Во светот на предавниците

25.12.2017 17:57
Во светот на предавниците

Не го знаеме планот на Христијан Мицкоски за тоа што мисли да прави како нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Но, го знаеме планот на Груевски: тој мисли Мицкоски да игра според неговиот план.

А планот на Груевски, произлезен од „длабинската анализа“ по изборите, е едноставен: во партијата врие од предавници, со нив мора итно да се расчисти; СДСМ се одамна предавници со тапија, и со нив мора итно да се расчисти; меѓународната заедница ги помага предавниците, и со неа треба да се расчисти; а сите кои не се согласуваат со ова се предавници, и со нив треба да се расчисти, итно…

Како ќе расчистува Мицкоски со сите овие предавници? Така што ќе ги користи советодавните и оперативните услуги на Фамилијата, предводена од почесниот претседател на партијата.

Тоа е прекрасното идеолошко и политичко наследство што Фамилијата му го остава во аманет, како политичка програма за иднината, на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Притоа, неговиот избор демонстративно го изведоа така за апсолутно никој, ни дома ни во светот – а особено не самиот Мицкоски – да нема дилема дека третиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ е избран како резултат на исклучивата желба на Фамилијата.

Што ќе рече, ако „мрдне“ од зададената агенда, може да биде и „како дошол, така отишол“!

Ние не знаеме што политичка мустра е г. Мицкоски. Ако се суди според неговиот петнаесетминутен говор по изборот во Валандово, во него нема многу „штоф“ за големи изненадувања: здодевен говор преполн со политички флоскули (по една реченица за сѐ и секого, од невработените, до земјоделците; како да му го пишувал Протуѓер), со јасна заложба за интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО. И тоа е нешто.

Но, види чудо, следниот ден, по крстењето пред иконата во струмичката црква, Мицкоски даде изјава во која јасно, во христијански занос, реплицираше на валандовскиот говор на својот политички ментор Груевски: „Луѓето во текот на нивниот животен пат носат многу одлуки, дел од тие одлуки некогаш знаат да бидат и погрешни, најголемиот дел се исправни. Како луѓе и како христијани треба да научиме на простување да посочуваме на грешките и истите да ги разбираме, а оние кои што грешат треба да научат да извлечат поука од грешките и истите да не ги повторуваат. Како народ и како граѓани на оваа држава ни е потребно помирување, толеранција и разбирање за сите останати…“

Опааа! А предавниците? И ним ли ќе им простуваме и со нив ли ќе се мириме, ќе се толерираме и ќе ги разбираме?!

Од сето погоре кажано, мислам дека треба да причекаме уште извесен период за да видиме со кого, точно, ќе си имаме работа на чело на најголемата опозициона партија. Тој (сѐ уште) не ги контролира сите полуги во партијата. Тамошните фракции брзо ќе му испорачаат што се нивните барања, а и меѓународната заедница, наскоро, без многу такт, ќе му соопшти што точно се очекува од него во 2018 г., со оглед на густата домашна и меѓународна агенда за Македонија.

Но, едно уште од сега ми е јасно: Мицкоски и Заев се како дојдени од два засебни света, од две различни галаксии! Нивните социјални, образовни, културни, политички, па и морални бекграунди – можеби со исклучок на христијанскиве сентименти и кај двајцата – речиси и да немаат никакви допирни точки. Тука хемија тешко дека ќе има. Дополнително, чувствувам извесен „фамилијарен“ презир кај Мицкоски во однос на Заев…

Штета. За Македонија

Извор: civilmedia.mk
Слики: Александар Дојранлиев