирање политичка опција. И онака се знае дека ВМРО-ДПМНЕ мора да победи. Тоа, конечно, го потврди и премиерот Никола Груевски, кој во недостиг на друг аудиториум, им се обрати на децата без родители, објаснувајќи им дека неговата партија изгласала закон со кој ќе ги вработи децата по десетина и повеќе години. Тоа само значи дека Груевски очекува да остане на власт уште долго, долго време и дека принципот на партиски вработувања ќе биде основниот квалитативен принцип за обезбедување егзистенција.

Токму премиерското делење пакетчиња и телевизори кај пензионерите ја покажува одвишноста на постоењето на Дедо Мраз. Си имаме ние партиски Дедо Мраз, портокалов, прероден и надграден, и не ни е потребен никаков друг. Кога може партијата да биде еднаква на државата, тогаш е јасно дека може да го супституира и Дедо Мраз, како што ги супституира сите останати области во животот.

Недоаѓањето на Новата Година би донело уште низа придобивки за Македонија. Не мораме, на пример, да се понижуваме барајќи компромис за сопственото име. Не мораме да ги слушаме директивите на Европската унија. Не мораме да планираме годишни одмори. Сите би останале во декември. Во една убава, блага зима. Не мора, значи, да има субвенции за земјоделците, бидејќи ни земјоделство не мора да има. Ќе се градат само споменици и барокни фасади. Тогаш и слоганот „Македонија вечна“ ќе добие на значење.

Замислете само каков туристички бум би доживеале. Посетете ја Македонија вечна, застаната во времето. За луѓето од некои други светови и од некои блиски иднини, каде што новите години нормално доаѓаат и нормално заминуваат, би било вистинска атракција да ја посетат земјата. Како да патувале со некоја временска машина, некој тип времеплов. Научниците од иднината би доаѓале да изучуваат како некогаш се живеело. Холивуд би снимал научно-фантастични хорори. А и ВМРО-ДПМНЕ вечно би останало на власт.

Конечно, новогодишната ноќ тука одамна ја изгуби својата смисла. Како можете, на пример, во една целосно луда земја да ја прославувате најлудата ноќ. Па, тука има вистинска инфлација од луди и најлуди денови и ноќи.

Затоа и прашувам дали сериозно стаса Новата Година, зашто ако стаса, а јас не забележав, тогаш уште отсега треба да се работи 24/7 за да се спречи нејзиното погубно дејство во уривањето на статус-квото во земјата. На пример, целосно да се игнорира, да се бојкотира и да не ѝ се дозволи било какво делување во општествениот живот. Да се постават живи штитови пред барокните споменици за да не ги разјадува со своето време, да ѝ се оневозможи пристап до каков било календар. Освен до оној на Маите. Со други зборови, време е Македонија да го достигне својот историски врв, да го прогласи крајот на времето.

Слики: Leah Saulnier

ОкоБоли главаВицФото