Последните исцедоци на вмровската менструација!

18.04.2016 02:06
Последните исцедоци на вмровската менструација!

Вмро е циклус! Менструација! Еднократно чистење! Болно чистење на Историјата! Течност што нацијата ја валка. Меѓу нозете. Редок пуцвал во главата. Крилца без влошки. Загубена слобода. На движењето. Шлајфување во плитката кал на времето. Точка од која се мери смирувањето. И новите гаќи. На нацијата. Животот што продолжува. Во радост и хармонија. Што друго е вмро!?

Ништо што наумило да биде сè! Парада на кичот и пијанството! Приказна што ги тероризира децата. Страст без супстанца. Секс без пенетрација. Јазик без бакнеж. Автобуски дивизии. Хипнотизирани жени. И млади сили. Обездржавеност. Ненормалност. Сали за орденски процесии. Пиво без Ѕвеки. Наполеон без Жозефина. И без Полјакинката, како се викаше, заборавам. Пуканки без филм. И женско колено.

Вмро е глупомер! Инструмент што му го покажува на Македонецот дефицитот. На памет. И колку уште има од имотот што му го потрошиле. И од виното што му го испиле. Блесок што го убива како ѓавол. Срам во куќата. Срам за Европа! Но, на крајот на краиштата е - крајот. Ова се последните исцедоци! Мртвите јајца излегуваат. Готово е! Какви избори!?

Меѓународната заедница работи според застарени протоколи што не се во состојба да ја препознаат вистинската природа на болеста што го истоштува македонскиот организам. Интервенираат со „форвекси“ и „колдрекси“, засилени со по 1.000 милиграма витамин „це“ на секои осум часа, но се покажува дека Македонија не реагира односно дека е совршено резистентна на таа терапија. Тоа значи дека или грипот што тие го лечат не е обичен, односно дека е нилски, вардарски, можеби, свински, птичји, историски, културен, вмровски... или дека воопшто не е грип.

Прво: тоа што се нарекува политичка криза е само симптом на напреднатите процеси на систематското разградување на државата и општеството, како многу сериозен потфат и врвна историска мисија што ѝ е доделена на Внатрешната македонска револуционерна организација. Метастазите не можат да се лечат со парацетамоли. Добро, можеби, не можат да се излечат никако, но ако ништо друго, задолжително е да се применат протоколите за канцерот, а не протоколите за грипот. Со Абдеслам не можете да ги решавате работите така што ќе го поканите на концерт во Кралскиот театар во Брисел!

Второ, злосторничкото здружување на власта не ги организира изборите за да ја извади земјата од политичката криза, туку за да се извади себеси од одговорноста за тешките криминали, односно, за да го бетонира нивото на кое се искачиле во играта против Македонија и тоа ниво да го претворат во платформа за истите операции и поведенија што и доведоа до тоа што, сосема неточно, се нарекува политичка криза. Тие сакаат да ја наметнат народната арбитрарност, што можат да ја купат со нејзините пари, над правниот критериум во третирањето на сопственото зло, што не е само напор да се заборават досегашните злодела, туку е и барање тие злодела да се прикажат како спектакуларно добро и врз основа на тоа да се добие аусвајс, во уште пострашна форма да можат да ги продолжат.

Проблемите со избирачкиот список и медиумите се стварни, но приказната за нив е лажна. Според тоа, приказната за изборите е лажна затоа што на тој процес му се доделува мисија што тој не може да ја оствари. Како на Дибаба да ѝ се тури улога да се тепа со Холифилд. Со организација што без срам и перде и страв, на сто метри од амбасадите на САД и на ЕУ си изгради таква монструозна зградурина каква што си изгради, нема преговори. Затоа што тоа чудовиште е дијагноза. Нема ни избори. Со организација што си го изгради својот свет од бајките на бесправно одземеното земјиште на сите луѓе во Македонија, нема преговори. И нема избори. Со организација што пред очите на светот десет години моронизира еден питом народ, нема преговори. И нема избори. Со организацијата на балканскиот Моленбек, нема преговори.

Но, бидејќи и покрај сè, преговори има, тоа значи дека продолжува фестивалот, да не речеме маскенбалот, продолжува забавата во која таканаречените политички претставници на Македонија и на меѓународната заедница се надеваат дека нема да си се откријат самите на себе како будали. Сите се надеваат дека политичката корупција во која се разменуваат принципите за краткотрајните користи во фирма на значења, функции и пари, може да даде резултати.

Можеби и може, не сум сигурен. Но, она во што сум сигурен дека ќе даде резултати, тоа е заострувањето на конфликтот меѓу нормалноста и лудоста, не меѓу СДСМ и ВМРО, туку меѓу нормалноста и лудоста, елемент што го демонстрираше Заев кога соопшти дека опозицијата што ја раководи нема да учествува на криминални избори за легитимација на криминалната власт, и менталното кондиционирање на нормалноста до ниво на кое не може да се уценува со парадите за стабилноста, за државата, дури за животот, кондиција што ја прави нормалноста опасна со тоа што станува свесна дека нема што да загуби, а може да добие сè.

Кога така ќе се соголат работите, ќе се види дека нема ниту може да има смисла меѓународната заедница да преговара со СДСМ, уште помалку, пак, да врши притисок врз СДСМ. Заев треба да одбие да преговара. Во сегашниот формат на преговорите. Тоа е многу важно. Не гледам дека има смисла да се преговара и со ВМРО надвор од техниките со кои би се повлекле од власта и олеснителните околности на кои можат да сметаат ако се покажат кооперативни.

Ние не бараме избори, ниту со чисти, ниту со нечисти списоци, ниту со балансирани, ниту со небалансирани медиуми, ние се бориме за слободна, демократска и правна Македонија, во која изборите нема да бидат тема, туку ќе бидат нормален процес.

Опозицијата мора да излезе од филмот на преговорите и таканаречените напори за организирање на фер и демократски избори во една заробена држава што самата себеси нема да се доведува во прашање! Оти изборите се обид на заробената држава да остане заробена.

Поразот на ВМРО е во тоа што успеа да го кондиционира општеството до тоа ниво против себе не како форма на политичка артикулација, туку како форма на лудост. Не смееме да му дозволиме да ни се камуфлира и да ни се врати како одглумена нормалност на некакви избори. По секоја цена! Темите за високите цени ја спуштаат нашата вредност! Заев го направи првиот чекор.

Но, во декларацијата за обединување мора да ги пробие плитките хоризонти што му ги означуваат габаритите на Груевски. Злото во Македонија има друго име. Груевски е само етикета. И покрај сите критики, останувам со добра верба во намерите на меѓународната заедница. Со надеж дека нема повеќе да си дозволи да ја заебава една банда балкански лудаци. Дури и корупција да е во прашање, мора да се има повеќе стил.

Работите се движат во добра насока. Тоа што на патетичниот македонски дух и на рутинизираната меѓународна заедница не им се чини така, така е. Уствари, прв знак дека се движиме во добра насока е кога светот ќе ни јави дека треба да закочиме. Сè што бараме од светот е парадата да ја замени со третман на стварноста однoсно да се соочи со вистината дека дозволил во Македонија да се инсталира тоа што Багдади може да сонува да го инсталира на Левантот!

Извор: Слободен печат
Слики: