Евреи и Арапи кои одбиваат да бидат непријатели

24.07.2014 10:00
Евреи и Арапи кои одбиваат да бидат непријатели

Бакнежот на новинарката со арапски корени Саломе Андерсон и нејзиното момче Евреин објавен на Твитер стана вирален.

Сликата зборува за љубов во време кога сите зборуваат за војна и е дел од медиумската кампања покрената во Њујорк со наслов „Евреите и Арапите одбиваат да бидат непријатели“. Кампањата инспирираше стотици одговори од целиот свет, дури и во моментите на ескалација на судирите помеѓу Израел и Палестина.

„Сè се сведува на тоа дека ние се сакаме. Не станува збор за тоа дали некој е Арап или Евреин. Тој ме смее и се чувствувам сигурно кога сум со него. Тоа е она што е важно“, вели Андерсон.

Таа признава дека првите неколку месеци со нејзиното момче Џереми било напнато. Често се расправале за политика. Имено, тој доаѓа од ортодоксно еврејско семејство и има двојно израелско-американско државјанство. Таа е половина Либанка и го поминува времето на релација Њујорк-Бејрут. Семејството на Џереми ја поддржува израелската влада, а нејзиното сочувствува со палестинскиот народ.

Таткото на Саломе, новинарот Тери Андерсон, седум години бил држен во заробеништво од милитантна група која подоцна станала Хезболах, така што е запознаена со страдањето кое го носи војната.

Бројот на кавги меѓу нив се намалувал со порастот на бројот на жртви на двете страни.

По објавата на бакнежот, Саломе заработила бројни критики од страна на про-Палестинците. Меѓутоа, и понатаму стопроцентно стои зад својата порака за мир. „И понатаму не се согласуваме околу сè, но најдовме начин да комуницираме без лутина“, вели Андерсон.

Тоа и била мисијата на студентите кои стојат зад наведената кампања. Абрахам Гутман (23) и Данија Дарвиш (21) знаат дека е потребно многу повеќе од хаштаг за мир на Блискиот Исток. Во нивната кампања повеќе станува збор за промена на тонот на разговорите.

Дарвиш има сириско потекло, а Гутман е Израелец од Тел Авив. Блиските пријатели ги растажил фактот дека на нивните социјални медиуми има сè повеќе омраза.

Тие велат дека сакаат да придонесат за создавање заемна почит. Кога со објава на своите фотографии ја стартувале фејсбук групата, почнале да пристигнуваат слики од целиот свет. Страницата сега ја следат повеќе од 5.000 луѓе.

„Не сме дипломати, немаме решение за судирот. Но, она што можеме да го направиме е да создадеме платформа на која луѓето можат да расправаат за различни политички идеи без да поттикнуваат омраза.“

Извор: Mashable

ОкоБоли главаВицФото