70 години од смртта на Никола Тесла

07.01.2013 10:48
70 години од смртта на Никола Тесла

Во Хотелот „Њујоркер“ во кој Тесла ги поминал последните десет години од животот и починал на Божиќ, на 7 јануари 1943, овој викенд е одржана Меморијалната конференција Тесла, со која се одбележуваат 70 години од неговата смрт.

Меѓу учесниците на конференцијата е и Метју Инмен, блогер и стрип автор кој помогна во рекорден рок да се соберат 1,3 милиони долари за откуп на лабораторијата на Тесла „Варденклиф“ на Лонг Ајленд, која треба да биде претворена во научен центар.

Последните години од животот Тесла ги поминал повлечено, дружејќи се најмногу, по сè изгледа, со гулаби. Откако го напуштил овој свет во екот на Втората светска војна, на самиот почеток на 1943 година, Тесла на 12 јануари е погребан на гробиштата во Њујорк, после опелото отслужено во српската соборна црква Свети Јован Богослов на Менхетн.

Музејот на Никола Тесла во Белград, кој неодамна одбележа 60 години од постоењето и кој поседува околу 160.000 оригинални документи, повеќе илјади публикации (книги и списанија) и повеќе од 1.200 историско-технички експонати, од декември 1952 година е сместен во Крунската улица во репрезентативното здание изградено во 1929, по проектот на Драгиша Брашован. Меѓу другото, во музејот се чува и (стилизираната) урна со неговите посмртни останки.

Архивската граѓа од оставнината на Тесла во 2003 е впишана во регистарот на УНЕСКО „Светска меморија“.

Наследството на Тесла е донесено во Белград врз основа на одлуката на американските судски власти, откако за единствен наследник е прогласен неговиот внук, југословенскиот дипломат Сава Косановиќ.

Никола Тесла е роден на 10 јули во Смилјан, во Лика, тогаш Воена граниа во склоп на Австрија. Роден е во семејството на Милутин Тесла, свештеник на Српската црква (тогаш Карловачка митрополија). Неговата мајка Ѓука исто така потекнува од свештеничко семејство - Мандиќ од околината на Грачац.

Школувањето го започнал во родното место, Смилјан, го продолжил во Госпиќ и Карловац, студирал во Грац и Прага, но никогаш не ги завршил студиите. Пред 1884 година, кога тргнал кон САД, работел во Марибор, Пешта, Стразбур и Париз.

Ја напуштил Европа со надеж дека во Њујорк, тогаш славниот иноватор и индустријалец Томас Алва Едисон, за чија компанија работел уште во Париз, ќе му помогне да ги реализира неговите технички иновации.

Меѓутоа, во компанијата на Едисон останал помалку од една година и уште во 1885 година во Њујорк ја основал сопствената компанија „Тесла“ и започнал со првите модели предвидени за користење на наизменична струја - иновација која го преобрази светот. Инаку, Едисон бил голем противник на изумот на Тесла, бидејќи во производството на еднонасочна струја претходно вложил голем капитал.

Тие години во новосадски „Браник“ се појавил првиот текст на српски за изумите на Тесла. Авторот на текстот тогаш го нарекол „српски Едизон“.

Самиот тесла бил извор на инспирација за многу книжевници, филмски и други уметници. За него се напишани бројни книги, а на големото платно го играле од Дејвид Боуви до Џон К. Рајли. Во моментов, во подготовка е филмот „Тесла - господар на светот“, каде славниот научник треба да го игра Кристијан Бејл.

На видеото подолу може да погледнете кратка анимирана биографија на Никола Тесла.

Извор: www.b92.net

ОкоБоли главаВицФото