Дијагноза

15.12.2012 10:12
Дијагноза

Не знам што му рекле на премиерот Груевски во САД, ама очигледно кај него има позитивни промени откога се врати од таму. Прво реши да разговара со Али Ахмети, а потоа најави дека ќе разговара и со лекарите. Добро е што сам ја воочил потребата од разговор со докторите. За него и за неговото здравје, се разбира. А како што рекоа претставниците на лекарскиот синдикат, тоа е добро и за нив. Којзнае од кога се немаат сретнато со таков комплексен случај, каков што е македонскиот премиер. Претпоставувам дека ваквиот пресврт во односот на Груевски кон грижата за самиот себе и за сопственото здравје лежи во неговата анализа на американскиот модел на здравствена заштита. Таму капиталните примероци, од типот на Груевски, внимателно се чуваат и се негуваат. Надвор од каков било допир со реалноста. Во микроклиматски услови, каде што најдобро би можеле да се проучат нелогичните и апсурдни реакции што ги прават примероците на сапиенси од овој тип.

Во суштина, тука лежи тајната на штрајкот. Лекарите инсистираа на разговор со министерот Тодоров. Можам да замислам каков и колкав професионален предизвик е да се земе во опсервација Тодоров. За разлика од Груевски, Тодоров некако се инаети и нешто не му е за одење по лекари. Од друга страна, лекарите, јасно, не сакаат и не можат да пропуштат таква шанса, па безмалку се приморани да штрајкуваат. Барем на тој начин да успеат да го донесат Тодоров во своите ординации. И во соодветните институции, се разбира.

Но, да не излезе дека работата е сосема утната, се погрижија некои други лекари, докажувајќи и дека меѓу нив има сериозни случаи за посматрање. Некои излегоа на анти-протести, а други излегоа од својата пензионерска илегала. Како да седеа по некои полусмрдливи ќошиња, па одеднаш видоа шанса да излезат на светлоста на денот. И, ете - падна снег. И го доизвалка и онака избербатеното овдешно милје.

Има тука многу работи за посматрање. Ете, на пример, одлуката македонското државјанство да се продава за 400.000 евра. Демек, бизнисменот што ќе ја инвестира оваа сума и ќе вработи десет луѓе автоматски ќе добие македонско државјанство. По таа логика, ако вложи, на пример четири милиони евра и вработи сто луѓе би требало да добие десет државјанства. Колку, на пример, државјанства му следат на „Веро“.

Меѓутоа, логиката не е таа. Гарантирам дека таму каде што пишува дека цената на македонското државјанство чини 400.000 евра, нешто подолу со ситни букви е напишано дека оној што ќе вложи милион евра сигурно нема да добие македонско државјанство. Тоа веќе има сериозна логика и верувам дека ќе придонесе за зголемување на инвестициската активност. А има и подобри решенија. На пример, треба да се донесе пропис дека оној што нема да вложи ништо задолжително добива македонско државјанство. Дури тогаш ќе налетаат бројни инвестиции во земјата. Ја замислувам таа сцена. Македонската дипломатија, вооружена со македонски биометриски пасоши, од заседа лови странци. А овие, целите препотени, со треперлива рака од џебот вадат пусулче дека вложиле по пет евра во Бунарџик. Дипломатот гледа во хартијата со неверување, се обидува да пронајде фалсификат, ама приказната има хепиенд - невиниот странец успева да се спаси.

Сепак, ако човек добро размисли, навистина, кому му треба македонско државјанство? Претпоставувам на сомнителните бизнисмени, кои бараат некоја лагодна полуправна резервна татковина. Можеби на бизнисмените од опкружувањето. Од Косово на пример, поради полесниот визен режим. Или од Грција (зошто да не?) поради нивниот банкрот. Прашање е, значи, дали на Македонија и’ одговара да им даде државјанства на оние што им одговара да имаат македонско државјанство? На оние што на Македонија и’ одговараат, Македонија очигледно не им одговара.

Што се случи со откупот на гробните места? Оваа тема во зимски период е секогаш актуелна. Сега ми кажуваат дека оние 50 евра што треба да се дадат за секој гроб посебно, всушност не значат дека гробното место поминува во приватна сопственост, туку, според објаснувањето на еден од службениците на АД „Бутел“, станува збор за „приватна службеност“ врз гробното место. И потоа некој ќе каже дека немаме инвентивни луѓе. Вакво оригинално збогатување на македонскиот јазик не се помни уште од времето на Крсте Мисирков. Добро, тоа што никој не знае што значи „приватната службеност“ не е хендикеп, туку само уште еден доказ на генијалноста на бирократскиот ум. Прво ќе смислиш форма, а содржината потоа самата ќе ти се каже. На пример, полнење на буџетот.

Во секој случај, треба што побргу да ги завршиме формалностите околу нашите гробови. Крајот на светот само што не стасал. Додуша, претпоставувам дека некој веќе ќе се најде да организира протести против крајот на светот, паметно заклучувајќи дека тој е предвиден во времето кога целата космичка власт ја имаа Бранко Црвенковски и СДСМ. Деновиве повторно излезе некоја анкета, која суверено тврди дека ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ. Што ти е катаклизмично размислување.

Мислам дека ние ќе бидеме најизненадени ден по пропаста на светот. Бидејќи ништо нема да се случи. Дури тогаш ќе сфатиме дека цело време сме живееле во веќе пропаднат свет!

Извор: Глобус
Слики: C.J. Burton

ОкоБоли главаВицФото