1023 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 10:41
Од утре, на таксистот, кој како и вообичаено ќе ти каже дека „сите политичари се исти“, ќе биде малку потешко убедливо да му се реплицира. Потешко од порано, потешко од кога било. Што да прави чесен човек ако не сака да биде дел од тој „лесен“ хор? Ќе молчи? Или ќе критикува и тој?
Искрено, јас којшто тврдев дека опозицијата е мртва, смешно е да ја враќам во живот со критики. Но, кога нешто што било опозиција, по илјадити пат ќе се потврди дека ги следи и застапува идеите на ДПМНЕ, додека во исто време блефира некаков си пркос и борба за демократија, тогаш тоа не е само мртовец кој се превртува - тоа е заразно зомби.
Два потега последниве неколку недели: продорот на Боемштината и Стиропор-опозицијата која монденски се однесува во кич храмовите и симболите на корупцијата на режимот, не се едноставно само гафови. Не! Тоа е доказ дека тие луѓе се дел од една иста општествено-културолошка парадигма. И ова не го кажувам само јас, ова пред сè го коментираат луѓе кои симпатизираат со опозицијата.
Ако пораката што сакаа да ја испратат е дека и во услови на режим може да се ужива, да се слави животот или личното богатство, тогаш ја остварија целта. Ако целта беше да се погазат пркосот и симболиката што опозицијата ги градеше со години, иста така, се успеа. Но, тоа нема никаква врска со декларираната борба, со желбите и потребите на луѓето кои се опозициски настроени или страдаат од мизеријата на режимот.
Никој во ова општество поклопено од криминалот и корупцијата на режимот, притоа со неверојатно ниска стапка на јавна етика, не само на политичката класа, туку и на целото општествено јадро, не мисли дека добриот вкус, здравите идеи, легалитетот, ќе тримфираат како во сериите на Зоро. Но барем обидете се, прво да ги имате, а потоа и да бидете кохерентни - вие што ветувате дека ќе ја смените Македонија.
Држењето до статус-кво позиции, негирањето на анкети, барањето отчети од власта, кога таа има со што да ви возврати, е само корисно за лично одржување како квази-опозиција или опозициска парадигма на режимот. Крајно време е некој да си признае, бидејќи никого повеќе не го лажат илузиите дека корупцијата, криминалот, нетранспартеноста, непотизмот, медиумската доминација, со еден збор режимот, може да се сведе на физиолошки прифатливи нивоа по некој легален пат или по пат на преговори и договори. Тоа се само блефови.
Поискрено е да кажеш дека се нема капацитет, и кај народот и кај „критичната“ маса, дека ќе чекаме тотален потоп, отколку да продаваш приказна дека со неостварливи продемократски зафати ќе ги смениш состојбата и режимот. Овде помагаат само структурални револуции, во смисла на Маркс, и ако тие не успеваат, или се невозможни, тогаш не го лажи овој кутар народ дека со трауматични редистрибуции и наводни промени на политичката гарда нешто ќе се смени. Не знаете тоа да го покажете како „опозиција“, како ли ќе знаете кога би биле власт?! Но, највеќе од сè, престанете да се однесувате како лоша копија на оригиналот.
Конечно, повеќе од каква било револуција или некаков раштракан бунт, највеќе плаши оваа тишина, ова немање сидро, оваа бескрајна депресија која го следи нашето бавно и неизбежно пропаѓање.
Инаку, само по себе, проблемот не е ниту во стиропорот, ниту во боемштината. Најголемиот непријател драги опозиционери е во огледалото!
Слика: Свирачиња
Извор: Фејсбук статус на авторот