Контраспин: Цинизам е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за независно новинарство

16.01.2017 03:31
Контраспин: Цинизам е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за независно новинарство

ВМРО–ДПМНЕ соопшти (12.01.2017) дека почнал некаков процес на „десоросоизација“, при што во еден дел се осврна и на новинарството, што го оценуваме како спин:

Спин: СДСМ и Сорос константно работат на уништување на граѓанскиот сектор и иницијативи, како и на независното новинарство во Република Македонија… СДСМ и Сорос системски ги корумпираат новинарите и медиумите, создавајќи од нив роботизирани послушници кои се хранети со грантови за без приговори да ги извршуваат задачите кои ќе им бидат дадени…

 

Контраспин: Во налетот на напади врз граѓанскиот сектор и новинарството што го оценува како „соросоидно“, а кој беше најавен уште во Прогласот на ВМРО ДПМНЕ прочитан пред Државната изборна комисија (17.12.2016), партијата во четвртокот (12.01.2017), соопшти/даде изјава, во која има грубо извртување на вистината и спинување во делот за новинарството во земјава.

Вината за лошата состојба на новинарството, а особено за непостоење на „независното новинарство“, ВМРО-ДПМНЕ ја фрла врз СДСМ и Сорос. Исто така, партијата изјавува/соопштува дека СДСМ и Сорос, „системски ги корумпиралe новинарите и медиумите и создавала од нив роботизирани послушници“.

Без намера да навлегуваме во тоа колку пари и влијание имаат СДСМ и Сорос за да го прават тоа од новинарството и новинарите, зашто впрочем многупати е пишувано на таа тема, и без да навлегуваме во оценките за новинарството и новинарите во времињата кога СДСМ бил дел од извршната власт, само ќе потсетиме на неколку клучни факти за последните десет години, кога извршната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО–ДПМНЕ ГО ПОКЛОПИ НОВИНАРСТВОТО

Појавата на уништувачка клима за слободата на говор и за слободното, професионално новинарство, е регистрирана уште од почетоците од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2007, 2008 и 2009 година. Новинарите и колегите од „Утрински весник“, од „Дневник“, од „Вест“, од „Време“ и „Шпиц“, од „Фокус“… добро ги паметат гласните несогласувања на лидерот на оваа партија Никола Груевски кон текстовите објавувани во овие весници, а особено кога во еден момент, Груевски ја повика јавноста да не верува во сè што е објавено во еден од весниците. Исто така, ги паметат и тивките посредни мешања во уредничките политики и кадровските решенија, особено во дел од овие весници (како во МПМ, на пример).

Во 2011 година, на нишан дојде и најгледаната телевизијата со најголема доверба, А1 ТВ. Под маската на борба со финансискиот криминал на Велија Рамковски, насила, со специјална полиција беше прекината програмата на телевизијата, а со подоцнежните мерки на судските, финансиските и регулаторните власти, беа затворени телевизијата и три дневни весници што ги издаваше оваа групација. Стотици новинари останаа без работа.

Веднаш по овој чекор стартуваше друга операција, на преземање контрола врз другите приватни национални телевизии, преку вбризгување милиони и милиони евра буџетски пари под маската владини реклами или пари за снимање на играна, документарна и музичка продукција од домашно потекло. Висината на овие пари за изминатите години на непрекинато владеење не е соопштена никогаш, но само за 2012 г., 2013 г., и дел од 2014 г., кога Владата беше притисната да соопшти некои бројки, стануваше збор за 18 милиони евра. Истражувањето на Здружението на новинари на Македонија од декември 2014 г. иако за краток период, само ги потврди големите суми.

Со текот на времето, преку свои блиски бизнисмени, започнаа и директни инвестиции во сопственичката структура на медиумите. Па така, беше купен и најголемиот преостанат бизнис во делот на печатеното новинарство, компанијата МПМ, а кај телевизиите најголемата зделка беше со Алфа ТВ, како и со формирање на серија нови регионални или кабловски телевизии, при што дел од нив претендираат и за национална концесија.

Паралелно, да не остане непокриен и тој сектор, со помош и на компании од Белизе, уште во раната фаза од владеење формираа и медиуми во он-лајн секторот, по што започна т.н. „курирско новинарство“.

Ова „новинарство“ е најпознато по тоа што без аргументи се напаѓаат јавни личности и институции кои не се на линија на владејачката безгрешна мисла, а потоа, истиот текст со сите печатни грешки во букви или запирки, папагалски се пренесува во уште десетина он-лајн и електронски медиуми, за следнот ден да осамне и во печатените медиуми под нивна контрола…За хронологијата толку.

ВМРО-ДПМНЕ ГИ КОНТРОЛИРА ТЕЛЕВИЗИИТЕ

Доминантно влијание во информирањето на граѓаните на РМ имаат телевизиите со околу 80 отсто, потоа интернетот, па дури на крај со минорни проценти печатеното новинарство и радијата. Ова го покажале бројни стручни испитувања за состојбата на медиумите во Македонија, вклучувајќи ги и истражувањата на маркетинг агенциите, но и на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми.

Оттука, кога од пет приватни телевизии со национална концесија, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ директно или индиректно контролираат четири, плус Јавниот сервис, бесмислени се сите аргументи за тоа кој влијае и кој го дерогира „независното новинарство“. Владејачката партија директно или индиректно контролира проток на информации до 80 отсто од граѓаните на РМ. Плус регулаторот…

Впрочем, преслушајте некои од телефонските разговори што ги објави опозицијата и сè ќе ви биде појасно.

НЕ САМО НЕВЛАДИНИТЕ, И ООН ЈА КРИТИКУВА ВЛАДАТА

За состојбата со слободата на говорот и медиумите во РМ, за тоа кој е виновен и зошто е таа очајна, можеме да се повикаме на десетици релевантни извештаи од значајни и ценети меѓународни организации или институции. Од струковите организации, преку невладините организации, до институциите какви што се ОБСЕ или Европската Унија.

Но, бидејќи сите овие за вмровската власт се нерелевантни (или биле соросоидни меѓународни НВО-а, или биле странски агенти и платеници, или биле безначајни бидејќи доаѓале од ЕУ која немала намера да нè прими поради Грција, па измислувала проблеми и со медиумите), ние ќе се повикаме само на еден единствен извештај, кој белким, дури и оваа власт го признава за релевантен.

Станува збор за извештај на Обединетиите нации, поточно на Специјалниот известувач за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, кој своите извештаи ги поднесува до Комисијата за човекови права на ООН во Женева, до Генералното Собрание на ООН и до Генералниот секретар на ООН.

Извештајот за Македонија е изготвен и усвоен во април 2014 година, а го потпиша тогашниот Специјален известувач Франк Ла Ру, човек со исклучително голем меѓународен углед во сферата на заштита на слободата на мислата и изразувањето.

Во извештајот, состојбите со слободата на изразувањето, со слободата на медиумите и севкупната медиумска стварност се опишани со исклучително загрижувачки тонови, а главната вина недвосмислено е упатена кон Владата на РМ и другите институции, со кои управуваат пред сè ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Целиот извештај можете да го прочитате на овој линк, а кратки делови од него објавија и медиумите во земјава и во странство.

Оттука, тврдењето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ и Сорос го уништуваат независното новинарство, и ги корумпираат новинарите кои потоа станувале роботизирани послушници, не само што е неспорен спин, туку и цинизам и навреда за здравиот разум.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Били Даркарт

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото