Медиумите за пресудите на Европскиот суд за човекови права

15.02.2013 08:43
Медиумите за пресудите на ЕСЧП

Една од улогите на медиумите во развиените демократски држави е да бидат контролори на власта од аспект на почитувањето и заштитата на човековите права. Значаен аспект на оваа контрола претставува известувањето за пресудите/одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) воопшто и посебно оние ко се однесуваат на Република Македонија.

Кога ЕСЧП ќе донесе пресуда, тоа е пресуда против државата која што не успеала да ги заштити правата и слободите на луѓето гарантирани со Европската конвенција за човекови права.

Спроведувањето на пресудите не се состои само во исплата на одредена оштета на жалителот, туку подразбира разрешување на конкретниот случај (кој треба да биде доведен до моментот пред настанување на прекршувањето) и спроведување такви промени кои ќе спречат идни исти или слични случаи. Државите вообичаено сакаат да го забават спроведувањето на политички непопуларните, контроверзни или комплексни пресуди.

Во процесот на спроведување на пресудите на ЕСЧП медиумите имаат многу значајна улога. Тие треба:

Да ги промовираат пресудите на ЕСЧП

Да понудат мислења и толкувања на релевантни и квалитетни експерти посебно за значењето на пресудата и нејзините пораки во врска со посочените слабости на правниот или правосудниот систем

Да ги анализираат од аспект на обврските кои ги создаваат за државата

Да поставуваат прашања за направените промени и да го контролираат спроведувањето на промените

Да ги поврзуваат новите со слични или дури и истоветни случаи од претходно донесените пресуди на ЕСЧП.

Да се интересираат за судбината на судиите кои во основниот, апелациониот, Врховниот и/или Уставниот суд учествувале во прекршувањето на Европската конвенција за човековите права

Што се случува во нашите медиуми?

1. Нема континуирано известување за пресудите на ЕСЧП

Медиумите најчесто ги спомнуваат пресудите на ЕСЧП во врска со некој извикан случај кој предизвикал и меѓународен интерес (како што е на пример случајот на ЕлМасри) или прават кратки претставувања на конкретни случаи кои дошле до нив во даден момент (како што е на пример случајот на Драге Николовски). Случаите по правило се спомнуваат еднаш, во една фаза на одлучувањето на ЕСЧП и нема анализа на извршувањето на пресудите по нивната правосилност. Во некои од медиумите еднократно се појавуваат кратки анализи во врска со пресудите на ЕСЧП поврзани со некои промени кои се случуваат во Македонија а кои се однесуваат на односите со ЕСЧП (на пример написот во „Утрински весник“ по повод собраниската расправа за донесување на Закон за извршување на одлуките на ЕСЧП, кој во написот е погрешно претставен како Закон за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд).
Отсуствува континуирано претставување на сите пресуди на ЕСЧП кои се однесуваат на Република Македонија што во голема мера би помогнало за запознавање на јавноста и алертирање на власта, но и попречило власта да ги стави пораките „под килим“.

2. Медиумите не ги анализираат пресудите на ЕСЧП од аспект на обврските кои ги поставуваат во однос на власта

По правило медиумите не прават поопсежни анализи на материјата поврзана со пресудите на ЕСЧП (воопшто, и посебно оние кои се однесуваат на Република Македонија). Своевиден исклучок претставува анализата направена во дневниот весник „Дневник“ во периодот јануари- февруари 2011. И оваа анализа не е дел од секојдневното работење на весникот, туку проектна активност во рамките на Истражувачкиот проект „Македонија пред Европскиот суд“ поддржан од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот SCOOP. Ова не ја намалува вредноста на овие анализи меѓутоа укажува на отсуството на интерес на самите медиуми за ваков вид анализи и посебно отсуството на поширока пракса на истражувачко новинарство кое единствено може да даде резултат кога станува збор за ваков вид прашања.

Дури и тогаш кога медиумите навидум прават анализа на постапките и случувањата поврзани со ЕСЧП, тие всушност се задржуваат само на информациите кои ги добиваат од овластените лица, а не се обидуваат вистински да истражуваат и врз основа на една ваква истрага да изработат сторија. Само како пример, во написот под наслов „Македонија годишно губи по 40 случаи во Стразбур“ објавен во „Утрински весник“ се споделува изјавата на функционер на Министерството за правда според кој вели:

„Во моментов немаме процес против Македонија по основ за судење во разумен рок, поточно за судски процеси што во земјава почнале по 2007 година“.

Новинарот не се ни обидува да истражи дури ни дали е оваа изјава вистинита или не, а камоли да ја продлабочи темата со истрага за постапувањето на Врховниот суд по новото правно средство кое им стои на располагање на граѓаните. Во секој случај изјавата не е вистинита бидејќи има повеќе случаи кои се водат пред ЕСЧП и по 2007 година заради тоа што Судот смета дека новото средство се уште не е доволно ефикасно за заштита на граѓаните од долгите процедури (на пример случајот Дунимагловски против Република Македонија, поднесен 2008 година, а кој завршува со спогодба).

3. Медиумите воопшто не го поставуваат прашањето за промените кои треба да се направат врз основа на пресудите на ЕСЧП со што случаите би се затвориле конечно од аспект на обврските на Република Македонија

Дури и во она малку случаи кога медиумите известуваат за конкретни пресуди на ЕСЧП, како на пример двете пресуди од 2010 кои се дадени во весникот „Нова Македонија“ , новинарот не ги анализира обврските што државата треба да ги исполни за да може да се затворат овие случаи и да се симнат од листата на случаи кои се под надзор на Комитетот на министри на Советот на Европа. Спомнатите случаи во написот (Настеска против Република Македонија и Сандел против Република Македонија) се уште се наоѓаат на листата на случаи во кои државата не ги исполнила своите обврски).

4. Во отсуство на анализа, во медиумите нема дури ни обид за поврзување на актуелни процеси кои се водат пред судовите со веќе постоечки пресуди на Европскиот суд за човекови права

Медиумите не ги поврзуваат различните случаи што во моментов се водат пред домашните судови или се процесираат пред други државни органи со слични на нив за кои веќе постои пресуда на ЕСЧП. Воспоставувањето една ваква врска може да помогне во поставувањето соодветни прашања поврзани со конкретен случај, во анализирањето на информациите и соопштенијата кои ги дава власта и во идентификување на неисполнетите обврски на државата согласно веќе донесените пресуди на ЕСЧП. На пример, во случајот на Горгиевски против Република Македонија од 2009 год., ЕСЧП дава многу јасни насоки за границите на употребата на таен агент (агент провокатор) во градењето на обвинението, што е во спротивност со постапката која се води против Љубе Бошкоски, каде што постојат многу силни индиции дека пресудата се темели токму врз постапките и исказите на ваков агент. Уште подрастична е ситуацијата со притворот. Имено и покрај постоењето пресуди на ЕСЧП кои го адресираат притворот како начин на прекршување на Конвенцијата од страна на правосудните органи во Република Македонија (на пример Василкоски и други против Република Македонија од 2010), во ниту еден од случаите на продолжен притвор (како на пример: Јован Вранишкоски, Велија Рамковски, притворените во случајот Метастаза и сл.), новинарите не ги вкрстуваат овие податоци и не го поставуваат прашањето за соодветноста на употребената мерка.

5. Нема истражувачко новинарство поврзано со пресудите на ЕСЧП

Новинарите не се впуштаат во посериозно истражување ниту на последиците кои ги трпат судиите кои стојат зад пресудите во кои е утврдено прекршување на правата од страна на ЕСЧП. Имено, нема анализи за тоа колку од судиите напредувале во кариерата (или на некој друг начин биле наградени) после завршувањето на случаите кои потоа биле обжалени пред ЕСЧП и за кои биле донесени овие пресуди. Нема анализи ниту за тоа дали од страна на одреден број судии се повторуваат одново и одново истоветни прекршувања на правата и после донесувањето на пресудите на ЕСЧП.

На овој начин медиумите ја испуштаат можноста да соберат податоци, односно да ги употребат податоците кои им стојат на располагање, за сериозна и одржана критика и контрола и на законодавната, и на извршната и на судската власт.

Линкови поврзани со ЕСЧП и Македонија

Официјален веб-сајт на Европскиот суд за човекови права на англиски: European Court of Human Rights.

Европска конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (pdf)

Пресуди и одлуки во врска со говорот на омраза од судската пракса на Европскиот суд за човекови права (2012) во издание на ОБСЕ.

Пресуди на Европскиот суд за човекови права објавени од Министерството за правда на РМ

Пребарување тековни случаи покренати против Република Македонија пред ЕСЧП, на англиски: Pending Cases – Current State of Execution.

Публикации на Советот на Европа за ЕСЧП, на англиски: Council of Europe, Publications.

______________________

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото