Новинарство кое од луѓето прави идиоти (1)

28.05.2013 10:23
Новинарство кое од луѓето прави идиоти (1)

Марксистичките социјалисти заговараат демократија, убедени дека во капиталистичките општества таа е темелно загорозена. Во капиталистичките општества богатите имаат огромни општествени и економски предности во однос на работничката класа, што ја поткопува политичката еднаквост, предусловот на ефективната демократија. Во рамки на капитализмот најважни се економските прашања – вложувањето и контролата на производите – кои се наоѓаат надвор од досегот на демократската политика и во рацете на мал број богати компании и поединци кои во меѓусебната конкуренција се обидуваат да го зголемат сопствениот профит. Тоа значи дека политиката може само посредно да влијае врз економијата, па партијата или поединците кои се на власт мораат да внимаваат да не им се спротивстават на богатите вложувачи кои би можеле да се откажат од понатамошните вложувања и да произведат економски колапс, што во основа води и кон политичка катастрофа.

Според социјалистите, целта на класната политика е укинување на класната експлоатација, сиромаштијата и на општествената нееднаквост, односно поставување темели за вистинска демократија во која луѓето навистина владеат со сопствените животи. Стратегиите и тактиките со кои може да се постигне ваквата цел отсекогаш биле предмет на расправа помеѓу социјалистите, но нивните цели речиси секогаш биле исти. Во најголем дел од својата историја, социјалистите се ноаѓале на чело на движењето кое се залагало за проширување на правото на глас и на досегот на демократијата, како во рамки на капиталистичките општества, така и надвор од капиталистичките сопственички односи.

Главниот проблем на сите теории за демократијата се состои во тоа како на луѓето да им се достават информациите, знаењето и просторот за комуникација и дебата кои им се неопходни за да можат ефективно да управуваат со своите животи. Теоретски, може да се каже дека решението на овој проблем се ноаѓа во образовниот систем и во медиумите. Но тогаш во центарот на вниманието се поставува клучното прашање за природата на овие системи. Ако медиумите и образованието се организирани на тој начин што всушност ги поткопуваат демократските вредности, постоењето на ефективно демократско општество е неверојатно тешко замисливо. Затоа и јавните расправи за образованието и медиумските политики се клучни за расправата за природата на демократијата во кое било општество. На пример, во САД во моментов се спроведува една огромна кампања на политичката десница за приватизација на образованието која во пракса всушност би го укинала јавниот образовен систем и наместо него би вовела еден систем кој би бил експлицитно заснован на класните поделби, и во кој образованието на не-елитата би било подложено на комерцијалните вредности. Тешко е во доволна мера да се нагласат антидемократските импликации на ваквиот развој на случувањата.

Ситуацијата е уше полоша кога станува збор за демократските вредности на медиумите, иако во официјалната политичка култура на ова прашање му се посветува многу малку внимание. Конкретно, новинарството е оној производ на медиумскиот систем кој директно се занимава со политичка едукација. Во демократската теорија, во рамки на секое општество кое управува со себеси новинарството има две незаменливи функции. Прво, медиумскиот систем мора детално и ригорозно да ги следи луѓето кои се на позициите на моќ или пак, кои сакаат да дојдат до нив, во јавниот, како и во приватниот сектор. Преку оваа улога, медиумот станува познат како пес-чувар (watchdog). Второ, медиумскиот систем мора да доставува сигурни информации и широк распон од информирани ставови за политичките и општествените прашања кои се значајни во моментот. Ниту од еден медиум не може да се очекува дека самиот би можел да ги врши овие две функции, туку целосниот медиумски систем би требало да обезбеди едноставен пристап до сето ова за сите граѓани. Ако некое општетство не располага со новинарство кое би било во можност да ги достигне овие цели, тоа најверојатно нема да може да биде самоопределено општество со политички рамноправни поединци.

Ако се имаат предвид овие критериуми, американскиот медиумски систем е целосно неуспешен. Тој е еден невнимателен и слаб чувар кој ги штити само моќните. Едвај може да се каже дека доставува какви било сигурни информации или пак дека го проширува распонот на ставовите за повеќето проблематични политички и општествени прашања. Според Џеф Коен, основачот на организацијата Чесност и точност при известувањето (Fairness and Accuracy in Reporting – FAIR) ставовите кои за овие прашања се изнесуваат во медиумите се протегаат од компанијата General Electric (GE) до компанијата General Motors (GM). Медиумскиот систем во САД не постои за да ѝ служи на демократијата, туку за да им носи најголем можен профит на мал број огромни компании и на милијардери кои вложуваат огромни суми пари. Тој извонредно си ја врши работата. Па така во медиумите наидуваме на клучната контрадикција на нашето време, во кое себичните приватни интереси на моќното малцинство ги поткопуваат демократските интереси на мнозинството.

Подемот и падот на професионалното новинарство

Голем дел од расправите за новинарството се темелат на идејата за новинарството како професионална дејност, која е политички неутрална и независна од комерцијалните вредности. Од историски аспект, оваа идеја е релативно нова, па и лесно може да се смести во определен контекст. Иако денес проблемот за улогата на медиумите во демократијата од многу аспекти е многу позначаен од кога било претходно, се работи за еден проблем кој е стар колку и самата демократија. Кога бил изработен во 1789 година, нацртот на Уставот на САД содржел експлицитни одредби за авторските права, со цел да се ускладат интересите на авторот со потребата на пошироката заедница за достапни информации. Кога две години подоцна бил усвоен Првиот Амандман, со него била заштитена слободата на печатот (заедно со неколку други слободи, како и слободата на говор и на мирно собирање). Имено, постоела загриженост дека водечката политичка партија или фракција би можела да го стави опозицискиот весник (а во тоа време сите весници биле политички пристрасни) надвор од законот, доколку не им се забрани тоа, како што во тоа време често се случувало во Европа. Ако не постојат весници во кои се застапени спротивставени мислења, тогаш не може да постои ни демократија. Карл Маркс, кој за време на поголемиот дел од својот живот се воздржувал од новинарската работа, бил силен поддржувач на ваквото сфаќање за слободата на печатот.

Во текот на XIX век печатот останал експлицитно пристрасен, но почнал да носи и сè поголем профит во периодот кога цените се намалувале, бројот на населението се зголемувал, а огласувањето во весниците – кое станало главниот извор на приход – цветало. Комерцијалниот печат станал помалку компетитивен состав и сè повеќе и сè поочигледно преминувал во рацете на богатите поединци кои обично ги делеле политичките ставови на нивните класи. За време за целата оваа ера, социјалистите, феминистите, аболиционистите, синдикалистите и радикалите го сметале комерцијалниот печат за инструмент на нивните непријатели и основале сопствени медиуми за да ги заштитат своите интереси. Во овој период, историјата на левицата речиси можела да се поистовети со историјата на левичарскиот печат.

Во XX век доаѓа до подем на монополистичкиот капитал, што води кон темелни промени на медиумската сцена во САД. Од една страна, доминантната новинарска индустрија била сконцентрирана во неколку огромни ланци, а освен во најголемите средини, насекаде постоеле само еден или два дневни весници. Економиката на финансирањето на весниците преку огласувањето создала бариери кои речиси целосно го оневозможиле успехот на малите, независни весници и покрај уставната заштита на „слободата на печатот“. Во истиот период, новите технологии го потпомогнале комерцијалниот успех на списанијата кои се продавале низ целата држава, а потоа и на снимките со музика, филм, како и на радиото и на телевизијата како големи индустрии. Сите тие станале високо концентрирани индустрии и генератори на огромен профит. (Во 2000 година, најголемите медиумски и комункациски компании спаѓале во водечките компании според својата големина на пазарот).

На почетокот на XX век ваквата состојба довела до своевидна криза во американските медиуми, која тогаш била наречена криза на печатот. Сè повеќе се зголемувала улогата на комерцијалните медиуми во животот на луѓето (до 1999 година, конзумацијата во однос на медиумите во САД се зголемила на просечни единаесет часа дневно), а во истиот момент медиумската индустрија станала царство на релативно мал број големи комерцијални концерни без конкуренција на пазарот. Ерата на одржливите „алтернативни“ весници забрзано си заминувала во историјата. Она што изворно било наменето за заштита на граѓаните при изразувањето на различните политички ставови се претворило во комерцијална заштита за корпоративните медиумски инвеститори и менаџери на неконкурентните пазари, која пак им овозможила да прават сè што ќе посакаат, без никаква јавна одговорност.

Појавата на модерниот новинарски систем ја довела во центарот на вниманието контрадикцијата помеѓу медиумскиот систем кој се наоѓал во приватна сопственост и потребата од демократско општество, што особено доаѓало до израз кога станувало збор за новинарството. Се тврдело дека комеријалниот медиумски систем функционира демократски во време кога бариерите кои го одредувале влезот биле поставени релативно ниско, а во целата земја се појавувале имигрантски и опозициски медиуми, како што се случувало и во поголемиот дел од XIX век. Во тоа време пристрасните весници не претставувале голем проблем бидејќи биле достапни алтернативни погледи. Но сосема е поинаку да се тврди истото при крајот на XIX и почетокот на XX век, кога во сите освен во најголемите средини постоеле само еден или два весници, кои обично биле поседувани од медиумските синџири или пак, од многу богати и моќни поединци. Ако новинарството во овој контекст остане пристрасно тогаш тоа ги штити интересите на сопствениците и на огласувачите кои го финансираат, па затоа и неговата сигурност ќе биде сериозно нарушена. Како што тогаш рекол и Хенри Адамс: „Печатот е агент кој се најмува со парите на изградениот систем, чија единствена намена е да ја шири лагата во корист на сопствените интереси.“ Едноставно кажано, во тој период било распрострнето мислењето дека новинарството е експлицитна воена пропаганда во војната во која само една од страните е вооружена. Овој став бил многу опасен за издавачкиот бизнис бидејќи влијаел на мислењето на многу потенцијални читатели кои го сметале за неверојатен и неуверлив.

Во времето на прогресивизмот, во центарот на оваа контроверза се родил и поимот за професионалното новинарство. На итрите издавачи им било јасно дека нивното новинарство мора да изгледа неутрално и непристрасно (поими кои му биле целосно туѓи на новинарството во времето на основањето на САД) за да им носи многу повеќе профит. Издавачите вршеле притисок да се основаат формални „училишта за новинарство“, во кои би бил обучуван кадарот од професионални уредници и известувачи. Во 1900 година не постоело ниедно такво училиште, а до 1915 година оваа замисла била спроведувана на најголемите универзитети, меѓу кои и во Колумбија, Нортвестерн, Мисури и Индијана. Идејата за раздвојувањето на уредничката работа од комерцијалната – која се одвивала со раздвојувањето на државата и црквата – станала модел за кои сите тврделе дека го применуваат. Аргументот се состоел во тоа дека обучените уредници и известувачи ги носат уредничките одлуки автономно и без влијание од страна на сопственикот, врз основа на сопственото професионално мислење, а не врз политките на сопствениците, врз политиките кои го одредувале огласувањето, или поради комерцијалниот интерес за зголемување на профитот. Читателите можеле да веруваат во она што го читале, а сопствениците ги продавале своите неутрални монополистички весници на секого во заедницата и пливале во парите кои ги заработувале на тој начин.

Се разбира, поминале повеќе децении пред главните новинарски медиуми да ги усвојат ваквите професионални состави. Во првата половина на XX век особено се истакнувале сопствениците како Чикаго Трибјун и Роберт Мекормик кои своите весници ги користеле за пласирање на сопствените радикални (и речиси секогаш екстремно десничарски) ставови. (Весникот на Мекормик бил толку многу реакционерен што кога Хитлер дошол на власт, неговиот европски дописник се приклучил на нацистичката пропагандна служба.) Ставот за издавањето неутрални и објективни вести бил сомнителен, ако не целосно лажен. Носењето одлуки е неизбежен дел од новинарската работа и неопходно е да се застапуваат одредени вредности при одлучувањето зошто некоја приказна ја заслужува насловната страница, а зошто некоја друга не ни заслужува да биде објавена.

Професионалното новинарство се темели на три предрасуди кои се одржале до денес. Прво, со цел да се отстрани контроверзата околу изборот на приказните, за легитимна вест се смета онаа која е поврзана со службените извори, односно со владините службеници и со истакнатите јавни личности. На овој начин, луѓето од политиката (и во помала мера, оние од деловниот свет) добиваат значајна моќ при одредувањето на содржините на весниците во однос на одлуката за тоа дали да се зборува за некоја тема или пак, истата да биде премолчена. Па затоа весниците започнале да наликуваат на огласник на политичкиот и деловниот естаблишмент. Второ, при обидот за избегнување на контроверзата, професионалното новинарство барало приказната да биде актуелна за да може да се објави. Ова значело дека клучните социјални прашања, како оние за расизмот или оние кои се однесувале на загрозувањето на околината воопшто не биле покривани ако во моментот не се одвивало нешто кое би го оправдало пишувањето на овие теми, како на пример протестите. На тој начин новинарството започнало да го намалува значењето или пак да го елиминира спектарот од информирани мислења во однос на контроверзните прашања. Тоа довело до еден парадокс: новинарството кое во теорија би требало да поттикнува политички активизам всушност ја лишувало политиката од нејзините содржини и поттикнувало масновна деполитизација.

Овие два фактори ја поттикнале појавата и експлозивниот развој на индустријата за односи со јавноста (public relations – PR), чија цел била потајно да ги искористи овие два аспекти на професионалното новинарство. Со издавањето на соодветни и итри извешати за печатот, вештите агенти задложени за односите со јавноста успеваат да ги оформат вестите во склад со интересите на своите корпоративни клиенти. Како што вели и Алекс Кери, пионер во областа на научното проучување на односите со јавноста, улогата на овие односи е да ја збунат јавната сфера со цел „од демократијата да се избрише ризикот“ за богатите и корпорациите. Сопствениците на медиумите имаат големи бенефиции од односите со јавноста, бидејќи тие им ги намалуваат трошоците, обезбедувајќи им бесплатни содржини. Истражувањата покажуваат дека од оваа област потекнуваат од 40 до 70 проценти од сите вести.

Третата предрасуда на професионалното новинарство е помалку очигледна, но и најважна: далеку од тоа дека е политички неутрално, новинарството ги криумчари вредностите на комерцијалните цели на сопствениците и на огласувачите, како и политичките цели на сопственичката класа. Бен Багдикиан, автор на книгата Медиумскиот монопол (The Mediа Monopoly) ова го опишува како феномен на „копај таму, не овде“. На тој начин крими-приказните и вестите за кралските семејства и славните личности стануваат легитимни вести. (Тие евтино се создаваат и не можат да ги разбеснат моќниците.) На тој начин и активностите на владите се следат многу повнимателно од активностите на моќниците од деловниот свет. А кога станува збор за активностите на владите, оние кои ги штитат интересите на сиромашните (на пример, социјалната помош, здравството и др.) многу почесто се мета на критики во однос на оние кои првенствено ги штитат интересите на богатите (на пример, институциите за државна безбедност) и кои се строго забранети како теми. Генијалноста на професионалното новинарство се состои во тоа што го прави новинарството слепо во однос на компромисите со моќта кое тоа рутински ги извршува.

(продолжува)