Ало

27.06.2013 09:20
Ало

Мој авиону в пламен мој замоку преплавен со рајнско вино
мое гето на црното виножито мое уво од кристал
моја карпо што се стркалуваш од стрмнината за да го смачкаш полјакот
мој полжаву од опал мој комарецу од воздух
моја перницо полнета со пердуви од рајска птица моја косо од црна пена
мој распрснат гробу мој дожду од црвени скакулци
мој острову што леташ мое грозје од тиркиз
мој судиру на луди и умни автомобили моја дива цветна градино
мој толчнику од глуварче фрлен во моето око
мој корену од лале израстено во мозокот
моја газело залутана во едно булеварско кино
моја касичке во која се чува сонцето мој плоду од вулкан
мое смеење на скриена бара каде што одат да се дават невнимателните пророци
моја поплаво од рибизли моја пеперуго од печурки
мој водопаду син како еден бран од дното што прави да дојде пролетта
мој револверу од корал чиј отвор ме привлекува како окото на бунарот
што светка
и што е замрзнат како огледалото во кое ти го
набљудуваш бегството на колибрите од твојот поглед
изгубен на една изложба на бела боја обрабена со мумии те сакам

Препев: Влада Урошевиќ
Слика: Ив Танги

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото