Поддршка од ЕВФ во врска со законот за задолжителна велосипедска кацига

06.10.2014 11:00
Поддршка од ЕВФ во врска со законот за задолжителна велосипедска кацига

На барање на НаТочак, ЕВФ пиша писмо за поддршка на нашиот обид да го спречиме донесувањето на оваа законска измена, адресирано до секој министер лично од релевантните министерства: Министерство за транспорт и врски (Миле Јанакиески), Министерство за здравство (Никола Тодоров) и Министерсвто за внатрешни работи (Гордана Јанкулоска), како и до Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Подолу е интегралниот текст од писмото кое овие институции го добија од ЕВФ по електронска пошта.

Писмото ги потенцира некои од најголемите проблеми поврзани со легислативата за задолжителност на велосипедска кацига.

ECF
Европска велосипедска федерација

Брисел, 3 октомври 2014

Реакција во врска со иницијативата за законски задолжително носење кациги за велосипедистите

Почитуван Министре,

Замолени сме од страна на „НаТочак“ да Ви се обратиме во врска со иницијативата на Вашата администрација за законски задолжително носење кациги за велосипедистите. Би сакале да Ви го изнесеме ставот на Европската велосипедска федерација поддржувајќи ја организацијата „НаТочак“ во однос на прашањето и законската регулатива за носењето кациги за велосипедистите.

Законска регулатива за кацигите

Европската велосипедска федерација е категорично против тоа сите велосипедисти да бидат принудени да носат кациги. Единствената потврдена последица на законите за задолжително несење кациги е значително намалување на бројот на велосипедистите. Се покажа дека намалувањето на бројот на велосипедистите го зголемува ризикот за секој поединечен велосипедист. Велосипедистите по правило живеат подолго и поздраво; сериозни повреди на главата кај нив се ретки, а аргументите во прилог на носењето кациги и законите за кациги се слаби. Главниот ефект на законите за кациги не е зголемување на безбедноста на велосипедистите, туку обесхрабрување на луѓето да возат велосипед, со што се поткопува здравствената и друга корист.

ECF се залага за унапредување на возењето велосипед и на безбедноста на патиштата и затоа е против законската регулатива за задолжително носење кациги, од следните причини:

• Во земјите каде што се воведени мерки за задолжително носење кациги вообичаено доаѓа до намалување на бројот на велосипедистите од 20-30%.

• Поради огромната корист од секојдневното возење велосипед за здравјето, секаква интервенција од аспект на безбедноста на патиштата што го намалува или негативно влијае врз бројот на велосипедистите секогаш доведува до штета по јавното здравје, токму спротивно од целите на таа интервенција (de Jong 2012).

• Разни студии покажуваат дека во земјите каде што се поттикнува возењето велосипед и каде што има голем број луѓе кои одат на работа со велосипед се забележува „безбедност поради многубројноста“ (т.е. колку е поголем бројот на велосипедистите – толку е поголема безбедноста за секој поединечен велосипедист). На тој начин, со намалувањето на бројот на велосипедистите поради законската регулатива за задолжително носење кациги, се зголемува ризикот за преостанатите велосипедисти (Jacobsen 2003).

• Законите за задолжително носење кациги го обесхрабруваат возењето велосипед прикажувајќи го како абнормално опасно, иако податоците потврдуваат дека веројатноста да загинете возејќи велосипед е помала отколку ако го поминете истото растојание одејќи пеш (Wardlaw 2002).

• Помала е веројатноста од повреда на главата кај велосипедист отколку кај повреден пешак или човек што се вози во кола (ONISR 2005).

• Велосипедските кациги се предвидени само да штитат од помали удари и контакти, а не од судир со моторни возила; ова јасно може да се види од стандардите на ЕУ.

• Земјите во кои се воведени закони за задолжително носење кациги не успеаја да ги намалат стапките на повреди на главата и покрај зголемувањето на стапките на носење кацига (Cameron, Heiman and Neiger, 1992; Smith and Milthorpe, 1993; Scuffham and Langley, 1997).

Подобри мерки за безбедност

Ја повикуваме Вашата администрација да се фокусира на успешно докажани мерки за унапредување на возењето велосипед и за доброто на велосипедистите, на пример:

• Намалување на брзината. Ова е еден од најдобрите начини за намалување на бројот на жртвите меѓу велосипедистите (и другите корисници на патиштата). Прекумерната брзина е директно одговорна една петтина од сите судири и една третина од сите смртни случаи на патиштата. Се проценува дека намалувањето на просечната брзина на сообраќајот од 10% доведува до намалување од 37,8% во бројот на смртните случаи (Elvik, R et al, 2004). За споредба, се проценува дека намалувањето од 10% на „возењето ноќе“ или „возењето под дејство на алкохол“ доведува до намалување на бројот на смртните случаи од 1,7%, односно 1,0%.

• Издвоена инфраструктура. Онаму каде што не може да се намали брзината или обемот на сообраќајот, велосипедистите треба физички да се одделат од сообраќајот на моторни возила. Постојат голем број добри примери за планирање на инфраструктурата во целиот свет, на пример во земји како што се Холандија, Данска или Германија.

Заклучок

• Носењето кацига не треба да биде задолжително; велосипедистите треба да имаат право на избор дали ќе носат кацига или не. Забраната за возење велосипед без кацига секогаш ќе има лоши последици во однос на јавното здравје.

• Постојат многу подобри интервенции од задолжителното носење кациги преку законска регулатива. Најважна меѓу нив е намалувањето на брзината на моторните возила.


Д-р Бернхард Енсинк
Генерален секретар,

Европска велосипедска федерација

Извор: natochak.blogspot.com