Толкување на знаците

09.10.2013 09:49
Толкување на знаците

Ако во близина на куќите покрај пругата, особено околу чешмите, се појавуваат змии - ќе има големо доцнење на возовите.

Ако црешите фаќаат црвци и паѓаат пред да созреат - многумина од оние кои земале заем од банките за купување стан нема да можат да ги отплатат кредитите.

Ако штурците во некоја летна вечер тукутака, без причина, занемеат - збирките поезија што ќе бидат објавени следната пролет ќе бидат со особено слаб квалитет.

Ако по градските паркови се појават многу кртечини - ќе има социјални немири, безредија и хаос во сообраќајот.

Ако ластовиците решат да се собираат врз телефонските жици веќе кон крајот на август, компјутерските вируси масовно ќе се размножат.

Ако кучињата-скитници ноќе завиваат по крстосниците - ќе има нова нафтена криза и бензинот пак ќе поскапи.

Ако по продавниците на леб и бели печива се забележат наезди на лебарки - баловите најавени за деновите по Нова година ќе бидат откажани.

Ако родот на тиквичките потфрли - ќе зачестат случаи на силувања на малолетнички по предградијата.

Ако кон средината на мај расцутените јасмини одеднаш престанат да мирисаат - толкувачите на знаците ќе бидат пикнати во зандани за таму да можат да размислат околу лошите последици на нивните непромислени и неодговорни поигрувања со иднината.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слика: Рајан Демари

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото