Осуда за инцидентот со новинарите во Ѓорче Петров

22.05.2014 14:34
Осуда за инцидентот со новинарите во Ѓорче Петров

Здружението на новинарите на Македонија најостро го осудува однесувањето на полициските службеници кон новинарите на НОВА, Слободна Европа и Фокус, Сашка Цветковска, Марија Митевска и Мери Јордановска, кои завчера известуваа од протестите во Ѓорче Петров.

Вршење притисок за бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречи новинарите да известуваат за настанот и се стави во улога на цензор кој решава што смее а што не да види македонската јавност.

Протестите секогаш се настани од јавен интерес и јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, дали има повредени, дали има уништување на јавен и приватен имот, но и дали евентуално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила.

Инцидентот уредно е пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР и ЗНМ очекува полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни. Со тоа ќе спречи во иднина да се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата.