А сега, вистинските вести

23.10.2013 08:31
А сега, вистинските вести

Се давиме во вести. Само Ројтерс објавува 3.500.000 вести годишно. А тоа е само еден извор. Прашањето е: колку тие приказни ќе имаат некакво вистинско значење на долги патеки? Нè интересираат ли вестите кои ќе бидат значајни и за 50 или 100 или 10.000 години од денес? Таквите вести обично стануваат споредни.

Ако ги погледнеме најчитаните вести на некои од водечките информативни агенции на годишно ниво, се прашуваме ли дали некои од нив ќе бидат важни за десет години? Главните приказни минатите неколку години се врзани за економијата. Се обложувам дека, порано или подоцна, оваа рецесија ќе биде стара вест.

Значи, каков вид приказни би можеле да бидат важни за иднината? Да ја земеме како пример медицината. Еден ден, мали роботи ќе одат низ нашиот крвоток поправајќи ги работите. Тој ден е веќе тука, ако сте глушец. Една од актуелните приказни е дека нано-пчелите го отстрануваат туморот користејќи го отровот на вистинските пчели. Тие испраќаат гени во мозокот. Направен е робот кој може да се движи низ човечкото тело.

Што е со природните ресурси? Како ќе прехраниме 9 милијарди луѓе? Имаме проблеми со прехранувањето на денешните 7 милијарди. Повеќе од една милијарда луѓе се гладни. Велика Британија ќе изгладне без генетски модифицирани посеви. Бил Гејтс, за среќа, вложи една милијарда во истражувања поврзани со земјоделството.

Што е со глобалната политика? Светот ќе биде поинаков кога и ако Кина ги воспостави правилата на игра. А би можела. Го презедоа приматот од САД на ниво на светскиот пазар на автомобили. Го презедоа приматот од Германија во доменот на светскиот извоз. И започнаа со ДНК тестирање на децата за да им ја одредат кариерата.

Наоѓаме секакви начини на кои би ги поместиле границите на она што го знаеме. Едно од неодамнешните откритија е дека постои колонија мравки од Аргентина која се проширила на секој континент освен на Антарктикот. Постои самостоен робот-научник кој дошол до откритие. Наскоро, можеби нема да ѝ бидеме потребни на науката. И на животот можеби наскоро нема да му требаме. Микроб се разбудил по 120.000 години. Изгледа дека со или без нас животот сепак ќе продолжи.

Мојот избор за главна приказна на годината е некоја од типот - вода пронајдена на Месечината; сега е многу поедноставно да се направи колонија таму. Ако НАСА не го направи тоа, Кина би можела. Сакам да нагласам дека некои вести се долгорочно поважни од други. Би требало и да ги потенцираме како такви.

Извор: TED

ОкоБоли главаВицФото