Приклучи се или молчи?!

15.11.2014 11:37
Приклучи се или молчи?!

Ако пред неколку месеци ме иритираше повикот на Милчин да престанат кујните во опозицискиот кампус, сега подеднакво ми пречи повикот што го упати Едмонд Адеми за наводно новата акциона парола на СДСМ – Приклучи се или молчи!

Јас ќе се држам настрана од двете страни кои лажно се претставуваат како претставници на сите, односно носители на сè. Тешки времиња се да си настрана денес, летаат шамари, фракционер си, идеолошки непријател, расколник, играч за спротивставената страна, наспроти сите оние кои, наводно, обединето се борат против злото од другата страна. Приклучи се или молчи, или молчи и приклучи се, тоа е мотото на наводно добрата страна, во име на нивната желба „сите да бидат како нив, а они демек да бидат како сите“.

Сепак, денес е важно да се биде настрана, односно, понастрана од оние кои лажно се претставуваат дека се носители на вредности и идеи кои наводно сите ги споделуваат. Знаете, власта таа тоталитарна и лажна идеја веќе ја продаде, сега и оваа опозиција, како и во сè друго е осудена да ја имитира. Значи, и јас бирам страна, бранејќи ги интересите на оние кои мислам дека се од моја страна, на сите навредувани, отпишани, осиромашени слободоумници, наспроти тесните интереси на вашите страни, поради кои под името на ДПМНЕ или на реакционерска опозиција, глумите дека им припаѓаат на сите.

Со други зборови, по години на диктатура на привидно општото, на универзалното, на националното и државното, од страна на ДПМНЕ, сега и некои јаничари на СДСМ се обидуваат да ги сокријат своите интереси зад повици и тврдења дека и тие се борат за универзалното и општото. ДПМНЕ не владее универзално, не е нешто наднационално, туку нешто најпосебно и арбитрарно, најолигархиско и најпартиско на овој свет, значи нешто најтесно, кое глуми, односно купува инклузивност, кога всушност само прави поделби и ексклузивност. Истото, го прави стиропор опозицијата, патријархалниот невладин сектор и некои персони, кои затскривајќи ги нивните вистински, најчесто овоземски и ниски, посебни интереси, се продаваат како лажна универзалност или нејзини застапници, како борци за правата и демократијата, како дел од сите, како целина, кога во реалноста само посакуваат унилатерална узурпација, односно, да бидат делчето кое скришно ќе завладее со сè и со сите.

И Хегел ќе забележи: „вистината е во целината“, но под услов да сфатиме како целината се реализира. Сакаме сè, но како тоа го посакуваме?! На Хегел никогаш не му пречела одбраната страна, напротив, му пречи измамата на страната, затоа што делчето треба да го одработи својот дел, односно, да дејствува во името на општата цел. Тоа не може да се случи, кога делчето, страната, е носител на вината, па тајно посакува да присвои сè за себе.

Ете, тоа што е иритира е таа лажност, маскирај се зад сите, зад збирот, зад толпата, не за да ја водиш кон нејзиното ослободување, туку кон твојата лична, посебна корист.

Гледате, не можам да избегам од директноста, што пак е симптом на мојата огорченост и разочараност. Јас работам и сакам градење на заедници и заедништво, но ова што вие го правите е сосема спротивното.

Да, да, дојди од оваа страна, од страна на оние против Груевски, тука се позиционирани сите останати. Вие од страна – мукла, да молчите, оти ќе ве сместиме од страната на Груевски. Инаку, нè има многу, секој ден растат нашите бројки, растеме, кај да е ќе експлодираме! И имаме многу различни мислења, но приморани сме да ги потиснеме, да поедноставиме малку, знаете, за доброто на сите. Меѓу нас редовно си ги потврдуваме ставовите, секојдневно си се уверуваме во нашата стратегиска мисла во која најмногу ни треба да се убедиме: дека најдобриот свет е оној нашиот, дека тој навистина наликува на нас и на нашите постапки и, се разбира, дека нашите постапки се исправни. Имаме големи интелектуалци кои се со нас, нè уверуваат, ни велат дека сме оние вистинските и дека носиме исправни одлуки, иако работите одат во друга насока, иако мнозинството луѓе гласаат за другите, но, знаете, другите крадат, и ние не треба да се секираме: другите грешат и кога тогаш ќе сфатат, ќе видат и ќе се вратат кај нас. Направивме неколку портали по наша мерка, имаме и по некој весник по наша мерка, правиме дури и настани и трибини по наша мерка, чекаме и филм по наша мерка, сите тука ни велат дека не грешиме, дека сме ептен сплотени и така треба да продолжиме. Никој до сега тука не искажал сомнеж за нашите идеи, ниту се прашал дали нешто не чини, зошто, на пример, туѓи ставови и идеи подобро поминуваат од нашите. А, што ќе ни е да разбереме што навистина му треба на овој народ, што ли прави, што слабости има, кога кријат квалитети кои ние не ги препознаваме, само ги посакуваме за нас. Убедени сме дека светот е црно-бел, дека е поделен на два дела кои и обата мислат дека цело е кога има сè, но ете, поради низа несреќни коинциденции, мнозинството и понатаму е слепо и гледа кон грешните. Но, набрзо, мошне брзо, сè ќе се смени.

Ете, денес, проблемот не е во постоењето на две страни, на една глупа дихотомија, анахроно и несоодветно поделени како левица и десница, туку имаме власт која владее со лажното „сите“ додека држи „сè “, и опозицијата која умира за таа лажга некој да ја купи и од нејзе. И како може, некој што толку провидно имитира, што сака сите да го слушаат, што мисли дека со „бомби“ и пиротехнички ефекти се менува власта, да биде препознаен како различен, како може воопшто нешто да смени во оваа земја?! Вие сте апостериори потврдата на априори заблудата, дека сите се исти.

Денес е доблест да си настрана, марка за квалитет, чин на вистински патриотизам и саможртвување. Тој од страна денес се валка себеси, се троши себеси, се бори и за останатите, додека вие „сите“ си ги чувате газињата и си профитирате од наводната обединета, сплотена борба за сите. Повикувате лажно индивидуи да ви се приклучат за потоа да ги претворите во персони или апаратчици. Вам таа мимикрија ви треба заради кукавичлукот, поради вашиот првичен грев на абдикација од одговорноста на која Сартр ги осудува луѓето и пред сè интелектуалците: обврската „да се вмешате во тоа што не се однесува на вас“. Ама, тоа не е наша работа?! Сартр би рекол, пa процесот против Калас беше ли работа на Волтер? Осудата на Драјфус, беше ли работа на Зола? Раководењето со Конго, беше ли работа на Жид?! Е, драги опозиционери, кога ќе сфатите дека сите гревови во оваа земја не поминуваат со зборови, туку со вистинска борба и преземање одговорност, ќе сфатите дека само сите проблеми и сите судбини, се ваша работа, а не ваша декларација или перверзна сопственост.

Како пееше Интернационалата, повикувајќи се на целината, свесно се брани личното право напостоење по страна: le monde va changer de base/ nous ne sommes rien, soyons tout! (Светот ќе се промени од основа/ Ние што не сме ништо, да бидеме сè!)

Оној што е „настрана“ денес има храброст да ви каже, не сте за мене и не сте мои, и тоа е прашање на фактичка реалност, а не некаква ескапистичка, романтичарска позиција. Вие сте за сите кои мислат дека им требаат „сите“, за да си бидат комотни тие самите. И немајте никаков сомнеж, не сме на иста страна, јас не сум со сите вас, зашто вашата страна и вашите „сите“ се исти како оние на власта. Со крајниот негативен резултат по вас, да не знаете кај сте и по кој пат, да не речам пак страна, навистина да фатите.

Вашите лажни генерализации, насилно бараната согласност и консензус може да ги примамат само оние кои „сакаат да бидат како сите“, додека им се превртува стомакот на оние кои сакаат да бидат настрана, со својата страна, верувајќи дека и неколку слободни, независни луѓе се помоќни од сите тие припитомени папагали кои гракаат дека има место за сите, продавајќи ни една лигава, демократска неслобода. Од страна има повеќе луѓе, верувајте, неформална е таа страна, нема еден глас, можеби нема никогаш ни да го добие, но е страна која се обидува да замисли нешто повеќе од својата лична судбина и интереси. Можеби затоа што е свесна дека нема повеќе што да се изгуби.

Убавината на оној кој е „настрана“ е што не сака да биде како сите, гледајќи дека многумина се како него. Убавото е што навистина сака црвени знамиња и стиснати тупаници, таму каде други извадија розови очила и сè уште не ги симнаа. Убавото е што сето свое сивило и депресија ќе го изнесе пред сите вас среќни и смртно досадни во потрага по вашите кариери и парички за флипери. Смртно сте досадни сите вие, иако свесни дека имате свет за менување и поредок за рушење, смирено си ги перпетуирате вашите импотентни овации кон моќта, тажни ерекции за скромни чинови, мали куриња со прерани ејакулации. Требаше воопшто да не се соблекувате пред сите, но ете, веќе разголени, ништо не ја сокрива вашата фалична природа.

Мојата лична среќа е што навистина никој не може да каже дека „сме од иста страна“.

Опозицијата мора да разбере дека во потрагата по вистинска стратегија за алтернатива и во остварувањето на најважната задача – обединувањето на опозицискиот фронт, потребна е широчина, отвореност, умност и храброст. Алтернативата не се создава со имитирање на лажната парадигма која ДПМНЕ ни ја наметна.

Извор: www.plostad.com.mk
Слики: Свирачиња