Генијалци

14.11.2012 12:33
Генијалци

Фројд вели дека карактерот се формира уште од детството. Според некои други авторитети, телевизијата е највлијателниот медиум во создавањето на ставовите. Ако сериозно се разгледаат овие премиси, тогаш нема ништо чудно во огласот за ангажирање советници на Министерството за здравство, во кој што (како прв услов) се бара сертификат од МЕНСА и минимален коефициент на интелигенција од 140. Имено, според годините на старост, лесно може да се претпостави дека министерот бил дете кога на телевизија се даваше македонската серија за деца „Здраво генијалци“. И дека таа многу му се допаѓала. И дека му влијаела врз формирањето на карактерот и на основните ставови.

Прво, главниот јунак во серијата (со име Двојче) ем е генијалец, ем е мангуп. Парадигма, кон која се стреми севкупната политичка елита на ВМРО-ДПМНЕ. Вклучително и таканаречениот „карате-кид“, Никола Тодоров. И, второ, и уште поважно, ликот на „Двојче“ го толкуваше сегашниот градоначалник на Битола и виден член на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Талевски (што значи дека континуитетот на генијалноста во редовите на ВМРО-ДПМНЕ одамна постои). Тоа значи дека врз малиот Тодоров, кај кого што, како и кај другите гледачи што пронаоѓаат идентификации во омилените тв-ликови, сигурно сериозно се одразил фактот што неговото телевизиско алтер-его го одбрала токму партијата, методологијата и идеологијата што ги одбрал. Но, да не должам. Ваквиот персонален развој не може да се развива никако поинаку, од она како што се развива. Значи, она што е за Никола Тодоров „ај ку“, за сите останати е „ај куку“.

Инаку, само како шпекулација треба да се сфати информацијата дека Никола Тодоров, всушност, сакал да ја ангажира Шерон Стоун, најпознатата русокоса со признаен серификат од МЕНСА, како суперинтелигентна жена. За волја на вистината, ако тоа беше идејата, тогаш јас прв би го поддржал овој основен инстинкт. Како што сега стојат работите, изгледа дека и Шерон Стоун се откажала од вака примамлив ангажман, зашто последните информации велат дека во своите најнови интервјуа со цела сила се обидува да демантира дека има што било со МЕНСА, со висок коефициент на интелигенција, а најмалку со Министерството за здравство на Тодоров.

Во прилог на моите тези оди и фактот дека на министерот му требаат високоинтелигентни стручњаци од повеќе области за да прават некакви сложени анализи. За разлика од нив, оние што прават прости анализи не мора да имаат висок IQ. Веројатно, не мора ни да имат IQ. На пример, ако ја анализираат вредноста на душеците купени за некој здравствен капацитет. Со ова министерот Тодоров дава уште еден придонес кон корпусот на неразјаснети тајни на човековата цивилизација: 1. Како Мојсеј го пресече Црвеното Море; 2. Што значи насловот на песната „Lucy in the Sky with Diamonds“, и 3. Што му значи „сложена анализа“ на министерот Тодоров.

Во прилог на Тодоров, пак, токму оди мојот последен прилог: претпоставувам дека само човек со вонредно висока интелигенција може да сфати што сакал Тодоров да каже со својот оглас.

Ако, по некој случај, на овој конкурс не се пријави оној пратеник на ДПА што најави дека ќе го спали Собранието, ако биде усвоен Законот за отштета на бранителите, тогаш тој треба дефинитивно да биде кооптиран. За жал, неговата интелигенција далеку ги надминува потенцијалите на рецепција на еден, на пример, просечен претседател на Собрание. Поентата на собранискиот Пиколомини е токму во тоа: Велјановски дебело да го осигура објектот на Собранието, а од отштетата што ќе ја добие ќе може да ги подмири сите барањата на сите страни од конфликтот во 2001 година. И овците и волците, ем сити, ем на број. А што се однесува до Собранието, како што покажува повеќегодишната пракса, тоа и онака само бадијала арчи пари. Ем што арчат пари, ем ништо не зависи од нив, ама мораме, едно-две, да им спремаме предвремни избори, ем како по нив да е снимана серијата „Здраво генијалци“.

За да се докаже умствениот напредок во секоја смисла, требаше деновиве да се фрли камен темелник на уште една црква, овојпат на улица „Македонија“. Посветена е на римскиот цар Константин и неговата мајка Елена. Елена, имено, ја прифатила христијанската вера, а нејзиниот син ја официјализирал. Тоа го објаснува фактот што премиерот на една, ајде да кажеме така, секуларна Влада, која се занимава со сексуалниот живот и коефициенот на интелигенција на своите сограѓани, имаше потреба да фрли камен-темелник на новата црква. Тоа што Владата е секуларна, не значи дека не треба да биде и продуховена. Којзнае, утре некој и Никола Груевски ќе го прогласи за светец. Човекот кој изгради црква среде улица „Македонија“.

За волја на вистината, присуството на голем број членови на кабинетот на Груевски, вклучувајќи ги тука и оние што се грижат за економијата, дава реална слика на состојбата во која се наоѓаме. Значи, дефинитивно ќе ни требаат високо интелигентни луѓе да излеземе од она каде што сме, а, пред сè мораме да се надеваме на божја помош.

Додуша, присуството на градоначалникот на општина Центар може да значи и нешто друго: на пример, дека црквата ќе биде дел од некоја катна гаража, во која ќе биде направен мол, каде што верниците ќе можат да купуваат свеќи и зејтин. Од маркетот на „Тинекс“. Бидејќи таму ќе добијат купончиња за големата акција на ножеви.

Значи, со Никола Тодоров и со Господ на помош.

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото