Некогаш бевме во иста држава, а сега едвај знаеме дека толку „забегале“

26.10.2013 10:38
Некогаш бевме во иста држава, а сега едвај знаеме дека толку „забегале“

Да зачекориме во соседството, само „втора“ куќа од нас - во Македонија. Иако ни е многу блиску и е дом на многу чуда, хрватската јавност ретко има увид што се случува таму. „Секое од овие прашања бара текст за себе“, ни вели нашата соговорничка, храбрата колешка Тамара Чаусидис, која ја замоливме за нашите читатели да отслика како денес се живее „таму каде што сонцето вечно сјае“.

Се ближи рокот за довршување на бизарниот проект „Скопје 2014“, покренат во мандатот на владата на Никола Груевски, а со цел да се изгради „поубав и постар“ главен град на Македонија. За само неколку години лицето на градот е целосно изменето. Одредени вистински македонски великани се турнати на страна за да направат место за античките херои кон кои Македонија се сврте во досега невиденото отелотворување на национализмот на Балканот.

Гледајќи во поубавото, далечно минато, власта, имено, се реши средиштето на градот да им го подари на Александар Македонски, неговиот татко Филип и мајка му Олимпија, да ги позлати мостовите и да ги накити со стауи од лавови, да постави златни и бронзени скулптури насекаде, да изгради нови наџиџани мостови преку Вардар, да ги обнови фасадите во антички или, како што често знае да се слушне, во „барокен“ стил, што е заедничко, но истовремено и погрешно име, за кичот што завладеа по улиците на Скопје. Овој културоцид, кој со својата турбофолк енергија може да го натера човека и на смеење, всушност служи за оттргнување на вниманието од длабоката и сеопфатна криза на македонското општество, уривањето на демократијата по сите основи, би рекла Тамара Чаусидис, долгогодишна македонска новинарка.

На случајниот минувач секако ќе му падне во очи проектот Скопје 2014, што го измени лицето на главниот град, речиси колку и земјотресот од пред 50 години, наспроти кризата. Обидете се да појасните за што станува збор, иако можеби за читателите би било најдобро да видат фотографии.

Се плашам дека фотографиите нема да успеат да го предизвикаат вистинскиот ефект од она што се случува под работното име Скопје 2014. Дури кога физички ќе зачекорите во тој простор преполн со статуи, мостови што не водат никаде, бродови заринкани во реката, а никаде не пловат, згради што изгледаат како филмски кулиси широки само два метра, барокни фасади залепени на модерните згради, дури тогаш човек навистина сфаќа дека е сведок на еден ужасен историски период. Најавени се нови споменици: 30-метарска статуа на Мајка Тереза, донација на контроверзниот индиски магнат Субрата Рој, шпански скали, нова фонтана... За мене „Скопје 2014“ е материјализирана психијатриска дијагноза. Но, дијагнозата доаѓа на крајот на болеста, а болеста е она што треба да се лекува или толкува.

Нашата болест се вика - предолга транзиција, нашата болест се вика блокирани интеграции и за неа до неодамна не бевме виновни. „Скопје 2014“ е автодеструктивен израз на долгогодишната фрустрација. За жал, таа не требаше да ни се случи, но ете, не издржавме - пукнавме, што би се рекло. Долго бевме конструктивни, долго понизно ги примавме домашните задачи за да бидеме наградени со членство во НАТО и во Европската Унија. И тогаш, еден ден видовме дека „учителката“ не нѐ сака и решивме, кога е веќе така, да искршиме сѐ во одделението. И сега се плашам дека даваме доволно аргументи нашето блокирање да биде оправдано и без тој проблем околу името.

Имено, во овој момент се плашам дека нашиот доминантен проблем не е спорот околу името, туку уривањето на демократијата по сите основи. Мислам дека е тоа наш најголем проблем во овој момент. Секако, ова е едно, да кажеме така, романтично и дури добронамерно толкување, бидејќи „Скопје 2014“ има и друга страна, тоа е финансиската, а таа е темна и нетранспарентна. Никој не знае колку пари се потрошени од буџетот и кој сѐ ги добил.

Паралелно со овој мегаломански проект се случува и репресија над граѓаните и новинарите. Во каква состојба е колегата Томислав Кежаровски? Би ве замолила накусо да кажете што му се случува и како заврши во притвор.

Да, ни се случува репресија над слободната мисла и над отворената дебата. Критиката е на удар, критичкото новинарство се портретира како предавничко, непатриотско или партиско. Но, не само новинарството. Знаете ли дека новинарите се присилно отстранети од парламентот за да не видат како обезбедувањето, буквално на сила, ги изнесува пратениците на опозицијата кои сакаа да го спречат донесувањето на буџетот? Медиумите се под страшна контрола. Таа се врши со поткупување, бидејќи владата е најголемиот огласувач во медиумите. Таа воедно е и најголемиот работодавец. Бројот на вработените во државната администрација е строго чувана тајна, но е евидентно дека тој непрекинато расте. Тоа се партиски вработувања. Велат дека кога партијата ви дава работа, обврзани сте еден отсто од платата да уплатувате на партиска сметка и, зависно од позицијата, да обезбедите одреден број гласачи на избори.

Некогаш за ова имаше истражувачки стории, но денес речиси ги нема. Истражувачкото новинарство речиси изумре. Случајот на Томислав Кежаровски е веројатно последниот удар врз и онака мртвото новинарство. Тој, имено, пред пет години пишуваше за случајот на едно убиство и откри дека полицијата се обидува да најде заштитен сведок, така што присилува некој затвореник да сведочи во полза на обвинението. Тој случај подоцна падна по жалбата, бидејќи немаше докази, а таканаречениот заштитен сведок јавно тврдеше дека полицијата го присилила да сведочи. Затоа Кежаровски денес е во притвор. Обвинението го товари дека го открил идентитетот на заштитениот сведок и го загрозил судењето. Ете, затоа тој, рано наутро, на 28 мај е уапсен во својот дом од страна на специјалци и тешко вооружени полицајци и спроведен во притвор.

Ефектот на неговото апсење и држење во притвор е поразувачки. Новинарската заедница протестираше, добивме поддршка од регионалните и меѓународните здруженија и организации, јавните личности се приклучија кон апелите да му се дозволи да се брани од слобода бидејќи неговиот чин, ако воопшто го има, не е таков да мора да остане во притвор. Залудно. Сѐ што добивме беше ароганција и цинизам од судската власт. Едноставно, односот кон новинарството како само кон уште една професија, очекувањето тоа да биде чиста трансмисија меѓу разните центри на моќ е толку врежано во менталниот склоп на владејачката елита, што таа воопшто не го крие тоа.

Според моите информации, на новинарите во Македонија често им е оневозможено синдикално организирање.

Ова особено се однесува за синдикатите кои не се по волја на власта и кои не се согласуваат со тоа дека позицијата на работникот кај нас е толку добра што нема за што да се протестира. Ова е, имено, одговорот на претседателот на најголемиот сојуз на синдикатите во Македонија на прашањето зошто 1 мај не се одбележува со протести како во другите земји. А каква е состојбата можете да заклучите од следното: Македонија ја има најголемата класна раслоеност во Европа, на Балканот и некои бивши земји на СССР.

Таканаречениот Гиниев коефициент изнесува високи 43,2 проценти. Најниската плата во Македонија, односно минималната плата што ја договорија големите синдикати и владата е 130 евра, а највисоката месечна е преку 82 илјади евра. Официјално, просечната плата е нешто над 320 евра, но средната плата е уште пониска, некаде околу 220 евра. Невработеноста се движи околу 30 проценти, невработеноста кај младите е поголема од 50 проценти, а 24 отсто од децата живеат во домови во кои не работат двајцата родители... Значи, во таква ситуација е навистина непријатно да се дозволи вистински синдикален активизам, па правото на здружување, правото на слобода на изразување, се целосно заборавена категорија. Новинарите, како и сите вработени, се третираат и имаат статус на економски робови.

Законот за работни односи постојано се менува на сметка на правата на работниците, се олеснува нивното отпуштање, а и оние одредби што ги штитат не се спроведуваат или се спроведуваат селективно. Да се има работа е привилегија, а не право. Се таргетираат искусни новинари, луѓе со интегритет и со свое мислење и се менуваат со послушници, подготвени на сѐ за да ја задржат работата или позицијата. Постојат разработени методи како да се убие секој облик на организирано незадоволство. Луѓето се отпуштаат преку ноќ, им се забранува пристап во редакција, им се намалуваат платите, се префрлаат на пониски позиции, додека послушниците напредуваат. Нема систематизација, нема никаков принцип.

Едноставно, ако проценат дека сте проблематичен, најдоброто на што може да се надевате е дека некако ќе добиете плата, ама нема да ви дадат да работите, па ќе стравувате дека при првата чистка ќе бидете отпуштен, затоа што не сте „продуктивен“. Знаете, кај нас „новинарите“ се префрлаат од еден приватен медиум во друг по команда од, условно речено, непознат центар. Тие новинари подоцна се задолжени за таканаречените специјалки - нарачани и повторно во тој фамозен центар напишани текстови во кои се черечи опозицијата, неистомислениците или граѓанските активисти. Сето тоа мошне наликува на Министерството на вистината од Орвеловата 1984, како и атмосферата што владее - страв и малодушност. Затоа во новинарскиот синдикат, во кој сум активна, имаме тајни членови, луѓе што сакаат да ја поддржат работата на синдикатот, но ако е можно тоа да не се знае, бидејќи знаат дека ќе имаат проблеми. Всушност, и самата изгубив работа поради синдикалните активности, па на некој начин им служам како пример за она што може да им се случи.

Паралелно Македонија е оптоварена со национализам, кој е негативно поставен во однос на Албанците, Грците, па и Србите.

Македонија е оптоварена со поделби по сите основи: на патриоти и предавници, на „соросоиди“ (секој што има врска со невладиниот и граѓанскиот сектор), на оние што се за и против „Скопје 2014“, на оние за и против абортус, на верници и неверници, на поддржувачи на лустрацијата и оние што тврдат дека таа се претворила во пресметка со неистомислениците... Пописот е навистина долг. Во овој момент ми се чини дека повеќе зла крв има во овие интермакедонски поделби.

Еден од горливите проблеми е и оживување на конзервативизмот, кој можеби беше комичен кога на статуата на Прометеј ѝ се надоградија гаќи, но сега веќе задира во правото на абортус.

Се работи за уште една линија на поделба, која всушност се користи за политичка пресметка со прогресивниот дел од граѓанството. Владата продуцира спотови за поттикнување на раѓање и ги емитува на јавната телевизија, загриженоста за наталитетот е државна политика. Сето тоа е една невкусна парада на псевдоконзервативизам, кој воопшто не е искрен и служи само за да се сврти вниманието од вистинските проблеми. Па така, на пример, во ситуација кога јавните финансии се целосно нетранспарентни и матни, кога не се знае колкава е задолженоста на земјата, а постојано се земаат нови кредити, кога не се знае дали има излез од „ќорсокакот“ во кој влезе проблемот со името, кога младите масовно, ама масовно се иселуваат - владата решава да го промени Уставот за да го осигура бракот како заедница меѓу еден маж и една жена. Во земја во која јавно декларираните припадници на ЛГБТ популацијата можат да се избројат на прстите од една рака, во земја во која се изложени на постојано насилство, вие како итно го поставувате прашањето на истополови бракови! Тоа, едноставно, е обид преку некакви традиционални теми да се одвлече вниманието од горливите проблеми со кои се соочуваме.

Каква е улогата на Православната црква во тоа? Колку што разбрав, и на одредени свештеници им се случило да влезат во судир со власта откако ќе искажат несогласување, односно дека биле прогонувани преку медиумите, клеветени и, конечно, замолчени.

Да, со тоа што не се замолчени. Сѐ уште имаме Фејсбук, па ги слушаме. Имено, односот на Црквата и на десничарските влади во Македонија до неодамна беше идиличен, но, се случи тоа еден владика да упати критика на начинот на кој беше организиран еден провладин протест и веднаш се најде во немилост на премиерот, кој во едно интервју искажа директни и лични дисквалификации на сметка на овој епископ. Споменав провладин протест, па би требало да објаснам за што станува збор. Имено, во Македонија, како некогаш во Србија, луѓето „спонтано“ се собираат секогаш кога треба да се брани од незадоволниците некоја владина политика. Тие протестираат пред седиштето на опозицијата или пред општината во која на власт е опозицијата или се собираат да се спротивстават на некој навистина спонтан протест. Новинарските екипи регистрираа дека им се делат сендвичи, дека организирано се носат со автобуси, дека многумина од нив воопшто не знаат зошто протестираат. Нивните изјави и гафови ја забавуваат јавноста со денови, па во последно време станаа насилни и брутални кон новинарските екипи. Еден таков протест неодамна е организиран врз основа на гласини дека новиот градоначалник во една скопска општина би можел да ја запре изградбата на една црква и беше прилично насилен. Таму беше и еден владика, кој, во свој статус на Фејсбук, ги критикуваше постапките на демонстрантите. Така стана жртва на негативна кампања, а и самиот премиер оцени дека е неискрен и лицемерен.

Ако не се лажам, му ископаа и фотографии на кои позирал во ферарито на негов пријател и го „прикажаа“ како плејбој и развратник?

Да.

Колку Европската Унија ви помага (или одмага) во обидите за воспоставување на нормално општество?

Се плашам дека помага многу малку, а богами, умее и да одмогне, и тоа прилично. Еве, земете ја, на пример, слободата на медиумите. Во 2011 година власта ја затвори најголемата и најгледаната приватна телевизија и уште три дневни весници што беа во сопственост на транзицискиот тајкун Велија Рамковски и тоа поради неплаќање данок. Рамковски и целиот менаџерски тим се осудени на затворски казни, а секој обид медиумите во негова сопственост некако да се одржат е исечен во корен. Речиси никој во Македонија, па дури ни спроведувачите на целата операција, не се сомнева дека целта беше да се затвори најголемата и најгледаната телевизија, која имаше исклучително критичен однос кон власта. Дотолку повеќе што со нејзиното затворање се започна токму кога таа зазеде таква уредувачка политика.

Во исто време започнува отпуштањето на новинари и во другите медиуми, преземањето контрола над промената на сопственоста и слично. Во таква ситуација, ЕУ ја поддржува идејата Здружението на новинари да тргне во преговори со владата околу состојбата во медиумите. Тие преговори се сведоа на декриминализацијата на клеветата и навредата и траеја речиси една година. Во таа година власта воспостави контрола над сите главни медиуми, критичките новинари останаа без работа, се смени составот на Советот за радиодифузија, кој брутално ја укина лиценцата на телевизијата што се обиде да ја продолжи работата на ТВ А1, долгогодишните политички и дебатни емисии исчезнаа од екраните, но бидејќи владата прифати да ја декриминализира клеветата, ЕУ тоа го поздрави како голем чекор кон слободата на медиумите!

Значи, тој Брисел оценува дека треба да се охрабри владата за да го реши спорот со името, а како жртва на таквата политика се принесува слободата на медиумите. Владата не го промени името, а заземената медиумска територија ќе остане под нејзина контрола. Оттука и мислењето што го делат и моите колеги дека ако владата на Никола Груевски направи некаква отстапка околу спорот за името, условите што сега ги поставува ЕУ, меѓу кои е и слободата на изразувањето и на медиумите, многу лесно би можеле да исчезнат.

На кој начин државите од регионот би можеле да ѝ помогнат на Македонија?

Хрватска и Словенија се членки на ЕУ и би можеле да помогнат притисокот околу спорот со името да не се фокусира само на Македонија.

Постојат ли во Македонија политички сили што би можеле да осмислат и да му понудат на гласачкото тело здраворазумска алтернатива?

Опозицијата е конфузна и се занимава самата со себе бидејќи неодамна абдицираше нивниот дологодишен лидер. Зборот не е случајно избран. Новото раководство има полни раце работа, а граѓаните уште не знаат што можат да очекуваат. Во меѓувреме, ароганцијата на власта иницира спорадични протести, но тие се главно локални, како новинарските протести за Кежаровски или последниот протест поради сечењето дрвја во центрот на градот. Често се и малубројни бидејќи луѓето се плашат дека поради учеството во нив ќе ја загубат работта. Ако се помасовни, тогаш се соочуваат со таканаречените контрапротести, со стигматизација и со црна кампања во повеќето медиуми, така што навистина е тешко да се артикулира какво било незадоволство. Во услови на страв и малодушност, како и на нокаутирана опозиција која загуби веќе шест избори по ред, мојот одговор би бил - за жал, нема алтернатива, уште не се појавила.

Иако делевме иста држава, Македонија, според мојот впечаток, во однос на останатите држави од подрачјето на поранешна Југославија, целосно е надвор од фокусот, запоставена и егзотична, како да се работи за Брегот на слоновата коска. Како го толкувате тоа прекинување на врските и отуѓување?

Се плашам дека тие врски никогаш и не биле особено силни. Македонија беше „далечна“ и не толку интересна за Хрватска и додека бевме во иста држава. Се разбира, распадот придонесе уште повеќе за ова. Од една страна, државите што беа зафатени со воениот виор немаа ни време да се занимаваат со Македонија, а од друга страна Македонија, соочена со крвавото раздружување, гледаше само како да ја спаси главата и да остане надвор од трагедијата што се случуваше.

Меѓутоа, тој наметнат аутизам сега ни се крши од глава, бидејќи во голема мера ги повторуваме искуствата низ кои другите држави веќе поминаа, како популизмот и митоманијата. Просто е неверојатно како во Македонија се повторуваат искуствата од 90-тите од Хрватска и Србија. Некои само во назнаки, а некои во форма на гротеска. Штета што и во овој случај се потврдува старото правило дека ретко се учи од искуствата на другите.

Благодарение на тоа, Хрватите, Србите, Босанците и останатите тешко дознаваат за проблемите што ги мачат Македонците, а според ретките вести од Македонија, се добива впечаток дека меѓу вас и БиХ се одвива борба за држава што најлошо поминала во транзицијата.

Се чини дека тој натпревар уште трае. Само делумно се шегувам. Имено, ние уште не „поминавме“, а како ќе поминеме допрва ќе се види. Проблемот е што никој, па ни владејачкиот естаблишмент нема поим ниту идеја како сето ова ќе заврши или каде воопшто одиме: кон источната деспотија или кон европската демократија. Декларативно, Македонија се определи за евроатлантските интеграции, значи за членство во НАТО и ЕУ. Таму ни е блокиран пристапот поради проблемот што Грција го има со нашето име, а друга алтернатива немаме. За да се спречи поставувањето на оваа дилема на ваков начин, ние тонеме во популизам, убивање на дебатата и на критичната јавност, што навистина веќе ја поминува границата на издржливост.

Извор: Глобус (Скопје) / danas.net.hr

Слични содржини

Општество / Балкан
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото