Што се случува со мастилото за тетовирање откако ќе ви влезе во кожа?

12.03.2018 14:47
Што се случува со мастилото за тетовирање откако ќе ви влезе во кожа?

Некои можеби долго размислуваат каква слика да вбризгаат во кожата; но малкумина размислуваат за тоа што се случува со мастилото откако ќе им влезе во кожата.

Всушност, научниците сè уште го истражуваат ова прашање.

За да се направи трајна тетоважа, тетовирачот ѝ нанесува на кожата стотици бодежи со игла. Секој бодеж пренесува мастило во дермисот, слој на кожа под епидермисот кој го сочинуваат крвни садови и нерви.

Пронајдоците покажуваат дека откако ќе се вбризга мастилото во дермисот не останува таму целосно. Некои мастилни честички проаѓаат низ лимфниот систем и низ крвотокот до лимфните јазли. Истражувања врз глувци исто така налагаат дека некои честички мастило може да завршат и во црниот дроб.

„Кога врбризгувате честички во кожата некои завршуваат во лимфните јазли за неколку минути“ вели хемичарката Инес Шрајвер од Германскиот федерален институт за проценка на ризик.

Каде оди мастилото?

Да бидеме јасни, големиот дел од пигментот останува на место откако ќе се тетовирате. Мастилото што не го чистат посебните обновувачки клетки, наречени макрофагии, останува во дермисот во заглавени макрофагии или кожни клетки наречени фибробласт. Потоа мастилото станува видливо на кожата, со кое може е напишано „мама“ или е нацртан дизајн на орел кој сте го бирале со месеци.

„Обично, мастилото не се движи премногу далеку од таму кајшто е вбризгано,“ вели др. Ариса Ортиз, дерматолог и директор на ласерска и козметичка дерматологија од U.C. San Diego Health. „Големиот дел е впиен [од кожата или имуните клетки] и потоа останува во дермисот.“

Но научниците сега повнимателно го истражуваат мастилото за тетовирање што патува до други делови во телото, особено лимфните јазли.

Шрајвер учествуваше во тим од германски и француски научници кои ја изведоа првата хемиска анализа на мастило насобрано во човечки лимфни јазли. Истражувачите ги анализирале лимфните јазли на четири мртви тела кои имале тетоважи, како и две мртви тела без тетоважи, како контролна група.

Истражувачите посочија во студијата, издадена во списанието Scientific Reports, дека „пигментирани и зголемени лимфни јазли се забележуваат кај тетовирани луѓе со децении.“ Овие податоци доаѓаат претежно од патолози кои забележувале необична боја при биопсии на лимфните жлезди кај тетовирани пациенти.

На пример, еден извештај од 2015 во списанието Obstetrics and Gynecology (акушерство и гинекологија), опишува како доктори прво мислеле дека ракот на матката кај една жена метастазирал во нејзините лимфни јазли. Откако ги отстраниле јазлите хируршки, докторите сфатиле дека тоа што го сметале за малигни клетки всушност биле честички од мастило за тетовирање.

„Многу ме заинтересираа хемиските последици од тетовирањето,“ вели Шрајвер. „Мислам дека луѓето се свесни дека може да се добијат кожни инфекции од тетовирање, но мислам дека повеќето не се свесни дека и мастилото може да биде ризично.“

За да ги истражат овие последици, Шрајвер и нејзините колеги извршиле повеќе различни тестови, за да анализираат какво мастило се собира во лимфните јазли и дали има некаква штета од тоа. Во резултатите пронаоѓаат дека наночестичките – честички со дијаметар под 100 нанометри – најчесто мигрираат до лимфните јазли.

Црниот јаглерод, една од најчестите состојки во мастилата за тетовирање, лесно се распаѓа во наночестички и завршува во лимфните јазли, тврди студијата. Тимот исто така го истражил и титаниум-диоксидот (TiO2), најчестата состојка во бел пигмент кој обично се комбинира со други бои за да се добие одредена нијанса. Овој вид мастило наводно не се распаѓа во толку мали честички како кај црниот јаглерод, но поголеми честички TiO2 сепак се забележани во лимфните јазли на лешовите, се вели во студијата.

Тоа што вознемирува е дека Шрајвер и колегите нашле некои потенцијално токсични тешки метали кои преку мастилото наоѓаат пат до лимфните јазли. Научниците забележале честички од кобалт, никел, хром, кои некогаш се додаваат како презервативи во органските пигменти за тетовирање.

„Овие нешта не би сакале трајно да ги зачувате во телото“ вели Шрајвер.

Опасно ли е?

Други истражувања имаат покажано дека пигментот може да заврши и на други места во телото. Во една студија објавена во мај 2017 во списанието Dermatology, истражувачите ги тетовирале задниците на глувци со црно и црвено мастило.

По околу една година, тимот нашол мастило во лимфните јазли на глувците, како и кај луѓето, но и во клетки во црниот дроб.

„Интересен и мошне изненадувачки е пронајдоков,“ вели Митра Сепери, која е одговорна за истражувањата врз глувци и кандидат за докторат на Универзитетската болница во Бисбјерг во Копенхаген, Данска. „За да дојде до клетките во црниот дроб, пигментот мора да помине низ крвта. Така, покажавме дека пигментот може да се прошири низ крвниот систем на глувците, како и низ лимфниот систем.“

Мастилото е забележано во посебни клетки во црниот дроб кои отстрануваат токсични супстанци, наречени Купферови клетки. Видовме како овие клетки ги „јадат“ честичките од пигментот, вели Сепери. Се разбира, глувците не се луѓе, и, како што вели Сепери, студијата не потврдува дека тетовираните луѓе може да имаат пигмент во црниот дроб. Исто така, додава, кожата на глувците е потенка од човечката, мастилото можеби се врбризгува подлабоко во глувците и има поголеми шанси да влезе во крвотокот.

„Дури и за 5 или 10 години да дознаеме дека мастилото од тетоважите стигнува до црниот дроб и кај луѓето, сепак не знаеме дали е штетно,“ вели Сепери. „Можеби никаков ризик не претставува“.

Исто така е непознато дали е штетно тоа што честички од пигмент се собираат во лимфните јазли. Досега, доказите наведуваат дека таквото наталожување може да доведе до зголемување на лимфните јазли и до можно згрутчување на крвта. Но потребни се долгорочни истражувања врз луѓе за дефинитивно да се поврзе мастилото во лимфните јазли со какви било штетни последици.

Состојките во самото мастило исто така се во голем дел непознати и недоволно регулирани. Една студија од Данска од 2011 откри дека 10% од неотворени шишенца мастило за тетовирање се контаминирани со бактерии. А една студија од Данската агенција за заштита на средината од 2012 откри дека 1 од 5 мастила за тетовирање содржат канцерогени хемикалии.

Шрајвер вели дека таа и нејзиниот тим се надеваат дека ќе разоткријат повеќе за состојките на мастилото за тетовирање. Следната намера им е да ги истражат мастилата поврзани со воспаленија на кожата и инфекции од тетовирање преку анализирање на кожни биопсии на човечки пациенти. На пример, добро познато е дека црвеното мастило често предизвикува страшни воспаленија на кожата. Но не се сите црвени мастила исти.

„Како хемичар, тоа што ќе се класифицира некој пигмент како ‘црвен’ мене ништо не ми значи,“ вели Шрајвер. „Треба да ја анализираме хемијата.“

Производството на мастило за тетовирање во САД го надгледува ФДА (Американската администрација за храна и лекови), но како козметика. Како што тврди ФДА, „бидејќи има поитни здравствени приоритети, и поради недостаток на докази за безбедносни проблеми кај овие пигменти, ФДА во минатото не го употребувала регулаторниот авторитет во однос на адитиви во боите во пигментите кои се користат како мастило за тетовирање.“

Ортиз вели дека ова треба да се промени. „Луѓето се тетовираат илјадници години. Јасно е дека нема да престанат,“ вели Ортиз. „Па така, потребни ни се тестирања и врз процесот на тетовирање и врз мастилата за да ги знаеме можните дразби на кожата и да ја подобриме безбедноста на тетоважите“.

извор: livescience.com

 


 

ОкоБоли главаВицФото