Марк Шагал (1887-1985)

20.10.2009 09:56
04031_marc_chagall.jpg

Овие стотина реда не претендираат да Ви рас/кажат кој бил и колку бил генијален Марк Шагал, ниту да Ве заморуваат со биографски факти, туку само да Ве потсетат дека неговата палета ги содржи најтоплите бои некогаш видени. Колку да Ви се најдат во привикнувањето на наглото есенско студенило

И годинава, есента (ми) дојде некако неочекувано брзо и повторно ме затекна целосно „неподготвена”. Неосетно ги распакува куферите, распостилајќи сивило насекаде, оставајќи ги деновите без Сонце. И честопати кога ќе се сретнеме така, ненадејно, јас, есента и нејзината неизбежна меланхолија и кога во себе немам зачувано доволно залихи топлина и светлина за презимување, погледот (ми) посегнува и застанува кон истиот агол во собата, каде со години стојат закачени три репродукции, за да ме однесат во едно старо, добро познато прибежиште, во еден пријатен и безбеден мистицизам со длабоко хуман сентимент, во една жива и страсна колоритност, која можеби постои само во најубавите спомени од минатото или највпечатливите сеќавања од детството.

Марк Шагал одамна има окупирано голем дел од мојот мал простор. И има освоено огромно и уникатно место во јавниот арт простор. Восхитот што неговиот каприциозен и лукав универзум го командува, е без паралела со ниеден друг. Горчливо-слатки емоции изнудува таа наративно-алегорична композитност. Додека комуницирате со неговиот раскошен, визуелен вокабулар, како да Ве обзема атмосфера на фантазија и како да Ве обвиткува во магични, екстатични облаци, слични на оние од неговите слики, во кои објектите лебдат лесно, без никаков напор над земјата, распрснувајќи ги во ништожност конвенциите за перспектива и законите за гравитација.

Изненадувачки е фактот што колку ни е по/блиска неговата сликарска филозофија, толку ни е по/далечна неговата личност. Меѓу критичарите и аналитичарите на уметност, всушност, никогаш не е постигнат консензус околу дешифрирање на значењето на симболите на Шагал; тие е неможно да се интерпретираат, бидејќи едноставно се дел од неговиот свет, како фигури на еден сон. И најблиските го имаат окарактеризирано како личност полна со контрадикции – дарежлив и претпазлив, наивен и прониклив, експлозивен и таинствен, хумористичен и тажен, ранлив и силен. Во една прилика, Хенри Милер го опишува Марк Шагал како „поет со крилја на сликар”, а, Пикасо зачудено констатира: „Не знам од каде му доаѓаат тие божествени слики? Тој мора да има ангел во главата!” Шагал пак, за себе имал обичај да вели дека е „сонувач, кој никогаш не се разбудил”.

Со изворите на неговата магична инспирација, најдени во детството, бајките, провинцискиот живот во родниот Витебск, Еврејската Заедница, Светото Писмо, рускиот фолклор и икони, Марк Шагал ги насели своите платна со ангели, крави што летаат, љубовници, виолинисти, певци, циркуски изведувачи, петли што свират по кровови, жонглери, библиски пророци... креирајќи лирични поеми и поезија на бои и форми, кои ја прокламираат убавината на сето создавање, неколебливото верување во постоењето на чуда и во бескрајната мудрост на Создавачот. И наспроти темните мигови во неговиот личен живот, Марк Шагал остана оптимист, и со секој потег со четката, секое зелено, плаво или пурпурно лице на виолинистот, секој бакнеж и прегратка на љубовниците, секоја селска црквичка, секоја слика на Ајфеловата Кула, сите, ама, баш сите како да ја пеат „Одата на Радоста”.

Градителот на мостови, во инат на болките и конфликтите ја изложуваше својата „joie de vivre” и љубовта кон сè што постои преку својата уметност. „Светот го започна егзистирањето како голем сад, во кој Господ истури многу-многу љубов. Но, Тој го наполни садот прекумерно, кршејќи го во милиони ситни парченца. Така, дури и најмалечките нешта на светот задржаа во себе искра од божествената љубов. А, таа сеприсутна двигателка чини сè во животот”, вели древното еврејско предание, а, Шагал додава: „И во уметноста.”

Благо-халуцинантниот патувач низ времето, кој го напушти стари(нски)от начин на живот во далечното (бело)руско село за да го замени (но, не и заборави) за софистицираниот Париз од XX век и за својот внатрешен круг од литерарни и артистички иновации, ја замени природата низ метафора.

Без сомнение, еден од најдоминантните сликари на сите времиња, се обиде (и ми се чини, успеа) да го реобликува она што го гледаме и начинот на кој тоа може да биде видено. Русинот со силни еврејски корени, кој тврдоглаво и самоуверено одеше спротивно на струјата на уметноста на минатиот век и кој грубо ги отфрлаше нејзините мрачни трендови, интелектуални де(кон)струкции, апстракции и „изми”, имаше цврста идеја за својот идентитет и за она што сакаше да постигне. Од најраните негови слики со гетоизирани селани, па, сè до последните, кои размислуваат за мистериите на љубовта и радостите на животот, Шагал го демонстрира триумфот на имагинацијата и ја слави нејзината моќ, која ослободува од стегите на секојдневното, монотоното, обичното. Тој, всушност, во/со своето сликарство го пронаоѓаше своето минато и својата иднина, одново и одново, како хроничар на сечие искуство.

Дури иако повремено под влијание на некакви тенденции во уметностите, иако перманентно критикуван за недостиг на контакт и чувство со/за реализмот или недостиг на желба за истражување на објективно сликарство, тој низ својот навистина турбулентен животен пат, беше и остана свој и независен. Низ својата 75 годишна кариера и екстремно долг век (Марк Шагал живееше цели 98 години!), создаде запрепастувачки 10.000 творби од секаков уметнички вид (платна, акварели, колажи, литографии, мурали, скулптури, резби, графики, витражи, цртежи), кој можат да се видат насекаде низ светот (од најдобрите светски музеи, престижни галерии и приватни колекции, па, сè до израелски синагоги).

И... ако патот оваа есен не Ве носи на некоја од овие локации, пронајдете, направете свој пат до светот на Моише Захарович Шагалов, за да Ви го разведри духот и освежи вербата во некои од „оние” денови.

Слични содржини

Живот / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура
Фотографија / Култура / Настан
Уживање / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото