Македонското прашање од 1944 до денес (1)

01.02.2014 19:30
Македонското прашање од 1944 до денес (1)

Неодамна, во издание на ФООМ, излезе една мошне интересна историска студија од Чавдар Маринов: Македонското прашање од 1944 до денес; комунизмот и национализмот на Балканот. Чавдар Маринов е доктор по историја и цивилизации на Ecole des Hautes Etudes en Sciences Sociales и научен соработник на француската школа во Атина. Неговиот труд е посветен на бугарската политика спрема Македонското прашање од комунистичкиот период и на нејзините расправии со (југословенска) Република Македонија. Тие се однесуваат на националната припадност на долга низа историски личности и настани, на локалниот словенски јазик зборуван во Македонија и на правата на лицата кои се сметаат за Македонци во Бугарија. Презентацијата на генезата и на развојот на бугарско-македонските контроверзии, предложена овде, би можелa да ги интересира не само специјалистите за Балканот и за Македонското прашање туку и оние што се трудат да ја разберат употребата на традиционалните национализми од комунистичките режими во Источна Европа.
Од книгата на Маринов на Окно ќе бидат пренесени одредени делови.


Спорното минато: Македонија пред комунистичките партии

Првите историски настани и личности кои претставуваат предмет на расправи меѓу Софија и Скопје му припаѓаат на средновековниот период. Темата на антиката и античка Македонија, на Филип II и на Александар Велики, не ги надминува рамките на полемиките меѓу Грција и поранешната југословенска република: бугарската историографија малку е заинтересирана за оваа тема.10 Од друга страна, бугарските и македонските истражувачи се расправаат, на пример за идентитетот на Словените кои, почнувајќи од 6 век, се населуваат во Македонија. Во двете историографии, 9 век е обележан со создавањето и ширењето на словенското писмо, создадено од Константин-Кирил и Методиј: двајцата родени во Солун, денеска сметан за „главен град“ на географска Македонија. Од 19 век, за Бугарите, светите браќа се национални херои со (словено-)бугарско потекло, но македонските историчари секогаш трагаат по докази за нивното македонско потекло. Најзначајните ученици на солунските браќа – Климент и Наум, кои ја ширеле својата книжевна активност во важниот град Охрид (денес во Република Македонија) – исто така, се видени како „македонски Словени“, односно како „Бугари“. На ист начин, развојот на богомилската ерес во 10 век истовремено е третирана како составен дел од бугарската и од македонската историја.

Уште пожестоки се полемиките околу етничкиот карактер на државата на царот Самуил и на неговите наследници (997-1018), чии центри се наоѓаат во Македонија. Оваа држава претставува продолжение на Бугарското Царство, според бугарските специјалисти, и прва држава на македонските Словени, според истражувачите од (бившо-)југословенска Македонија.11 По приспојувањето на Самуиловата држава од страна на Византија, Охридската архиепископија (активна 1019-1767), ако им веруваме на бугарските историчари, станала носител на бугарскиот идентитет во Македонија, но истовремено е сметана и за архетип на денешната Македонска православна црква.

Моменти на неслога се забележани и за периодот кој следува по обновата на бугарската држава (1187). Работите изгледаат, особено, сложени со македонските владетели од 14 век кои се еднакво присвојувани и од српската историографија: на пример, херојот од Прилеп, Краљевиќ Марко (Крали Марко/Марко Крале).

Османлиското освојување од крајот на 14 век, во балканските историографии традиционално е толкувано како почеток на еден долг период на национално и верско „поробување“ со „катастрофални“ последици врз самата етничка заедница. Таа, пак, ќе се крева на бунтови за свое „ослободување“, како востанието на Карпош во 1689: еднакво присвојувано и од Софија и од Скопје.

Историографскиот пинг-понг станува особено жесток кога се доближуваме до доцниот османлиски период. Периодот кој grosso modo трае од крајот на 18 век до 80-тите години на 19 век, и од бугарските истражувачи и од нивните македонски колеги, е именуван како нов период во кој „националната свест“ се манифестира на решителен начин. Што се однесува до неговата дефиниција како „Преродба“ (Възраждане) на бугарскиот идентитет, бугарската историографија е единствена, додека во Република Македонија, истиот период се гледа како „Преродба“ на македонскиот народ.12 Причината: тоа е време на првите интелектуалци кои пишуваат на локален јазик и кои, постепено, воведуваат модерна национална идеологија кај Словените од Македонија.

Пишувањето за бугарската национална „Преродба“ недвосмислено започнува со Словенобугарската историја (История славяно-болгарская) напишана во 1762 г. од монахот од Света Гора, Паисиј Хилендарски. Тој ја раскажува средновековната историја на Бугарите, барајќи тие да стекнат свест за нивното „славно“ потекло и да се оттргнат од Грците. Родното место на Паисиј било предмет на долги дебати, но, почнувајќи од комунистичкиот период, бугарските специјалисти решително се определуваат за малиот град Банско. Тој е сместен во подножјето на Пирин и, на тој начин, го поддржува присвојувањето на Македонија како „колевка“ на бугарската национална „Преродба“. Следат фигурите на Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски кои, од почетокот на 19 век, издавале религиозни и морализаторски дела: за разлика од Паисиј кој, сè уште, го бара своето место во македонскиот национален пантеон, овие во исто време се видени и како „Бугари“ и како „Македонци“. Но списокот е подолг. Тој продолжува со Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Димитар/Димитрија и Константин Миладинови, Партениј Зографски, Натанаил Охридски, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Рајко Жинзифов, да ги спомнеме само најславните.

Сметани за бугарски и македонски „преродбеници“, споменатите личности вистински развиваат значајна патриотска активност. Тие се обиделе да го стандардизираат локалниот словенски јазик издавајќи оригинални текстови и преводи и издавале народни песни и учебници. Дотолку повеќе, тие ѝ се спротивставиле на „духовната опресија“ од страна на Цариградската патријаршија. Во текот на 19 век поради литургискиот јазик, хеленофонската црковна институција, столб на византиската традиција, постепено била отфрлена од славофоните како „грчка“. Се разбира, и османлиската доминација била негативно прифатена од национализмот во зародок, кој се наметнал врз верската разлика. Но, ако Бугарија го добива своето „ослободување“ во 1878 по Берлинскиот договор, Македонија останала во Османлиската Империја до Балканските војни (1912-1913).

Годината 1878 може легитимно да се смета како почеток на Македонското прашање. Интелектуалната и политичката елита на младата бугарска држава била фрустрирана од фактот дека е лишена од Македонија. Сепак оваа ѝ била ветена со прелиминарниот договор од Сан-Стефано, склучен меѓу Русите и Османлиите на 3 март 1878 г. Оттогаш, надворешната политика на Софија била доминирана од иредентистички проект чија прва цел е приспојување на Македонија и, на тој начин, создавање на „Голема Бугарија“ исцртана во Сан-Стефано. Географска Македонија во Бугарија е замислена како земја мнозински населена со сонародници13. Но, Грција и Србија биле далеку од тоа да ги толерираат бугарските амбиции. На крајот на 19 век, Атина и Белград испратиле свои лични пропагандисти во османлискиот регион, кои требало на различни начини, понекогаш насилни, да обезбедат лојалност од локалното население.

Тоа, пак, не останало со скрстени раце. Во 1878-1879, во подножјето на Пирин, избувнало едно антиосманлиско востание: Кресненско-разлошкото востание. Во октомври 1893 г. во Солун, една група активисти ја создале познатата Внатрешна македонска револуционерна органи- зација (ВМРО). Таа релативно бргу станала еден од главните протагонисти на Македонското прашање и, долгорочно, еден од основачките митови на македонскиот национализам. Последната карактеристика важи и за нејзините водачи: на пример, основачот Даме/Дамјан Груев, најпознатиот херој Гоце Делчев, неговиот соработник Ѓорче Петров, шефот на левицата Јане Сандански итн.14

Но, бугарската историографија ги смета за бугарски револуционери, кои дури имаат сонувано за обединувањето на Македонија со Бугарија. Според историчарите од Софија, првото име на ВМРО е „Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети“: меѓу другото, теза подоцна прифатена од одредени специјалисти од Скопје.15 Сепак, последниве претпочитаат да ги покажуваат нејзините официјални слогани – „автономија на Македонија“ и „Македонија на Македонците“ – и да ги истакнуваат нејзините конфликти со ривалската организација основана во Софија. Се работи за „Врховниот македонски комитет“ чии членови – наречени „врховисти“ (върховисти) – еднодушно се видени како бугарски националисти, приврзаници на проектот „Голема Бугарија“.16

На 2 август 1903, ден Свети Илија (Илинден), внатрешната организација успеала да го крене населението, од одредени региони на Македонија, против османлиската доминација. Илинденското востание било набргу задушено, но тоа се претворило во клучен настан на македонската колективна меморија. Уште еднаш, истражувачите од Софија инсистираат дека тоа имало бугарски национален карактер. За да го потенцираат тоа, почнувајќи од комунистичкиот период, тие зборуваат дури и за Илинденско-преображенско востание: на денот на Преображение Христово, револтот се раширува и кај одринските Бугари, т.е. кај оние од Тракија.17

Претставени на овој начин, дебатите меѓу бугарските и македонските историчари изгледаат екстремно апсурдни. Секој од претендентите го „лепи“ својот национален идентитет врз личностите од минатото и го отфрла барањето на конкурентот. Уште повеќе, секој верува дека има апсолутен монопол врз „историската вистина“. Најпосле, што е со документарните извори: кое гледиште го потврдуваат тие?

Одговорот на ова прашање е, секако, сложен. Општо земено, малку од изворите потврдуваат македонска етничка или национална самоидентификација кај локалните Словени пред 20 век. Односно, за повеќето од точките, историчарите од Софија изгледаат верни на називите наследени од минатото: историските личности кои искажувале посебен словенски македонски идентитет биле поретки отколку жителите на Македонија кои декларирале бугарска припадност. Ако се остават настрана податоците од средниот век, каде што етнизацијата е доста проблематична, овој заклучок е сосема исправен за периодот на националната „преродба“ и револуционерното движење од крајот на 19. и почетокот на 20 век.

На пример, фолклорниот зборник, објавен во 1861 г. од браќата Димитар и Константин Миладинови (родум од Струга во западна Македонија), го носи насловот Бугарски народни песни (Български народни песни): факт, кој до неодамна внимателно бил криен од страна на македонската историографија. Еден друг македонски „преродбеник“, Рајко Жинзифов, јасно пишува дека „нема Македонци, нема Тракијци како посебни народи, има само Славобугари (Славяне-Българе)“.18 Активистите на ВМРО, вклучително и славниот Гоце Делчев, не само што пишувале на стандарден бугарски: тие често биле учители во бугарските училишта во османлиска Македонија, поранешни офицери на бугарската армија, и од етничка гледна точка, секако, се самоидентификувале како Бугари. Со терминот „Македонци“, тие го означувале целото население на географска Македонија, без оглед на националност или религија: Турци, Грци, Власи (Аромани), Албанци и, секако, Словените кои тие самите ги нарекувале „македонски Бугари“.19

Тие, сепак, не претставувале една хомогена заедница. Во почетокот на 20 век, повеќето од Словените од Македонија, на конфесионален план, биле приклучени на Бугарската (егзархиска) црква, основана во 1870, и според изворите од периодот се идентификувале како „Бугари“. Но, имало и такви кои ѝ останале верни на Цариградската патријаршија. Дури и да зборувале словенски во домовите, главно, се нарекувале „Грци“. Во одредени краеви на западна и северна Македонија, локалните Словени биле привлечени од пропагандата од Белград, поради што се идентификувале како „Срби“. Муслиманските Словени, популарно наречени торбеши, помаци итн., се нарекувале „Турци“.20

Како што гледаме и македонскиот идентитет постоел, иако различно артикулиран. Во текот на 19 век, грчкото образование во Македонија било тоа кое ќе ја прошири меѓу македонските Словени митската претстава за Филип и за Александар, со цел да ги хеленизира. Кон крајот на османлискиот период, грчките пропагандисти дури печателе брошури со локален словенски говор: тие ги раскажувале главните факти за подвизите на античките кралеви и се обидувале да ги убедат локалните славофони дека тие не биле „бугарски варвари“ и требало да останат лојални Хелени.21 Планот да се конвертираат Словените во верни наследници на Александар Велики, т.е. во Грци, во голема мера не успеал. Но, тие ги прифатиле имињата „Македонија“, „Македонец/-ка“, „Македонци“, притоа насочувајќи ги против обидите за асимилација.22

Во прво време, овој идентитет претставувал „регионален патриотизам“, кој не ја исклучувал бугарската национална припадност. Ова запазување важи за повеќето од „преродбениците“ и за револуционерите од османлискиот период. Но, во одредени контексти, Словените од Македонија еднакво развивале ексклузивен македонски национализам. На пример, таков е случајот со самоукиот историчар и лексиколог Ѓорѓија Пулевски кој, во 1875, испечатил Речник од три јазика: славомакедонски, турски и албански23. Најважна фигура од овој вид е, секако, етнографот и лингвист Крсте Мисирков (1874-1926). Во 1903, малку по катастрофата на Илинденското востание, тој издал памфлет кој денес е гледан како „манифест“ на македонскиот национализам: За македонцките работи.24 Подоцна, во Санкт Петербург, неговиот колега Димитрија Чуповски започнал да го издава весникот Македонски глас (Македонский голос) кој ги ширел истите идеи: македонските Словени не се Бугари, Срби или Грци, туку тие претставуваат посебна нација.25

Во овој период, некои српски научници ја поддржувале етнографската идеја за постоење на посебна славомакедонска народност и јазик. Целта на оваа идеја била да се спротивстави на бугарското културно влијание во регионот.26 Но, во текот на нивните животи, македонските националисти – или „македонисти“ (според бугарската терминологија) – немале голема популарност. Нивната идеологија не била дури ни кохерентна: Мисирков е, исто така, автор на бројни бугарски националистички текстови.27 И покрај сè, регионализмот или „македонскиот патриотизам“ постоел и стапувал во разнообразни врски со бугарскиот национализам.

Еден пример. Во 1903, анархистот Павел Шатев, учесник во славните солунски атентати од истата година,28 забележал еден процес на идентитетска диференцијација. Во затворот Једи Куле, Шатев утврдил постоење на луѓе кои „се чувствувале само Бугари“ и други кои се сметале како Бугари по „националност“, но „пред сè за Македонци“.29 Политичкиот контекст на постосманлиската епоха ќе ја фаворизира трансформацијата на овој идентитет во еден важен социокултуролошки феномен. Така, „македонистичките“ идеи ќе се стекнат и со институционална поддршка.

Исчекувањето на смртта на „болниот од Европа“ – Османлиската Империја – ги потхранувала територијалните амбиции на Софија, но и на оние од Белград и Атина. Иднината на Македонија била во срцето на Балканските војни, кога Бугарија добила само минимален дел од посакуваната територија (Пиринскиот крај). Најголемите делови биле анектирани од Грција („Егејска Македонија“, според словенскиот термин) и Србија (Вардарска Македонија). Вториот пораз на Софија во Првата светска војна, следен од крахот на идејата за „национално обединување“, повторно го исфрлил слоганот „автономија“ или независност на Македонија. Во новите меѓународни услови, во Софија таа била сметана за втора држава со бугарско мнозинство.

Споменатиот слоган, особено, бил промовиран од страна на „новото издание“ на внатрешната организација: ВМРО во потесна смисла на зборот (Вътрешна македонска революционна организация), водена најпрвин од „последниот планински крал“, Тодор Александров, и од бугарскиот армиски генерал, Александар Протогеров. Од 1923, организацијата го претворила Пиринскиот регион во „држава во држава“ со своја милиција, систем на даноци, „правда“ и пошта, кои ги удвоиле бугарските официјални институции.30

Истовремено, Пирин служел како паравоена база за упади на чети на ВМРО во другите делови од Македонија, особено во Вардарскиот регион кој му припаѓал на новоформираното Југословенско кралство. Власта во Софија, очигледно, ја толерирала состојбата. Така е, барем, пред 1934, кога нов државен удар донесол на власт еден етатистички режим, кој многу лесно ја урнал „државата“ на ВМРО. Нејзиниот последен шеф – Иван (Ванчо) Михајлов – ја напуштил Бугарија за да го помине остатокот од животот во егзил, додека некои од неговите приврзаници – михајловисти – биле уапсени и затворени од страна на новата власт во Софија. Треба да се забележи дека бугарската и македонската историографија, oвој пат, се согласни во врска со националниот карактер на ВМРО на Александров и на Михајлов: и покрај слоганот „независна Македонија“, таа била бугарска националистичка организација. Освен тоа, од страна на македонските историчари, но, исто така, и од нивните бугарски колеги од комунистичкиот период (барем пред 80-тите години на 20 век), таа била, често, квалификувана како „фашистичка“. Квалификацијата не била без причини. Иако ВМРО никогаш не развила фашистичка идеологија во правото значење на зборот, нејзините водачи одржувале тесни врски со ревизионистичките сили во Европа: Мусолиниева Италија, хрватското усташко движење и, најпосле, Хитлерова Германија.31

10 Најисцрпувачка презентација на личности, организации и историски настани, оспорени меѓу Македонците и нивните соседи, е понудена од Димитар Бечев, Historical Dictionary of the Republic of Macedonia, Lahnam, Toronto, Plymouth, The Scarecrow Press, 2009.

11 Во неговото дело Самуилова држава: обим и карактер, Београд, САНУ, 1997, српскиот византолог Срѓан Пириватриќ предлага неутрална анализа на различни интерпретации.

12 Бугарската историографија е анализирана од: Roumen Daskalov, The Making of a Nation in the Balkans, Budapest, CEU Press, 2004; Александър Везенков, „Очевидно само на пръв поглед: ’Българското възражданè като отделна епоха“ во Балканският XIX век. Други прочити, София, CAS/Riva, 2006. Македонската историографија за „Преродбата“ започнува со Блаже Конески, Кон македонската преродба. Македонските учебници од 19 век, Скопје, ИНИ, 1959.

13 Види ја компаративната анализа на претстави на Македонија во Бугарија и Србија во текот на овој период: Наум Кайчев, Македонийо възжелана... Армията, училището и градежът на нацията в Сърбия и България (1878-1912), София, Парадигма, 2003.

14 За ВМРО и балканските ривалства во Македонија: Fikret Adanır, Die makedonische Frage, Wiesbaden, Franz Steiner Verlag, 1979; Duncan Perry, The Politics of Terror. The Macedonian Liberation Movements 1893-1903, Durham and London, Duke University Press, 1988; Vemund Aarbakke, Ethnic Rivalry and the Quest for Macedonia, 1870-1913, Boulder, East European Monographs, 2003.

15 Иван Катарџиев, „Некои прашања за уставите и правилниците на ВМРО до Илинденското востание“, Гласник на Институтот за национална историја, 1961/1. „Одринскиот“ елемент од називот не е без значење: Организацијата развива мрежа не само во Македонија, туку и во административниот регион (на турски вилает) Одрин (Edirne) сместен во Тракија.

16 На пример, Манол Пандевски, Националното прашање во македонското ослободително движење (1893-1903), Скопје, Култура, 1974. Класичната студија на бугарската историографија за македонското револуционерно движење е Христо Силјанов; в.: Х. Силянов, Освободителните борби на Македония, т.1: След Илинденското въстание, София, Държавна печатница, 1943 (реиздадени во Софија, Наука и изкуство, 1983). За историографските толкувања на ВМРО: James Frusetta, “Common Heroes, Divided Crimes: IMRO Between Macedonia and Bulgaria” во John Lampe, Mark Mazower (éds.), Ideologies and National Identities. The Case of Twentieth-Century South-eastern Europe, Budapest, New York , CEU Press, 2004.

17 Димитър Косев, Илинденско-Преображенското въстание в 1903 година, София, ОФ, 1978; Cf. Манол Пандевски, Илинденското востание во Македонија 1903, Скопје, ИНИ, 1978.

18 Види Български възрожденски книжовници от Македония, Избрани страници, София, БАН, 1983, стр. 293.

19 Во овој поглед мошне претставителна е статијата „Политически сепаратизъм“, Право, 7 јуни 1902. Весникот Право во овој период е неофицијален гласник на внатрешната организација. Текстот е достапен во зборникот на документи Македония. Сборник от документи и материали, София, БАН, 1978, стр. 423-426.

20 За социјалниот контекст на етничките категории во Македонија: Basil Gounaris, “Social Cleavages and National ‘Awakening‘ in Ottoman Macedonia”, East European Quarterly, XXIX, 4, 1996.

21 Прескасание на Голем Александр редактирана од Athanasios Souliotis-Nikolaidis. Види Idem, O Makedonikos Agon. I “Organosis Thessalonikis” 1906-1908. Apomnimonevmata, Salonique, IMXA, 1993. За грчката вооружена пропаганда во Македонија: Douglas Dakin, The Greek Struggle in Macedonia, 1897-1913, Salonique, IMXA, 1966.

22 Во 1871, учителот Димитар Македонски бил способен истовремено да тврди дека, Македонците се „чисти Бугари“ и дека, тие се потомци на античките Македонци: Български възрожденски книжовници, стр. 360-361. Во почетокот на 20 век, еден британски набљудувач забележал кај локалните жители постоење на легендата дека Александар бил Бугарин: Henry Brailsford, Macedonia. Its Races and Their Future, London, Methuen & Co., 1906, стр. 103.

23 За животот и за делото на Пулевски: Блаже Ристовски, „Меѓникот“ во Idem, Портрети и процеси од македонската литературна и национална историја, Т.1, Скопје, Култура, 1989.

24 Види ја биографијата на Мисирков: Блаже Ристовски, Крсте Петков Мисирков (1874-1926). Прилог кон проучувањето на развитокот на македонската национална мисла, Скопје, Култура, 1966.

25 Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878-1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград. Прилози кон проучувањето на македонско-руските врски и развитокот на македонската национална мисла, т.1-2, Скопје, Култура, 1978.

26 Се однесува особено за Стојан Новаковиќ, историчар, политичар и дипломат. Податоците за неговата активност во оваа насока се често експлоатирани во Бугарија. Но, всушност, тие за првпат се објавени од страна на македонски истражувач: Климент Џамбазовски, Културно-општествените врски на Македонците со Србија во текот на XIX век, Скопје, ИНИ, 1960. Cf. студијата на српскиот географ Јован Цвијиќ, Remarques sur l’ethnographie de la Macédoine, Paris, Roustan, 1907.

27 Cf. Веселин Трайков, К.П. Мисирков и за българските работи в Македония или другият Кръсте Мисирков: опит за обективна оценка, Стара Загора, Знание, 2000. Кон познатите пробугарски текстови неодамна е додаден еден интимен волуминозен дневник кој беше случајно откриен: К. П. Мисирков. Дневник. 5.VII – 30.VIII.1913, Софија-Скопје, ДАА-ДАРМ, 2008.

28 Во април 1903, „македонско бугарските“ анархисти го потопуваат францускиот параброд Гвадалкивир (Guadalquivir), ја дигаат во воздух филијалата на Отоманската банка во Солун и фрлаат бомби на јавни места во градот.

29 Павел Шатев, В Македония под робство. Солунското съзаклятие 1903 г., София, П. Глушков, 1934, стр. 319.

30 За „државата“ на ВМРО во Пирин: Димитър Тюлеков, Обречено родолюбие. ВМРО в Пиринско (1919-1934), Благоевград, Универзитетско издателство, 2001; Зоран Тодоровски, Внатрешна македонска револуционерна организација 1924-1934, Скопје, Робз, 1997, стр. 107-121.

31 Stefan Troebst, Mussolini, Makedonien und die Mächte 1922-1930. Die “Innere Makedonische Revolutionäre Organisation” in der Südosteuropapolitik des faschistischen Italien, Cologne/Vienne, Böhlau, 1987; Idem, “Ivan Michajlov im türkischen und polnischen Exil 1934-1939/40. Fragmente zur politischen Biographie des Chefs der, ‘Inneren Makedonischen Revolutionären Organisation‘” и “Makedonischer Staat von Hitlers Gnaden? Ein nationalsozialistisches Staatsgründungsprojekt vom Sommer 1944” во Idem, Das makedonische Jahrhundert.

(продолжува)

Фотографии: Andrea Galvani

Превод од француски: Дарко Стојанов и Петар Тодоров

Извор: Чавдар Маринов, Македонското прашање од 1944 до денес; комунизмот и национализмот на Балканот. издавач: ФООМ, Скопје, 2013.

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото