Политичката контаминација на ликовниот простор на Загреб

18.02.2010 12:58
Majka-Tereza.JPG

Загрепскиот споменик на Људевит Гај е поставен во април 2008 година во пешачката зона на Гајевата улица, на просторот пред хотелот Дубровник. Оваа ликовна грдотија беше толку лоша што после еден месец првичниот бел постамент се замени со потемен и понизок, а самиот споменик е пребоен и поместен два метри појужно, што ја намали катастрофата, но не го реши проблемот кој притоа двапати е платен со јавни пари. На локацијата Гај е поставен во однос на двете блиски скулптури кои не се само неспоредливо подобри, туку, иако значително постари, изгледаат посовремено од новиот Гај. Во актуелната констелација на политичката моќ во градот, бистата на Гај нема да биде отстранета од сегашната локација, но во иднина тоа сигурно ќе се случи. Во меѓувреме таа биста Загреб го претставува како заостаната средина. Повторно се постави барање за нејзино отстранување, кога како последица на вандалски чин беше оштетена, па тргната за да биде обновена. Споменикот на Гај е исклучително лош споменик, слабо мајсторско дело, а освен тоа погрешно ориентиран и сместен на целосно промашена локација; како таков тој на концизен начин ја прикажува целата проблематика на пристапот и практиките на доминантната споменичка пластика во Загреб (и Хрватска) од деведесеттите до денес.

Првиот и темелен проблем е целосната импровизација при поставувањето на спомениците. Наместо стручен избор не само на личностите или на настаните, на авторите и на конкретното дело, како и на локацијата за секој споменик, станува збор за однапред донесени политички одлуки кои целосно ја игнорираат фелата или ја користат само како алиби. Вториот, изразито зачестен феномен е инсистирањето спомениците да се сместуваат во најстрогиот центар на градот и тоа на јавни површини кои речиси по правило се наречени во чест на оние на кои им се подигнува споменикот. Примери за ова се спомениците на Грго Мартиќ, Марко Марулиќ, Ѓуро Дежелиќ (кој е вратен на локацијата каде што изворно стоеше, а која значително е изменета од времето кога тој првично беше наместен), Јожеф Антал, Никола Тесла, Дражен Петровиќ, Августин Кажотиќ и споменикот на Гај. Ниеден не е поставен успешно. Инсистирањето да се постават споменици во улиците или плоштадите во чија чест се именувани е грешка од првиот момент бидејќи за секој јавен споменик е важен карактерот на просторот и складот на целината. Ако некоја улица е именувана според некој, тоа не значи дека е соодветна токму таму да биде сместен споменик на таа личност.

Третиот проблем е ликовниот израз. Проблемот на буквалното во јавните споменици одамна требаше да биде надминат. Во Загреб тоа се случува уште кон крајот на педесеттите со првиот апстрактен јавен споменик, оној на Душан Џамоња во Дубрава, а половина век подоцна загрепската стварност не само што не е излечена, туку станува збор за огромна епидемија. Притоа важно е да се каже дека самата фигурација не мора нужно да биде проблем доколку се интерпретира на современ начин, но тие примери се исклучок во новата загрепска практика која трупа невкусни споменици. Четврто, најголемиот проблем во споменичката пластика лежи во профилот на нарачителот и во политичката моќ која го има последниот збор – најчесто градската управа која ги одобрува или сама ги поставува спомениците. Неколку години наназад практиката покажува дека добрите споменички интервенции во Загреб по правило се дела кои Градот директно не ги нарачал, а оние градски пластики кои се поврзани со градската управа по правило се лоши. Тоа јасно покажува за каков профил на управа станува збор; затоа, парадоксално, токму Градот кој треба да биде меритум на јавниот интерес, е опасност која треба да се избегне зашто неговата управа ја сочинуваат некомпетентни личности чии одлуки се штетни (не само) за јавниот простор во Загреб.

Споменикот на Људевит Гај е подарок за Загреб од македонскиот скулптор Томе Серафимовски. Веќе при поставувањето на неговата скулптура е зачната идејата истиот скулптор за Загреб да изгради и споменик на Мајка Тереза. Притоа проблемот е повеќекратен. Не станува збор за скулптор од кој требаше што било да се нарача во име на градот, ниту пак споменикот што тој го изгради беше задоволувачки да се постави каде било во јавен простор. Судејќи според Гај и Мајка Тереза, Томе Серафимовски е слаб скулптор кој своето очигледно отсуство на талент го компензира со избор на историски личности и на тој начин всушност преку нив го легитимира своето дело. Скулпторскиот израз на Серафимовски не само што е застарен, туку едноставно е лош. Но, таков каков што е, споменикот на Мајка Тереза е во склад со ликовниот невкус на Католичката црква, која го форсира споменатиот споменик и локацијата, како и на загрепската градска управа која и’ излегува во пресрет на штета на јавниот интерес. Ликовно примитивен, загрепскиот гигантски, три и пол метри висок споменик на Мајка Тереза е во спротивност со декларираната скромност на оваа монахиња. Серафимовски идентични скулптури, но помали, веќе постави во Скопје и во Ватикан. Загрепската скулптура е во конфликт со просторот наменет за него, но и со непосредната близина на веќе постојниот споменик на Аугуст Шеноа, инаку квалитетно дело на Марија Ухевиќ Галетовиќ (кој меѓутоа стои на урбанистички лошо решено плато).

Бизарниот сооднос на Гај и Мајка Тереза наспроти веќе постојните споменици околу нив јасно го покажува расчекорот на световите лишен од секој вкус, самокритичност, но и од општествена одговорност.

(...)

Паралелно со градските иницијативи кои го примитивизираат Загреб, има неколку приватни иницијативи кои одат во сосема друга насока. На пример, предлогот за споменик на Федерико Гарсија Лорка предвидува интервенција во пејзажот на јужната савска инундација западно од Мостот на слободата. Земјените обликувани бранови се во согласност со современите тенденции, и во спротивност со одамна надминатата практика на автореференцијални споменици како што се оние на Гај и на Мајка Тереза, и многу други нови загрепски споменици. Споменикот на Лорка нуди реинтерпретирање на просторот на кој му дава нова содржина без да ја попречува примарната функција, а истовремено поттикнува на интеракција бидејќи низ споменикот можете да се движите, непосредно да го доживувате и да го истражувате.

(...)

Најавениот споменик на Мајка Тереза ќе биде третиот загрепски јавен споменик оваа година. Во февруари, на приватна иницијатива, и во договор со архитектот Хрвоје Њириќ, е поставено успешното дело „Без наслов“ на Ана Елизабет пред детската градинка во Дубрава. Во април е откриен споменикот на Августин Кажотиќ, кој сега во Загреб има два споменици. Постариот се наоѓа на плоштадот пред истоимената црква, додека новиот е во паркот пред според бискупот именуваната црква на Кајзерица. Вториот не е ликовно успешно остварување. Со споменикот на Мајка Тереза, кој повторно се поставува во договор со Католичката црква и без согласност на фелата, градоначалникот Милан Бандиќ повторно и’ угодува на Црквата на штета на градот. Се разбира, и на јавен трошок.

(...)

Грдите споменици се навреда не само на оние во чија чест се подигнуваат, туку и за оние за кои се наменети. Потоа секое евентуално отстранување на таквите споменици може погрешно да се протолкува како отстранување на личностите во чија чест се подигнати. Некои од неодамнешните, но и порано поставени јавни споменици, во иднина сигурно ќе бидат преместени или тргнати, а преместувањето на спомениците воопшто не е новост во загрепската урбана историја. Кога кон темата би се приоѓало одговорно, тогаш не би ни требало да се поместуваат или отстрануваат. Загреб е град со вековна традиција на поставување квалитетни јавни скулптури кои облагородувајќи го јавниот простор на градот го обележија времето во кое настанаа, и кои сведочат за културната средина која знаела да ги препознава, поставува, вреднува и чува. Сликата за Загреб каква што ја создаваат спомениците на Гај, на Радиќ или на Мајка Тереза сепак успеа во едно. Овие споменици се верен приказ на времето на актуелната градска управа и на општеството кое дозволува такво управување.

Извор: Zarez, 10.12.2009

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото