Стивен Хокинг, најсветлата ѕвезда на науката, почина на 76 години

14.03.2018 16:09
Стивен Хокинг, најсветлата ѕвезда на науката, почина на 76 години

Стивен Хокинг, најсветлата ѕвезда на современата наука, чии идеи ја обликуваа модерната космологија и инспирираа милиони луѓе низ светот, почина на 76 години.

Неговото семејство соопшти дека Хокинг починал во неговиот дом, во Кембриџ, во средата наутро. 

Децата на Хокинг, Луси, Роберт и Тим изјавија: „Многу нè растажи денешната смрт на нашиот сакан татко. Голем научник беше и посебен човек чиј труд и наследство ќе живеат со години. Неговата храброст и издржливост, а и неговата сјајност и хумор, инспирираа луѓе низ цел свет.“

„Еднаш тој рече: ‘Не би бил којзнае што универзумов ако не беше дом на луѓето кои ги сакате.’ Ќе ни недостига засекогаш.“

За колегите научници и саканите, токму интуицијата и острата смисла за хумор е тоа што го истакнуваше, исто колку и големиот интелект кој, заедно со неговата болест, ги симболизираше бескрајните можности на човечкиот ум.

Хокинг нашол утеха во Вагнер, а не во шишето, кога му ја дијагностицирале болеста на моторните неврони во 1963, кога имал 21 година. Докторите очекувале дека ќе живее само уште две години. Но обликот на болеста кај Хокинг се развиваше побавно од обично. Тој преживеа повеќе од половина век.

Хокинг еднаш процени дека работел само 1000 часови за време на неговите тригодишни додипломски студии на Оксфорд. Кога дипломирал бил на граница меѓу првокласна и второкласна диплома. Бил убеден дека го сметале за напорен студент, па им кажал на членовите на комисијата дека ако му дадат првокласна диплома, ќе оди да пишува докторат на Кембриџ. А ако му дадат второкласна, дека ќе остане на Оксфорд. Се одлучиле за првото.

Тие што живеат во сенка на смртта се најчесто тие што живеат најмногу. Кај Хокинг раната дијагноза на смртна болест, и сведочењето на смртта на момче со леукемија во болницата поттикнале ново чувство на значење. „Иако ми надвиснува облак над иднината, открив, за чудо, дека го уживам животот во сегашноста повеќе од порано. Почнав да напредувам во истражувањата“, изјави еднаш. Вистински започнувајќи ја својата кариера, рекол: „Целта ми е едноставна – целосно да го разберам универзумот, зошто е таков каков што е и зошто воопшто постои.

Почнал да користи патерици во 1960-те, но долго давал отпор кон инвалидската количка. Кога конечно попуштил, станал озлогласен поради неговото лудо возење по улиците на Кембриџ, згора на тоа што им газел на студентите по прсти, а знаел и да сврти некој круг пред бината на студентските забави.

Првото големо откритие на Хокинг е постигнато во 1970, кога тој и Роџер Пенроуз ја применуваат математиката на црните дупки врз универзумот и покажуваат дека постои сингуларност, област на бесконечно искривување на простор-времето во нашето далечно минато: точката каде се случила Големата експлозија.

Пенроуз открил дека може да зборува со Хокинг дури и кога тој веќе не можел да зборува. Хокинг, вели тој, беше крајно решен да не дозволи ништо да му се испречи пред патот. „Мислеше дека нема уште долго да живее, па сакаше што повеќе да заврши во тоа време.“

Во 1974 Хокинг врз основа на квантна теорија, заклучи дека црните дупки би требало да испуштаат светлина за најпосле да престанат да постојат. За црните дупки со нормална големина, процесов е премногу бавен, но минијатурните црни дупки наводно испуштаат топлина премногу брзо, за на крај да експлодираат со енергија на милион водородни бомби од еден мегатон.

Неговата претпоставка дека црните дупки испуштаат топлина поттикна една од најжестоките дебати во современата космологија. Хокинг расправаше дека ако црната дупка може да испари, сите информации кои биле впиени во текот на животот на дупката може да исчезнат засекогаш. Оваа идеја се спротивставува на еден од најосновните закони на квантната механика, и многу физичари не се сложиле. Хокинг на крај го прифати поопштоприфатеното, иако еднакво збунувачко, објаснување дека информациите се складираат во хоризонтот на настани на црната дупка, и се претвораат во радијацијата што ја зрачи црната дупка.

Марика Тејлор, поранешна студентка на Хокинг, која сега работи како професор по теоретска физика на Универзитетот на Саутемптон се сеќава како Хокинг го изјавил променетото мислење за парадоксот на информации пред студентите. Ја дискутирал нивната работа со нив во паб кога Тејлор забележала дека го попушта говорниот синтетизатор до крај. „Признавам!“ извикал. Целиот паб се свртел и погледнал кон групата пред Хокинг да го затиши звукот и да се изјасни: „Признавам дека можеби информациите не исчезнуваат.“ Имаше тој, вели Тејлор, „страшна смисла за хумор“.

Низата на чудесни откритија на Хокинг довеле до тоа да биде прифатен во Кралското друштво во 1974, на рана возраст од 32 години. По пет години, станува лукасиски професор по математика на Кембриџ, можеби најугледната позиција во Британија, која претходно ја држеле Исак Њутн, Чарлс Бебиџ и Пол Дирак, од кои последниот е еден од основачите на квантна механика.

Пионерските придонеси на Хокинг продолжија во 1980-те. Теоријата за космичка инфлација претпоставува дека младиот универзум поминал низ период на огромно проширување. Во 1982 година, Хокинг беше меѓу првите кои покажаа како квантните флуктуации – мали варијации во распределбата на материјата – можат преку инфлација да доведат до ширењето на галаксии во универзумот. Во овие мали разбранувања се наоѓа почетокот на ѕвездите, планетите и животот што го знаеме.

Но неговата Кратка историја на времето е тоа што го лансира Хокинг меѓу ѕвездите. Првпат издадена во 1988 г., книгата влезе во Гинисовата книга на рекорди откако остана на листата на бестселери на Сандеј Тајмс претходно невидени 237 недели. Има продадено 10 милиони копии и преведена е на 40 различни јазици. Сепак, шегобијците ја нарекуваат најдобрата непрочитана книга во историјата.

Хокинг се оженил со својата симпатија од факултет, Џејн Вајлд, во 1965, две години по дијагнозата. Првпат му фрлила око во 1962, кога тој шетал по улица во Сент Албанс, со сведнато лице покриено со бујна несредена кафена коса. Некој пријател ја предупредил дека се мажи во „едно лудо, лудо семејство“. Со сета 21-годишна невиност, верувала дека Стивен ќе ја сака, и во 2013 ја напиша книгата Патувајќи до бесконечноста: Мојот живот со Стивен.

Хокинг можеби и не е најголемиот физичар во неговото време, но во космологија беше огромна фигура. Нема совршено мерило за научна вредност, но Хокинг ја има добиено наградата Алберт Ајнштајн, наградата Вулф, Коплиевиот медал и наградата за Фундаментална физика. Сепак, Нобеловата награда му избега.

Тој сакал научни кладби, иако често ги губел. Во 1975, се кладел во претплата на Пентхаус со американскиот физичар Кип Торн дека космичкиот извор на рендгенски зраци Cignus Х-1 не е црна дупка. Ја изгубил кладбата во 1990. Во 1997, Хокинг и Торн се кладеле во енциклопедија со Џон Прескил дека информациите исчезнуваат во црните дупки. Хокинг призна дека не е во право во 2004. Во 2012, Хокинг изгубил $100 во кладба со Гордон Кејн дека Хигзовиот бозон нема да биде откриен.

Има предавано во Белата куќа за време на мандатот на Клинтон – неговите суптилни коментари за случката со Моника Левински не беа сфатени од тие кои го гледаа неговиот говор – и се врати во 2009 за да го прифати Претседателскиот медал на слобода од Барак Обама. Животот му е одигран во биографии и документарци, најскорешно во Теоријата на сè, игран од Еди Редмејн. Се појавува во Симпсонови и има играно покер со Ајнштајн и Њутн во Ѕвездени патеки: следната генерација.

Хокинг велеше дека за човештвото да преживее мора да се прошири низ вселената, и предупредуваше за најлошата употреба на артифицијална интелигенција, вклучувајќи автономни оружја.

Некои од неговите најизразити коментари ги навредуваа религиозните. Во неговата книга од 2010 г., Големиот дизајн, кажа дека не е потребен Бог за да започне универзумот, а во интервју за Гардијан година подоцна, ги отфрли удобностите на религиозната верба.

„Го гледам мозокот како компјутер кој ќе престане да работи кога ќе му се расипат деловите. Нема рај или поживот за расипани компјутери; тоа е само бајка за луѓе кои се плашат од мракот“.

Исто така говореше за смртта, случка која за него се наоѓаше на подалечен хоризонт отколку што мислеле докторите. „Не се плашам од смрт, но не ми се брза да умрам. Многу имам прво да завршам“.

Тоа што ги зачуди тие околу него е колку многу постигна.

Остави три деца, Роберт, Луси и Тимоти, од неговиот прв брак со Џејн Вајлд, и три внуци.



За време на презентација на Универзитет во Берлин



Стивен Хокинг во 1985 година



Говор за време на церемонијата на отворање на Параолимпијадата во Лондон 2012 година

Стивен Хокинг лебди на нула гравитација при симулација на услови во вселената



извор: theguardian.com

 

ОкоБоли главаВицФото