Ванхојте: Клучните политичари се плашат од независни медиуми!

16.01.2016 11:42
Ванхојте: Клучните политичари се плашат од независни медиуми!

Во момент на кулминација на дилемите дали ќе има скора разрешница на политичката криза во Македонија или таа ќе се развлече во текот на целата претстојна година, едно важно прашање од севкупната слика – медиумите, останува да виси. Реформата на медиусмката сфера е повеќе од неопходна и таа се наметна како последица на долгогодишното супресирање на медиумските слободи, заканите и притисоците во разни форми кон критички настроените медиуми и новинари и стеснување на просторот за слободно искажаната јавна мисла. Тоа, пак, оневозможува реален поглед врз стварноста, неотчетност и неодговорност од страна на избраните, а со тоа и стеснет простор за слободно искажување на волјата на граѓаните на кои било избори.

Оттука, реформата на медиумите се наметна како еден од итните приоритети кои се посочени и од страна на ЕУ, која заедно со САД е инволвирана во разрешувањето на политичката криза. Но, ова прашање, иако се чинеше лесно, сè уште е заглавено во преговарачкиот процес кој се води со посредство на меѓународниот олеснувач Питер Ванхојте. „Вистиномер“ побара од г. Ванхојте да ги слушне неговите размислувања за причините за овој застој и за перспективите да се постигне разрешување на спорните прашања, не само за медиумите.

КОНТРОЛАТА НА МЕДИУМИТЕ Е АЛАТКА ЗА КОНТРОЛАТА ВРЗ ЛУЃЕТО

Г. Ванхојте знае зошто прашањето за медиумите е сложено прашање во преговорите. Тој е свесен дека партиите и политичарите сакаат позитивни коментари за нив и сатанизација на политичките противници.

Дискусијата за реформата на медиумите сè уште трае. Главната грижа на ЕУ е недостигот од независност на медиумите и проблемите со ефикасноста и независноста на Агенцијата за аудио и аудио визулени медиумски услуги. Политичките партии често прибегнуваат да ги разбираат медиумите како нешто што треба да се контролира, бидејќи најчесто им се допаѓа кога во јавноста има позитивни коментари за нив, а критички за сите нивни опоненти. Како и да е, во еден момент контролата врз медиумите станува ефикасна алатка за контролирање на луѓето. Ова се случува во оние земји каде што независноста на медиумите е ограничена и повеќе не е добредојдена, вели Ванхојте.

Објаснувајќи ја базичната улога на медиумите во демократијата и што се случува кога политиката не ги разбира така медиумите, преговарачот смета дека враќањето кон нормалноста во такви случаи е многу тешко.

Медиумите треба да бидат ослободени од каков било притисок и да бидат критични. Тие треба да претставуваат еден важен линк помеѓу политичките претставници, особено оние во Владата и граѓаните, помагајќи им на граѓаните да ги натераат нивните избрани политички претставници на отчетност. Колку е помоќна една политичка партија и колку е подобро екипирана во извршувањето ефективна контрола врз медиумите, толку е потешко враќањето од овој пат и прифаќањето од неопходноста за постоење слободна медиумска атмосфера и опкружување.

Според него, таквите разбирања на политичарите во Македонија довеле до застој во решавањето на ова прашање. Ванхојте детектира дека главните политички партии, всушност се уште не се подготвени да се соочат со слободни медиуми.

Ова, всушност е и главната причина зошто разговорите помеѓу политичките партии се екстремно тешки. Наспроти волјата од многу новинари и медиуми за помалку рестриктивност и за засилување на слободниот медиумски простор, искажана во изминатите неколку месеци, клучните политички играчи се плашат да дозволат таков независен простор.

Сепак, Ванхојте е оптимист. Не поради волјата на политичките партии, туку поради важноста на прашањето за слобода на медиумите и слободата на говорот воопшто. Тој верува во неопходноста на решавањето на ова прашање пред изборите.

Како и да е, се надеваме дека во претстојните недели – не после, туку пред изборите – главните политички партии ќе се согласат на значителни промени во сферата на медиумите. И тоа не само за да се обезбеди теренот за игра и да се спроведат фер и слободни избори, како што бара опозицијата, туку и поради иднината на земјата. Заштитата и промовирањето на медиумската слобода значи почитување на една од клучните европски вредности – слобода на изразување и создавање на критично влијание, неопходно да ја приближи земјата до Европската унија.

„ИЗБОРИТЕ СЕ ЦРЕША НА КОЛАЧОТ КОЈ РЕЧИСИ И ДА НЕ СЕ ГЛЕДА“

Неопходноста од продолжување на договрените обврски од Договорот од Пржино, Питер Ванхојте ја гледа со досега постигнатите подобрувања во дел од областите, иако е свесен дека сè уште многу реформски приоритети не се постигнати или не се ефективни од различни причини.

Во изминатите месеци како резултат на договорот од Пржино видовме подобрувања во различни области. Но, како и да е, има уште долг пат. Покрај медиумите, многу итни реформски приоритети се уште чекаат. Контролата врз безбедносната служба останува екстремно слаба, исто како и функционирањето на многу независни тела, било да е тоа поради недостиг од компетентен кадар, било поради недостиг од адекватно финанирање. Јавниот радио-дифузен сервис, кој во многу европски земји е во центарот на медиумската сцена, е неразвиен, пред сè поради недостиг од финансии, што е базичен услов за независните медиуми.

Ванхојте е, исто така, длабоко свесен дека дури и со брз договор за медиумите нема да се постигне ефективна промена во стварноста, ако се земе предвид 24 април како датум за оддржување на изборите. Но, тој е свесен и дека реформите, генерално, се на самиот почеток и сè уште се слабо видливи.

Дали евентуален договор за медиуми во претстојните денови ќе смени нешто во однос на претстојните избори? Најверојатно, не. Изборите треба да бидат цреша врз колачот, при што ќе се видат спроведени сите неопходни реформи. За жал, иако црешата може да им изгледа многу привлечно на некои од партиите, колачот е речиси невидлив. Но како и да е, сè уште има време пред изборите да се исправат повеќето од приоритетите набројани од Европската унија. Главен услов за тоа е сите партии да се вклучат активно и конструктивно во процесот на зацврстување на демократијата, во која секој глас ќе може да биде слушнат – вели Ванхојте во размислувањата за јавноста што ги сподели на барање на „Вистиномер“, непосредно пред доаѓањето на еврокомесарот Јоханес Хан во Македонија и на ден кога премиерот Никола Груевски поднесе условен оставка до Собранието на РМ.

Извор: vistinomer.mk
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото