ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда

05.07.2014 16:23
ТОЧКА НА ТОПЕЊЕ: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда

Отворање: 7 јули 2014 (понеделник), 20:30 ч.
Локација: Бул. „Св. Климент Охридски“, бр. 60А, Скопје,

Изложбата ќе биде отворена секој ден од 18-22 часот, до 12 јули (сабота)

Учествуваат: Виталиј Комар, ИРВИН, Сантијаго Сиера, Детекст (Раул Мартинез и Валентин Дучеа), Немања Цвијановиќ, Ибро Хасановиќ, Кристина Горовска и Јуре Лаврин, Инес Ефремова, Владимир Лукаш, Никола Узуновски, Филип Јовановски, Ѓорѓе Јовановиќ, Игор Тошевски, ОПА, Владимир Јанчевски

Во време кога се прават напори да се одржи идејата за плурализмот, радикалниот дисбаланс во односот на силите со кои располагаат различни поединци и групи претставува еден од основните проблеми при обидите за разрешување на различни конфликтни ситуации, особено во општества во кои на сцена стапуваат опции кои ја застапуваат и пропагираат неопходноста од беспоговорно заедништво и унификација.

Еден од главните концепти во политичката теорија на Антонио Грамши е токму хегемонијата и нејзините механизми. Успехот на доминантните класи во наметнувањето на нивните сопствени дефиниции за реалноста и нивниот поглед на светот како здраворазумски, врз сите останати, според Грамши, ја дефинира суштината на она што го нарекуваме хегемонија.

Несомнено е дека успешноста ваквото становиште де се наметне како единствен можен дискурс за перцепирање на светот, во голема мера се постигнува токму со моќта на пропагандата.

И покрај сета претпазливост со која многумина приоѓаат, станува сè појасно дека уметноста поседува важна политичка димензија. Уметноста, некогаш е орудие за одржувањето на дадениот симболички поредок, но често и како сила која активно учествува во рушењето и деконструкцијата на истиот.

Современиот уметник, кој е свесен дека неговата автономија е општествено условена, неизбежно се наоѓа во најусвитената зона.

Без оглед на тоа која стратегија ќе се одбере, на крајот се поставува прашањето: може ли уметникот да возврати на притисокот, да се обиде да ја одржи температурата на ниво на точката на топење и да се избори за својата позиција и неопходна состојба на ликвидност/флуидност?

Изложбата „Точка на топење: Уметноста како анти-хегемониска пропаганда“ ги истражува точките на преклопување на уметноста со пропагандните механизми, обидувајќи се истовремно да даде критички осврт кон ефектите што разни општествено-историски ситуации го имаат врз перцепирањето на релацијата уметност и политика.

Изложбата е збир од индивидуални рефлексии, критики и реакции на еднонасочните инструментализирачки механизми и централизираните културни политики, преку (зло)употреба на типичните стратегии на доминантните идеологии кои постојано се обидуваат да ги задржат и зацврстат своите позиции, како и улогата на уметноста во нивното омекнување.

Со оваа изложба Кооперација има чест да биде домаќин на неколку странски уметници со исклучително плодна и квалитетна продукција од меѓународно значење. Некои од нив првпат ќе бидат претставени на домашната публика. Во прилог Ви испраќаме кратка информација за нив.

Виталиј Комар е роден 1943 во Москва, а од 1978 година живее и работи во Њујорк. Тој е еден од основачите на Соц-арт движењето и еден од пионерите на т.н. мулти-стилистички постмодернизам. Комар е еден од главните протагонисти на легендарната „Булдожерска изложба“ од 1974 година. Создавал во соработка со неговиот долгогодишен пријател Александар Меламид до 2003 година. Значењето на делата на Комар е потврдено во сите релевантни прегледи на историјата на уметноста по 1960 година. Неговите дела се застапени во голем број значајни музеи во светот (Гугенхајм, Метрополитен, Витни, МоМА во Њујорк, Третјаковската галерија во Москва итн.).

Групата ИРВИН е основана во 1983 година во Љубљана и ја сочинуваат пет уметници од Словенија: Душан Мандиќ, Миран Мохар, Андреј Савски, Роман Уранјек и Борут Вогелник. ИРВИН, заедно со Laibach и Gledališče sester Scipion Nasice, е со-основач на организацијата NSK (Neue Slowenische Kunst) и на NSK State in Time. Нивните дела се базираат на концептот за „ретрогардизам“ кој подразбира рециклирање на симболи, слики, филозофски идеи од минатото, особено оние што биле употребувани од државниот апарат со цел да акумулираат моќ и да се одржат на власт. Изложувале на многу места во Европа и САД, и на манифестации како Манифеста, Венециското Биенале итн.

Сантијаго Сиера е еден од најпознатите и најпровокативните шпански уметници. Во своите дела тој често се фокусира на структурите на моќ кои делуваат во нашиот секојдневен живот. Неговите дела често се во тензија во реалација со гледачот, кој е изложен на она што може да се опише како формална и поетска артикулација на гласот на сите оние кои се вообичаено маргинализирани или обесправени.

Detext е уметнички колектив формиран од Валентин Дучеа и Раул Мартинез. Живеат и работат во Њујорк и во Берлин. Нивните дела биле изложувани во повеќе различни институции и биеналиња во Европа и во САД, вклучувајќи го и Greater New York на MoMA PS 1 и Apexart во Њујорк, St. Etienne биеналето, миланското триенале и International Roaming биеналето во Белград, Лондон и Техеран.

Немања Цвијановиќ е хрватски уметник кој дипломирал на Accademia di Belle Arti di Venezia, а магистрирал на l’Università di Architettura, I.U.A.V. во Венеција. Ги користи речиси сите медиуми и техники на визуелната и изведувачка уметност. Неговиот фокус е преиспитувањето и откривањето на механизмите на производство, манипулација и истрошувањето на значењата во пост-модерната култура и се базира на критичен став кон идеолошките и естетските вредности на модернистичката култура и општество.

Ибро Хасановиќ е босански уметник кој моментално живее и работи во Приштина. Студирал индустриски дизајн на Сараевската академија и современа уметност и филм во Le Fresnoy – Studio National des Arts Contemporains во Франција. Работи филмови, видео, фотографии и инсталации.

КООПЕРАЦИЈА се заблагодарува на Огнен Узуновски и екипата на клуб Сектор 909 за отстапениот простор.

Исто така, благодарност до:

PROMETEO GALLERY DI IDA PISANI

РЕАКТОР истражување во акција

Институт за социолошки и хуманистички науки

ЛОКОМОТИВА

Центар за современа уметност-Скопје

Групата ЅЕЕ и,

Галерија Остен

за позајмената/отстапената техничка опрема и поддршката.

ОкоБоли главаВицФото