Хотел Валдхаус

06.01.2015 13:50
Хотел Валдхаус

Лична навреда

Двајца филозофи за кои беа напишани повеќе текстови отколку што тие самите имаа објавено и кои се немале видено со децении, еден ден се сретнале токму во куќата на Гете во Вајмар, во која, се разбира, допатувале одвоено и од спротивен правец, единствено со цел подобро да ги запознаат животните навики на Гете, што и на двајцата, бидејќи било зима и било прилично студено, им претставувало голем проблем, си ја искажале, при оваа неочекувана и за двајцата навистина непријатна средба, заемната почит и восхитување и си ветиле еден на друг дека секој од нив, штом ќе стигне дома, ќе се задлабочи во ракописите на својот колега, со интензитет кој е соодветен и достоен за овие ракописи. Но, кога едниот од нив кажал дека во весникот што го сметал за најдобар ќе напише извештај за нивната средба во куќата на Гете во Вајмар, се разбира во форма на филозофски есеј, другиот во истиот момент се спротивставил, оценувајќи ја намерата на својот колега како лична навреда.

Утрински воз

Седејќи во утринскиот воз погледнуваме низ прозорецот токму кога минуваме крај клисурата во која, пред петнаесет години, падна групата ученици со која тргнавме на екскурзија кај водопадот и помислуваме како нас нè спасија, а другите засекогаш ги изгубија животите. Учителката која ја водеше групата на водопадот се обеси непосредно откако покраинскиот суд на Салцбург ја осуди на осум години робија. Кога возот го минува местото, помеѓу криците на групата ги слушаме и сопствените крици.

Хотел Валдхаус

Немавме среќа со времето, а и гостите на нашата маса беа одвратни во секоја смисла. Дури и Ниче ни се смачи поради нив. Дури и кога загинаа со автомобилот и кога телата им беа изложени во црквата во Силс, ние сè уште ги мразевме.

Најуспешен концерт

Едно таканаречено Здружение за камерна музика, познато по тоа дека свирело само стара музика, и тоа само на стари изворни инструменти, и кое на својата програма ги имало само Росини, Фрескобалди, Вивалди и Перголези, свирело во еден стар замок на Атерзее и го постигнало најголемиот успех од своето постоење. Аплаузот престанал дури тогаш кога на здружението не му останала ниту една нумера на програмата. Дури следниот ден на музичарите им било откриено дека свиреле во Заводот за глувонеми лица.

Тврдење

Еден човек од Аугсбург бил однесен во аугсбуршката лудница само зашто целиот свој живот, во секоја пригода тврдел дека последните зборови на Гете биле ,,не повеќе!/mehr nicht!/“, а не „повеќе светло!/mehr licht“, што луѓето кои доаѓале во контакт со него, со тек на време, почнало толку да ги нервира што се собрале за да го издејствуваат неговото сместување во лудница. Шест лекари се спротивставиле да го примат овој жител на Аугсбург кој вака несреќно бил опседнат со своето тврдење, додека седмиот веднаш му издал упат. Овој лекар, како што дознав од Франкфуртер алгемајне цајтунг, бил одликуван со плакета на Гете на градот Франкфурт.

Продолжување

Во окружниот суд во Велз една жена којашто претходно била казнувана четириесет и осум пати и која претседателот на судот, веднаш по отворањето на нејзиното, како што пишува Велзер Цајтунг, засега последно судење, ја нарекол крадливата старица која му е добро позната на судот, сега била обвинета за кражба на еден монокл кој неа воопшто не можел да ѝ користи, а кој го украла од неодамна почината посетителка на операта која со години не можела да оди и не ја посетувала операта, па од тие причини веќе не го користела моноклот, а веќе го имала и заборавено, како што произлегло од судењето, сакала казната од три месеци затвор да ја продолжи за уште шест, па затоа, откако претседателот на судот ја изрекол пресудата, му удрила шлаканица. Рекла дека се надевала дека ќе добие барем девет месеци затвор, бидејќи веќе не можела да издржи на слобода.

Фалш

Велат дека во белгискиот град Бриж пред двесте години на едно момче од хорот му била отсечена главата бидејќи на мисата изведена пред целиот кралски двор во катедралата на Бриж еден тон отпеало фалш. Имено, поради тонот што момчето од хорот го испеало погрешно кралицата паднала во бессознание и до смртта веќе не се разбудила. Кралот се заколнал дека ако кралицата не се освести, тој ќе нареди да им се отсечат главите не само на виновното момче од хорот од Бриж, туку и на сите останати момчиња од хорот, па и на органистот на катедралата, што и го сторил, откако кралицата веќе не се разбудила од своето бессознание и починала. Со векови во Бриж не се изведувале музички миси.

Џин

На гробиштата во Еликсхаузен работниците, чија задача била да направат гробница за починатиот сопственик на продавницата за сирење, на длабочина од само седумдесет и пет сантиметри ископале скелет на човек кој бил долг два метра и седумдесет и четири сантиметри и кој веројатно тука бил закопан пред сто и педесет години. Во Еликсхаузен, колку што се памети, отсекогаш живееле само ниски луѓе.

Две ливчиња

Во Универзитетската библиотека во Салцбург библиотекарот се обесил на големиот лустер во големата читална бидејќи, како што пишува во ливчето што го оставил, по дваесет години стаж веќе не можел да поднесе да реди и да издава книги напишани само за да направат зло, што се однесувало на сите некогаш напишани книги. Тоа ме потсети на братот на дедо ми кој беше локален ловџија во Алтентан кај Хендорф и кој се уби на врвот на Цифанкен бидејќи повеќе не можеше да ја поднесе несреќата на луѓето. И тој ова свое сознание го беше напишал на ливче.

Неисполнета желба

Една жена во Ацбах била убиена од својот маж затоа што од запалената куќа го спасила, според него, погрешното дете. Имено, таа не го спасила осумгодишниот син со кој нејзиниот маж планирал нешто посебно, туку ќерката која мажот ѝ не ја сакал. Кога пред окружниот суд во Велз го прашале што планирал со својот син, кој целосно изгорел во пожарот, мажот одговорил дека сакал од него да направи анархист и масовен убиец кој ќе ја уништи диктатурата, што значи и државата.

Извор: Имитатор на гласови, Темплум, Скопје, 2008.
Слики: Elicia Edijanto

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото