Зградата „Папагал“ отстапена на членови на ДПМНЕ

07.02.2014 11:37
Зградата „Папагал“ отстапена на членови на ДПМНЕ

Скопје, 7 февруари 2014

Популарната зграда во центарот на Скопје позната под името „Папагал“ ќе им биде отстапена на истакнати членови на ДПМНЕ и новинарите кои најдобро ги повторуваат зборовите на премиерот.

Ваквата одлука е донесена со директен указ на Никола Груевски, кој смета дека суштествата кои знаат само да го повторуваат тоа што тој го кажал заслужуваат да се најдат во животна средина што најмногу им одговара и им е природна.

„Зградата е малку во ромски, а малку во албански стил, но тоа не ни пречи. Веројатно во близина на зградата ќе се врткаат Роми и Албанци, па тоа ќе биде одлична можност за потврда на супериорноста на нашата раса“, вели Нацимир Чистокрвски, еден од идните жители на зградата и член на раководството на ДПМНЕ.

Пратеникот Илија Спиновски објаснува дека прво имало отпор кај некои од новинарите и членовите на ДПМНЕ, кои веќе се приврзале за барокните и неокласицистички објекти, но откако премиерот им рекол дека треба да живеат во зградата „Папагал“, тие успешно го повториле тоа и почнале да се пакуваат.

„Лекцијата дека сме најстар народ на светот, научена со помош на велелепните објекти од Скопје 2014 е веќе апсолвирана. Сега треба да научиме дека сме супериорна раса“, изјави Илија Спиновски за Пара вести.

Тој ги повика припадниците на албанската и ромската етничка заедница кои се подготвени да се навредуваат самите себе, да се пријават кај претседателот на куќниот совет на зградата.