М(р)ачно само-омаловажување

26.12.2013 11:32
М(р)ачно само-омаловажување

Начинот на кој медиумите го одбележаа „црниот понеделник“ потврди дека на 24 декември минатата година на Македонија ѝ се случи диктатура и дека, после тие настани, ништо во државата веќе не е исто. Кога отворено и грубо против пратеници, кои народот кој ги избрал, и новинари ќе се (зло)употребат самоволието и силата, сè се претвора во начин на владеење. Назад нема, патот за диктатурата е отворен.

Одбележувањето на „црниот понеделник“ во гласилата уште еднаш ја потврди длабоката поделеност во медиумскиот простор и новинарството во државава. Медиумите се јасно поделени – по вертикала. Оние кои се под контрола на власта/диктатурата се во уверливо мнозинство, а на другата страна се грст медиуми и новинари кои работат професионално.

Медиумите кои се под контрола на власта и гласноговрници на диктатурата, известувајќи за трагичните и жални настани од декември лани, едноставно ја „прескокнаа“ вистината. За нив искривоколчувањето на фактите, криењето на фактите, едностраното известување се „нормално“ и секојдневно „перење на мозок“.

Да се премолчи дека „црниот понеделник“ беше, не само кршење на Уставот и законите и уривање на демократијата, туку и грубо атакување врз новинарството, е највулгарно самоомаловажување. Долно валкање на професијата кое го применуваат само слепи послушници на власта и диктатурата, оние кои немаат ништо заедничко со новинарството.

Директивата за ваквиот начин на „покривање“ на „црниот понеделник“ е испратена и јавно преку соопштението на владејачката ДПМНЕ. Во него одвај да има назнака за настаните од 24 декември 2012. Целото соопштение е груб и валакан напад и омаловажување на опозицијата која се осмелила да ја спомене годишнината кога по наредба на власта со полиција и на клоци беше исфрлена од Собранието.

Известувајќи за годишнината од „црниот понеделник“ медиумите под контрола на власта се воздржаа, барем засега, од небулозните објаснувања дека наредбата за интервенцијата на полицијата не било диктатура!, туку „спасување“ на демократијата! Гласилата кои се ударни тупаници на власта лани постојано повторуваа дека со примената на сила бил спречен државен удар и дека е спасена демократијата, надевајќи се дека илјада пати повторената лага ќе стане вистина. Медиумите кои се гласноговорници на диктатурата, ниту лани, ниту една година подоцна, не само што не протестира, туку не ни спомнаа дека и новинарите, заедно со пратениците, беа исфрлени од Собранието.

Откако владетелите неказнето и без последици по интервенцијата на полицијата и по примената на сила обзнанија диктатура, охрабрени од молкот и поддршката на „своите“ послушници, продолжија да применуваат исти методи кон новинарите. Следуваше апсењето, долгиот притвор и судењето на новинарот Томислав Кежаровски, обвинување за новинарот Зоран Божиновски за шпионажа, спречување на протестот на новинари со специјалци. Останаа и сомнежите за трагичното загинување на новинарот Никола Младенов.

Осилени од „успесите“ на примена на сила и присила, владетелите решија со наметнатиот Закон за медиуми да го озаконат самоволието и под контрола да ги стават сите гласила и новинари. Подготвуван тајно, како божемно усогласување со европските препораки и регулатива, Законот на голема врата воведува цензура и контрола. Залудни беа протестите на дел од новинарите и Законот за медиуми веќе е пред усвојување. Со поддршката што Законот ја доби од раководството на ЗНМ, владетелите се обидоа да го подобрат својот углед непосредно пред годишнината на „црниот понеделник“.

Со настаните од 24 декември мината година – примена на сила и бркање на пратеници и новинари од Собранието со полиција – беше убиена демократијата, а Македонија живее во услови на диктатура. Тоа со ништо не може да се избрише. Најмалку со молкот на медиумите, кој е само потврда дека се под контрола на владетелите. И тоа е дел од диктатурата.

„Црниот понеделник“ е дел од историјата на Македонија кој никогаш нема и не може да биде заборавен. Начинот на кој е одбележана годишнината покажа колку во нив се вгнездени тие настани и последиците од нив. Трагичните последици од 24 декември 2012. година највистинито и најстрашно се отсликуваат не само во медиумите или во новинарството, туку и во сè она со што мора/треба да се живее а некаде во други држави се применува преку човековите права и слободи.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Извор: civil.org.mk