Разнесувач на писма

28.02.2013 09:50
Разнесувач на писма

Годините на тогашниот негов живот немаа значење за луѓето од тој град. Без свое минато, тој стана разнесувач на писма.

По шест минути откако ја напушти главната пошта, стаса до куќа во која требаше да се предаде писмо. Го остави велосипедот потпрен со педал на работ на разјадениот тротоар и тропна на куќната врата. Стоеше и свиркаше тивко, преку горната усна му се протегаше белег - спомен од детството. Не чекаше долго. Домаќинот до кого беше адресирано писмото ја отвори вратата. Го зеде писмото, се заблагодари. Како од огледало возврати насмевка на насмевката на писмоносецот, а овој, пред да се качи на велосипедот, почувствува треска во секое делче на телото: оној што го прими писмото беше тој самиот со лузна преку горната усна!

Невозможно, рече во себе. Невозможно, повтори. По пат на логика се обиде да го расчлени случајот. Возбудата му ги матеше мислите. Обидот да се разувери дека се видел себеси остана безуспешен. До болка стискајќи го управувачот на велосипедот, погледна преку рамо. Куќата на чија врата го виде својот двојник беше онаа негова од која, пред еден ден, ги испрати жената и двете деца на планински одмор. Месото околу ребрата му затрепери, и тој, сиот во пот, се сети дека името, презимето и адресата на писмото беа негови.

Го остави велосипедот и со несигурен чекор се доближи до вратата на куќата. Повторно тропна. Чекаше со стиснато грло. Никој не се огласи. Покорувајќи и' се на волјата на некој друг во себе, ја притисна кваката. Вратата се отвори и тој го виде познатото претсобје со две врати, лево и десно, и една пред него. Секоја од тие врати имаше боја и препознатлива музика во железните спојки. Се наоѓаше во својот дом и сепак, растреперен, се чувствуваше како натрапник. Си го изговори името, всушност, несвесно се повика себеси. Појде да се бара. Ја претресе куќата - двете спални соби и третата, помалата, со старински шпорет. Немаше никого, го немаше ни писмото за кое беше сигурен дека го достави.

Наспроти секавичавите претпоставки дека во куќата се наоѓа и некој друг освен него, веќе со сигурност знаеше дека е сам. Мирисите околу него се згуснуваа. Полесно се голтаа отколку што се дишеа. Тогаш го слушна своето име и се праша дали самиот го изговори. Некој однадвор тропна на вратата. Остана да стои. Тропањето се повтори! Во страв да се соочи со оној од онаа страна на прагот, не ја отвори влезната врата. Полека, на прсти, се врати во една од собите и кришум ѕирна низ прозорецот со решетки.

По тесната улица од сиви камени коцки се оддалечуваше писмоносец на велосипед. Изгледаше мошне мал, можеше да се смета за прекрасна детска играчка. Наскоро го снема.

Расказот е преземен од книгата „Зад тајната врата“ објавена во 1993 година.

Фотографија: Andrew Paranavitana

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото