Од животот на музичарите

07.09.2013 10:33
Од животот на музичарите

Концертите закажани по градовите на Средна Азија никогаш не се сигурни: се случува, така, концертната сала да биде, во меѓувреме, претворена во џамија или, едноставно, да биде прекриена со песок. А притоа се нема време да биде известен ансамблот што треба да гостува.

Но има и други незгоди. Поради тоа не е ништо чудно да сретнете, длабоко во пустината, група музичари во свечени црни костуми како ги влечкаат своите инструменти низ беспаќа, колнејќи ја својата уметничка судбина. А што да се прави кога сите авионски летови се откажани!

Добро, виолинистите ги имаат своите виолини во футроли, во кои може да се стават и неколку сендвичи, ама оној сиромашкиот со контрабасот! Да, оној со мустаци и со вратоврска-пеперутка; да, да, тој! Нему воопшто не му е лесно – во кутијата од неговиот контрабас сите ги ставаат своите резерви лимонада, што воопшто не е праведно кон него.

Стигнуваат тие, така, до некој вид агенција на чија што фирма пишува: „Rent-a-camel”. Им нудат едногрби камили. “Баравме двогрби!” “Нема, сите се веќе изнајмени!” Објаснување: има некаков концерт и сите брзаат таму, а во ова време од годината патиштата на свилата се затрупани со карвани.

И, сега тие јаваат: не е премногу удобно, но сепак - ќе стигнат до концертната сала со задоцнување од три дена и триесет минути. Сиромашките камили се изморени, а немилосрдните музичари постојано ги камшикуваат со гудалата.

Напред се гледа диригентот во фрак. Додека јава, тој мавта со својата палка правејќи свечени и патетични гестови: несомнено ја диригира Бетовеновата Деветта. Ма, не: тој всушност ги брка здодевните пустински муви што ги следат во роеви.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слика: Џени Армитаж

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото